Исус Навин
Глава 23
- 1
Помина многу време откако Господ му даде мир на Израел од сите околни непријатели. Исус Навин веќе беше остарел и беше во длабока старост.
- 2
Тогаш Исус Навин го повика целиот Израел – неговите старешини, поглавари, судии и управители – и им рече: „Јас остарев и сум во длабока старост.
- 3
Вие видовте сѐ што Господ, вашиот Бог, им направи поради вас на сите овие народи, зашто Господ, вашиот Бог, беше Тој што војуваше за вас.
- 4
Ете, со ждрепка ви ги поделив како наследство на вашите племиња земјите на народите што останаа, како и земјите на сите народи што ги истребив, од Јордан до Големото Море, каде што заоѓа сонцето.
- 5
Господ, вашиот Бог, ќе ги истера пред вас и ќе ги отстрани од пред вашите очи, а вие ќе ја заземете нивната земја, како што Господ, вашиот Бог, ви вети.
- 6
Затоа бидете многу храбри и грижливо пазете и исполнувајте сѐ што е напишано во книгата на Мојсеевиот закон, без да се отклонувате од него ни надесно ни налево.
- 7
Не мешајте се со овие народи што останаа меѓу вас. Не спомнувајте ги имињата на нивните богови, не колнете се во нив, не служете им и не поклонувајте им се.
- 8
Туку цврсто држете се за Господ, вашиот Бог, како што правевте до денес.
- 9
Господ истера пред вас големи и силни народи, и до денес никој не можеше да застане пред вас.
- 10
Еден од вас гонеше илјада, зашто Господ, вашиот Бог, војуваше за вас, како што ви вети.
- 11
Затоа добро внимавајте да Го љубите Господ, вашиот Бог.
- 12
Но ако се одвратите и се приврзете кон остатокот од овие народи што останаа меѓу вас, ако стапувате во бракови со нив и се мешате со нив, а тие со вас,
- 13
тогаш добро знајте дека Господ, вашиот Бог, повеќе нема да ги истерува тие народи пред вас. Тие ќе ви станат стапица и замка, камшици по вашите слабини и трње во вашите очи, додека не исчезнете од оваа добра земја што ви ја даде Господ, вашиот Бог.
- 14
Ете, јас денес одам по патот по кој оди секој човек. Вие знаете со сето свое срце и со сета своја душа дека не остана неисполнето ниту едно од сите добри ветувања што ви ги даде Господ, вашиот Бог. Сите се исполнија; ниту едно не остана неисполнето.
- 15
Но како што ви се исполнија сите добри ветувања што ви ги даде Господ, вашиот Бог, така Господ ќе ги донесе врз вас и сите најавени несреќи, додека не ве истреби од оваа добра земја што ви ја даде Господ, вашиот Бог.
- 16
Ако го прекршите заветот на Господ, вашиот Бог, што Тој ви го заповеда, и отидете да им служите на други богови и да им се поклонувате, тогаш Господовиот гнев ќе пламне против вас и брзо ќе исчезнете од добрата земја што Тој ви ја даде.“