Прескокни кон главната содржина

Михеј

Глава 7

  1. 1

    Тешко мене, зашто со мене е сега како по собирање на летните плодови, како по гроздобер; ни зрнце за каснување, ниту зрел плод, што би посакала мојата душа.

  2. 2

    Нема веќе верни луѓе на земјата, нема праведни меѓу луѓето; сите кројат сплетки, за да проливаат крв; секој му става на својот брат стапица.

  3. 3

    Рацете им се приготвени за да прават зло: владетелот сака подароци, судијата суди за поткуп, а големците пројавуваат лоши похоти на својата душа и ја изопачуваат правдата.

  4. 4

    Најдобриот од нив им е како трн, а најправедниот им е полош отколку ограда од трње. Денот на Твоите стражари, денот на Твојата посета наближува; и сега ќе ги опфати смут.

  5. 5

    Не верувај му на другарот, не потпирај се на пријателот; пред онаа што лежи во твојата постела, не отворај ја широко својата уста.

  6. 6

    Зашто синот го напаѓа татка си, ќерката се противи на мајка си, снаата станува против свекрвата; непријатели на човекот му се неговите домашни.

  7. 7

    Јас, пак, гледам кон Господ; Го чекам Бог на моето спасение; ќе се надевам на Бог; мојот Бог ќе ме чуе.

  8. 8

    Не радувај се за мене, моја непријателко! Иако сум паднат, јас ќе станам; макар што сум сега во мрак; Господ е мојата светлина.

  9. 9

    Ќе го поднесувам Господовиот гнев, - зашто сум згрешил пред Него - додека не го реши моето дело и не ја одбрани мојата правда; тогаш Тој ќе ме изведе на светлина, и јас ќе ја видам Неговата правда.

  10. 10

    И ќе го види тоа мојата непријателка и срам ќе ја покрие онаа што ми велеше: „Каде е Господ, твојот Бог?“ И ќе го видат тоа моите очи - и таа ќе биде згазена како кал на улица.

  11. 11

    Во она време, кога ќе се изѕидаат твоите ѕидови, во тоа време границите ќе се прошират надалеку.

  12. 12

    Во оној ден ќе дојдат кај тебе од Асирија до Египет, од Тир до Реката, и од море до море и од планина до планина.

  13. 13

    А таа земја ќе биде пустина поради гревовите на нејзините жители, и поради последиците од нивните дела.

  14. 14

    Паси го со стапот Твојот народ, стадото на Своето наследство, оние што живеат обединети во шумата среде Кармил, нека пасат во Васан и Галад како во дамнешните денови!

  15. 15

    Ќе му покажам чудесни дела како во времето кога ти излезе од Египетската земја.

  16. 16

    Ќе го видат тоа народите и ќе се засрамат пред сета своја сила; ќе стават рака на својата уста, и нивните уши ќе се заглушат.

  17. 17

    Ќе лижат прав како змии и како црвите што излегуваат од земја, ќе излегуваат од своите гнезда; ќе се уплашат од Господ, од нашиот Бог, и ќе се уплашат од Тебе.

  18. 18

    Кој Бог е како Тебе, за да ги простува беззаконијата, да мине преку престапите на остатокот од Своето наследство? Тој вечно не се гневи, зашто ужива во милоста.

  19. 19

    Тој пак ќе се смили над нас и ќе ги згази нашите беззаконија. Тој ќе ги фрли сите наши гревови во морските длабочини.

  20. 20

    Ти ќе покажеш верност кон домот на Јаков, милост кон Авраам, како што со клетва си им ветил на нашите татковци од дамнешните денови.