Прескокни кон главната содржина

Исус Навин

Глава 14

  1. 1

    Ова се наследствата што Израелевите синови ги примија во ханаанската земја, а им ги разделија свештеникот Елеазар, Исус Навин, синот Навинов, и поглаварите на татковските домови на Израелевите племиња.

  2. 2

    Наследството на тие девет и пол племиња беше разделено со ждрепка, како што Господ заповеда преку Мојсеј.

  3. 3

    Зашто Мојсеј им беше дал наследство на двете и пол племиња источно од Јордан, но на Левитите не им даде наследство меѓу нив.

  4. 4

    Потомците на Јосиф беа две племиња: Манасиевото и Ефремовото. На Левитите не им дадоа дел во земјата, туку само градови за живеење и пасишта за нивниот добиток и имот.

  5. 5

    Како што Господ му заповеда на Мојсеј, така направија Израелевите синови и ја разделија земјата.

  6. 6

    Тогаш Јудините синови дојдоа кај Исус Навин во Галгал, и Халев, синот на Ефониј Кенезеецот, му рече: „Ти знаеш што му рече Господ на Божјиот човек Мојсеј во Кадис-Варни за мене и за тебе.

  7. 7

    Имав четириесет години кога Господовиот слуга Мојсеј ме испрати од Кадис-Варни да ја разгледам земјата, и му донесов известување според она што ми беше во срцето.

  8. 8

    Но моите браќа што отидоа со мене го обесхрабрија народот; јас, пак, целосно Го следев Господ, мојот Бог.

  9. 9

    Во тој ден Мојсеј се заколна и рече: ‚Земјата по која одеа твоите нозе навистина ќе биде наследство за тебе и за твоите потомци довека, зашто целосно Го следеше Господ, мојот Бог.‘

  10. 10

    Ете, Господ ме зачува жив, како што рече, овие четириесет и пет години, откако Господ му го кажа тоа на Мојсеј, додека Израел одеше низ пустината. И ете, денес имам осумдесет и пет години.

  11. 11

    И денес сум силен како во денот кога Мојсеј ме испрати; каква што беше тогаш мојата сила, таква ми е и сега - за војна, за излегување и за враќање.

  12. 12

    Затоа, дај ми ја сега оваа планинска земја за која Господ зборуваше во тој ден. Ти тогаш слушна дека таму има Енакиими и големи, утврдени градови. Можеби Господ ќе биде со мене и ќе ги истерам, како што рече Господ.“

  13. 13

    Тогаш Исус Навин го благослови и му го даде Хеврон како наследство на Халев, синот на Ефониј.

  14. 14

    Затоа Хеврон му припаѓа на Халев, синот на Ефониј Кенезеецот, до денес, зашто тој целосно Го следеше Господ, Бог Израелев.

  15. 15

    Порано Хеврон се викаше Киријат-Арва; Арва беше најголем човек меѓу Енакимите. И земјата се смири од војна.