Прескокни кон главната содржина

Исус Навин

Глава 22

  1. 1

    Тогаш Исус Навин ги повика Рувимовците, Гадовците и половината од Манасиевото племе,

  2. 2

    и им рече: „Вие исполнивте сѐ што ви заповеда Мојсеј, Господовиот слуга, и го послушавте мојот глас во сѐ што ви заповедав.

  3. 3

    Во текот на сето ова долго време, сѐ до денес, не ги оставивте своите браќа, туку верно ја извршувавте заповедта на Господ, вашиот Бог.

  4. 4

    Сега Господ, вашиот Бог, им даде мир на вашите браќа, како што им вети. Затоа вратете се во своите шатори, во земјата што ви припаѓа, која Мојсеј, Господовиот слуга, ви ја даде од другата страна на Јордан.

  5. 5

    Само грижливо исполнувајте ги заповедите и законот што ви ги даде Мојсеј, Господовиот слуга: да Го љубите Господ, вашиот Бог, да одите по сите Негови патишта, да ги пазите Неговите заповеди, да се држите цврсто за Него и да Му служите со сето свое срце и со сета своја душа.“

  6. 6

    Потоа Исус Навин ги благослови и ги испрати, а тие се вратија во своите шатори.

  7. 7

    На половината од Манасиевото племе Мојсеј му беше дал наследство во Васан, а на другата половина Исус Навин ѝ даде наследство меѓу нивните браќа западно од Јордан. Кога ги испраќаше во нивните шатори, Исус Навин ги благослови,

  8. 8

    и им рече: „Вратете се во своите шатори со големо богатство: со многуброен добиток, со сребро и злато, со бакар и железо и со многу облека. Поделете го со своите браќа пленот земен од вашите непријатели.“

  9. 9

    Така Рувимовците, Гадовците и половината од Манасиевото племе се одделија од Израелевите синови во Шило, во ханаанската земја, и тргнаа кон Галаадската земја, во земјата што им припаѓаше и што ја добија според Господовата заповед дадена преку Мојсеј.

  10. 10

    Кога дојдоа во јорданската област што е во ханаанската земја, Рувимовците, Гадовците и половината од Манасиевото племе изградија покрај Јордан голем и впечатлив жртвеник.

  11. 11

    Израелевите синови слушнаа дека се зборува: „Ете, Рувимовците, Гадовците и половината од Манасиевото племе изградиле жртвеник на границата на ханаанската земја, во областа на Јордан, на страната што им припаѓа на Израелевите синови.“

  12. 12

    Кога Израелевите синови го слушнаа тоа, целата заедница се собра во Шило за да тргне во војна против нив.

  13. 13

    Израелевите синови го испратија во Галаадската земја кај Рувимовците, Гадовците и половината од Манасиевото племе Финес, синот на свештеникот Елеазар,

  14. 14

    а со него и десет владетели, по еден владетел од секој татковски дом на сите Израелеви племиња. Секој од нив беше старешина на својот татковски дом меѓу Израелевите илјадници.

  15. 15

    Кога дојдоа кај Рувимовците, Гадовците и половината од Манасиевото племе во Галаадската земја, им рекоа:

  16. 16

    „Вака зборува целата Господова заедница: Какво е ова неверство што го направивте против Бог Израелев? Зошто денес се одвраќате од Господ и си изградивте жртвеник, бунтувајќи се против Господ?

  17. 17

    Зар малку ни беше гревот кај Фегор, од кој до денес не сме целосно очистени, иако поради него дојде казна врз Господовата заедница?

  18. 18

    А вие денес се одвраќате од Господ! Ако денес се побуните против Господ, утре Тој ќе се разгневи против целата Израелева заедница.

  19. 19

    Ако земјата што ви припаѓа ви изгледа нечиста, тогаш преминете во земјата што Му припаѓа на Господ, каде што се наоѓа Господовиот шатор, и земете наследство меѓу нас. Само не бунтувајте се против Господ и не одделувајте се од нас, градејќи си друг жртвеник покрај жртвеникот на Господ, нашиот Бог.

  20. 20

    Зар Ахан, синот на Зара, не направи неверство со предметите определени за уништување, па гневот дојде врз целата Израелева заедница? Тој човек не загина сам поради своето беззаконие.“

  21. 21

    Тогаш Рувимовците, Гадовците и половината од Манасиевото племе им одговорија на старешините на Израелевите илјадници:

  22. 22

    „Бог над боговите, Господ! Бог над боговите, Господ! Тој знае, а и Израел нека знае: ако ова е бунт или неверство против Господ, тогаш Господ денес нека не нѐ спаси.

  23. 23

    Ако сме си изградиле жртвеник за да се одвратиме од Господ, или за да принесуваме на него жртви паленици или жртви за мир, тогаш Самиот Господ нека нѐ казни.

  24. 24

    Но го направивме тоа од грижа за иднината, зашто си рековме: ‚Утре вашите синови би можеле да им кажат на нашите синови: Каква врска имате вие со Господ, Бог Израелев?

  25. 25

    Господ го постави Јордан како граница меѓу нас и вас, Рувимовци и Гадовци. Вие немате дел во Господ.‘ Така вашите синови би можеле да ги одвратат нашите синови од стравопочит кон Господ.

  26. 26

    Затоа рековме: ‚Да изградиме жртвеник, не за жртви паленици ниту за други жртви,

  27. 27

    туку како сведоштво меѓу нас и вас и меѓу нашите поколенија по нас, дека имаме право да Му служиме на Господ пред Него со своите жртви паленици, со другите жртви и со жртвите за мир. Така вашите синови утре нема да можат да им кажат на нашите синови: Вие немате дел во Господ.‘

  28. 28

    И си рековме: ‚Ако некогаш така ни кажат нам или на нашите потомци, ќе одговориме: Погледнете ја копијата на Господовиот жртвеник што го изградија нашите татковци – не за жртви паленици ниту за други жртви, туку како сведоштво меѓу нас и вас.‘

  29. 29

    Далеку од нас да се побуниме против Господ и денес да се одвратиме од Него, градејќи жртвеник за жртви паленици, житни приноси и други жртви, покрај жртвеникот на Господ, нашиот Бог, што е пред Неговиот шатор!“

  30. 30

    Кога свештеникот Финес, владетелите на заедницата и старешините на Израелевите илјадници што беа со него ги слушнаа зборовите на Рувимовците, Гадовците и Манасиевците, беа задоволни.

  31. 31

    Финес, синот на свештеникот Елеазар, им рече на Рувимовците, Гадовците и Манасиевците: „Денес знаеме дека Господ е меѓу нас, зашто не направивте неверство против Господ. Така ги избавивте Израелевите синови од Господовата казна.“

  32. 32

    Потоа Финес, синот на свештеникот Елеазар, и владетелите се вратија од Рувимовците и Гадовците, од Галаадската земја во ханаанската земја, кај Израелевите синови, и им донесоа известување.

  33. 33

    Тоа им се допадна на Израелевите синови. Тие Го благословија Бог и повеќе не зборуваа да тргнат во војна против Рувимовците и Гадовците и да ја уништат земјата во која живееја.

  34. 34

    Рувимовците и Гадовците го нарекоа жртвеникот „Сведок“, зашто рекоа: „Тој е сведок меѓу нас дека Господ е Бог.“