Наум
Глава 1
- 1
Пророштвото за Ниневија; книга за видението на Наум од Елкос.
- 2
Господ е ревнив Бог и одмаздник и страшен во Својот гнев: Господ им се одмаздува на Своите непријатели; не ги поштедува ни Своите противници.
- 3
Господ е долготрпелив и голема е Неговата сила, така што не остава никого без казна; Господовиот пат е во виор и бура, а облаците се прав под Неговите нозе.
- 4
Тој му се заканува на морето и го пресушува, и сите реки пресушуваат: овенува Васан и Кармил, и свенува цветот на Ливан.
- 5
Планините се тресат пред Него, и ридовите се топат, земјата потреперува пред Неговото лице, и вселената и сѐ што живее во неа.
- 6
Кој може да устои против Него? И кој може да го издржи пламенот од Неговиот гнев? Неговиот гнев се излива како оган; карпи се распаѓаат пред Него.
- 7
Добар е Господ; Тој е прибежиште во ден на неволја. Тој ги познава оние што се надеваат на Него.
- 8
Но со силна поплава ќе ја уништи Ниневија до темели и мрак ќе ги обземе Неговите непријатели.
- 9
Што сте намислиле против Господ? Тој ќе стави крај на сѐ, и неволите веќе нема да се повторат,
- 10
зашто, иако сплетени како трње и како од вино пијани, тие ќе бидат наполно проголтани, како сува слама.
- 11
Од тебе произлезе оној што смисли зло против Господ и подготви безбожен заговор.
- 12
Вака вели Господ: „Макар што се силни и многубројни, тие ќе бидат исклани и ќе исчезнат; а тебе, иако те измачував, нема веќе да те измачувам.
- 13
И сега ќе го скршам неговиот јарем, кој лежи над тебе, и ќе ги раскинам твоите окови.
- 14
А за тебе, Асире, Господ определи: нема да продолжи твојот род; од домот на твојот бог ќе ги истребам резаните и леаните идоли; во него ќе ти направам гроб кога ќе бидеш презрен.
- 15
Ете, по планините се стапките на гласникот, кој најавува мир: празнувај ги, Јуда, твоите празници, извршувај ги своите завети, зашто преку тебе нема веќе да минува безбожникот; тој е наполно уништен.“