Прескокни кон главната содржина

Исус Навин

Глава 24

  1. 1

    Потоа Исус Навин ги собра во Шехем сите Израелеви племиња. Ги повика Израелевите старешини, поглавари, судии и управители, и тие застанаа пред Бог.

  2. 2

    Исус Навин му рече на целиот народ: „Вака зборува Господ, Бог Израелев: ‚Во старо време вашите татковци живееја од другата страна на Реката – Тара, таткото на Авраам и таткото на Нахор – и им служеа на други богови.

  3. 3

    Но Јас го зедов вашиот татко Авраам од другата страна на Реката, го водев низ целата ханаанска земја, го умножив неговото потомство и му го дадов Исак.

  4. 4

    На Исак му ги дадов Јаков и Исав. На Исав му ја дадов гората Сеир во наследство, а Јаков и неговите синови слегоа во Египет.

  5. 5

    Потоа ги испратив Мојсеј и Арон и го казнив Египет со неволјите што ги нанесов во него, а потоа ве изведов оттаму.

  6. 6

    Ги изведов вашите татковци од Египет и дојдовте до морето. Египќаните ги гонеа вашите татковци со бојни коли и коњаници сѐ до Црвеното Море.

  7. 7

    Тогаш тие повикаа кон Господ, а Тој постави темнина меѓу вас и Египќаните, го навлече морето врз нив и ги покри. Вашите очи видоа што направив во Египет. Потоа долго време живеевте во пустината.

  8. 8

    Потоа ве доведов во земјата на Аморејците што живееја од другата страна на Јордан. Тие војуваа против вас, но Јас ви ги предадов во раце. Вие ја зазедовте нивната земја, а Јас ги истребив пред вас.

  9. 9

    Тогаш Валак, синот на Сефор, царот на Моав, стана и војуваше против Израел. Тој испрати да го повика Валаам, синот на Веор, за да ве проколне.

  10. 10

    Но Јас не сакав да го послушам Валаам. Тој дури и ве благослови, и Јас ве избавив од неговата рака.

  11. 11

    Потоа го преминавте Јордан и дојдовте во Ерихон. Против вас војуваа жителите на Ерихон – Аморејците, Ферезејците, Ханаанците, Хетејците, Гергесејците, Евејците и Евусејците – но Јас ви ги предадов во раце.

  12. 12

    Пред вас испратив стршели, и тие ги истераа пред вас двајцата аморејски цареви. Тоа не го направија ниту вашиот меч ниту вашиот лак.

  13. 13

    Ви дадов земја за која не се трудевте и градови што не ги изградивте, а вие живеете во нив. Јадете од лозја и маслинови насади што не ги садевте.‘

  14. 14

    Затоа сега имајте стравопочит кон Господ и служете Му искрено и верно. Отстранете ги боговите на кои им служеа вашите татковци од другата страна на Реката и во Египет, и служете Му на Господ.

  15. 15

    Но ако не сакате да Му служите на Господ, изберете денес кому ќе му служите: на боговите на кои им служеа вашите татковци од другата страна на Реката, или на боговите на Аморејците во чија земја живеете. А јас и мојот дом ќе Му служиме на Господ.“

  16. 16

    Народот одговори: „Никогаш да не Го оставиме Господ за да им служиме на други богови!

  17. 17

    Зашто Господ, нашиот Бог, е Оној што нѐ изведе нас и нашите татковци од египетската земја, од домот на ропството. Тој ги направи пред нашите очи тие големи знаци и нѐ чуваше по целиот пат по кој одевме и меѓу сите народи низ кои минувавме.

  18. 18

    Господ ги истера пред нас сите народи, вклучувајќи ги и Аморејците што живееја во оваа земја. Затоа и ние ќе Му служиме на Господ, зашто Тој е нашиот Бог.“

  19. 19

    Но Исус Навин му рече на народот: „Нема да можете да Му служите на Господ, зашто Тој е свет Бог; Тој е ревнив Бог. Нема да ги прости вашите престапи и гревови.

  20. 20

    Ако Го оставите Господ и им служите на туѓи богови, Тој ќе се сврти против вас, ќе ви направи зло и ќе ве истреби, иако претходно ви направил добро.“

  21. 21

    Но народот му рече на Исус Навин: „Не, туку на Господ ќе Му служиме!“

  22. 22

    Тогаш Исус Навин му рече на народот: „Вие самите сте сведоци против себе дека Го избравте Господ за да Му служите.“ А тие рекоа: „Сведоци сме.“

  23. 23

    „Тогаш“, рече тој, „отстранете ги туѓите богови што се меѓу вас и насочете ги своите срца кон Господ, Бог Израелев.“

  24. 24

    Народот му рече на Исус Навин: „На Господ, нашиот Бог, ќе Му служиме и Неговиот глас ќе го слушаме.“

  25. 25

    Така Исус Навин склучи завет со народот тој ден и му постави уредби и закони во Шехем.

  26. 26

    Исус Навин ги запиша тие зборови во книгата на Божјиот закон. Потоа зеде голем камен и го постави таму под дабот што беше покрај Господовото светилиште.

  27. 27

    Исус Навин му рече на целиот народ: „Ете, овој камен ќе ни биде сведок, зашто ги чу сите зборови што Господ ни ги рече. Тој ќе ви биде сведок, за да не се одречете од вашиот Бог.“

  28. 28

    Потоа Исус Навин го распушти народот, секого во неговото наследство.

  29. 29

    По тие настани умре Исус Навин, синот на Навин, Господовиот слуга, на сто и десет години.

  30. 30

    Го погребаа во пределот на неговото наследство, во Тимнат-Серах, што е во Ефремовата планинска земја, северно од гората Гаас.

  31. 31

    Израел Му служеше на Господ во сите денови на Исус Навин и во сите денови на старешините што го надживеаја Исус Навин и ги знаеја сите дела што Господ ги направи за Израел.

  32. 32

    Коските на Јосиф, кои Израелевите синови ги донесоа од Египет, ги погребаа во Шехем, во делот од нивата што Јаков го купи за сто сребреници од синовите на Емор, таткото на Шехем. Тој им стана наследство на Јосифовите потомци.

  33. 33

    Умре и Елеазар, синот на Арон. Го погребаа на ридот на неговиот син Финес, кој му беше даден во Ефремовата планинска земја.