Судии
Глава 21
- 1
Израелевите мажи се заколнаа во Масфа: „Никој од нас нема да му ја даде својата ќерка за жена на Венијаминовец“.
- 2
Народот дојде во Ветил и остана таму пред Бог до вечерта. Тие силно и горчливо плачеа.
- 3
Рекоа: „Господи, Израелев Боже, зошто се случи ова во Израел, па денес да недостига едно племе од Израел?“
- 4
Следното утро народот стана рано, изгради таму жртвеник и принесе жртви паленици и жртви за мир.
- 5
Тогаш Израелевите синови прашаа: „Кој од сите Израелеви племиња не дојде на собирот пред Господ?“ Зашто дадоа строга заклетва за оној што нема да дојде пред Господ во Масфа, велејќи: „Тој непременно нека биде погубен“.
- 6
Израелевите синови се сожалија над својот брат Венијамин и рекоа: „Денес едно племе е отсечено од Израел.
- 7
Што да направиме за преживеаните да имаат жени, кога се заколнавме во Господ дека нема да им дадеме жени од нашите ќерки?“
- 8
Потоа прашаа: „Кое од Израелевите племиња не дојде пред Господ во Масфа?“ И се покажа дека од Јавис Галаадски никој не дошол во логорот на собирот.
- 9
Кога народот беше преброен, меѓу нив немаше ниту еден од жителите на Јавис Галаадски.
- 10
Затоа собирот испрати таму дванаесет илјади од најхрабрите мажи и им заповеда: „Одете и со острицата на мечот погубете ги жителите на Јавис Галаадски, заедно со жените и децата.
- 11
Направете го следново: погубете го секој маж и секоја жена што имала телесен однос со маж“.
- 12
Меѓу жителите на Јавис Галаадски најдоа четиристотини млади девојки што немале телесен однос со маж. Нив ги доведоа во логорот во Шило, во хананската земја.
- 13
Тогаш целиот собир испрати луѓе да разговараат со Венијаминовците што беа кај карпата Римон и да им објават мир.
- 14
Венијаминовците се вратија, а Израелците им ги дадоа за жени девојките од Јавис Галаадски што ги оставија живи. Но немаше доволно за сите.
- 15
Народот се сожали над Венијамин, зашто Господ допушти да настане празнина меѓу Израелевите племиња.
- 16
Тогаш старешините на собирот рекоа: „Што да направиме за преостанатите да имаат жени, кога жените од Венијамин беа истребени?“
- 17
Уште рекоа: „На преживеаните Венијаминовци мора да им остане наследство, за да не биде избришано едно племе од Израел.
- 18
Но ние не можеме да им дадеме жени од нашите ќерки, зашто Израелевите синови се заколнаа: ‚Проклет да биде оној што ќе му даде жена на Венијамин‘.“
- 19
Потоа рекоа: „Ете, секоја година во Шило има Господов празник“. Шило е северно од Ветил, источно од патот што води од Ветил кон Шехем и јужно од Левона.
- 20
Затоа им заповедаа на Венијаминовците: „Одете и скријте се во лозјата.
- 21
Набљудувајте, и кога девојките од Шило ќе излезат да играат оро, тогаш излезете од лозјата и секој нека си грабне жена меѓу девојките од Шило, па вратете се во Венијаминовата земја.
- 22
Кога нивните татковци или браќа ќе дојдат кај нас да се жалат, ќе им речеме: ‚Бидете милостиви кон нив заради нас, зашто во војната не обезбедивме жена за секого. А и вие не им ги дадовте своите ќерки, па не сте виновни за прекршување на заклетвата‘.“
- 23
Венијаминовците направија така. Според својот број зедоа жени од девојките што играа оро, потоа се вратија во своето наследство, повторно ги изградија градовите и се населија во нив.
- 24
Тогаш Израелевите синови си заминаа оттаму, секој кај своето племе и кај својот род; секој се врати во своето наследство.
- 25
Во тие денови немаше цар во Израел; секој го правеше она што мислеше дека е исправно.