Прескокни кон главната содржина

Плачот на Еремија

Глава 2

  1. 1

    Како Господ во Својот гнев ја покри со облак ќерката Сионска! Ја фрли од небото на земјата славата Израелева и во денот на Својот гнев не се сети на местото каде што почиваа Неговите нозе.

  2. 2

    Господ без сожалување ги уништи сите живеалишта Јаковови. Во Својот гнев ги урна тврдините на ќерката Јудина и ги срамни со земјата; ги понижи царството и неговите водачи.

  3. 3

    Во жестокиот гнев ја скрши сета сила Израелева. Ја повлече Својата десница пред непријателот и се разгоре против Јаков како пламен што проголтува сѐ околу себе.

  4. 4

    Го затегна Својот лак како непријател и ја крена Својата десница како противник. Ги погуби сите што беа радост за очите. Врз живеалиштето на ќерката Сионска го излеа Својот гнев како оган.

  5. 5

    Господ стана како непријател. Го проголта Израел, ги уништи сите негови дворци и ги разурна неговите тврдини. Ја исполни ќерката Јудина со тага и плач.

  6. 6

    Го разурна Своето живеалиште како колиба во градина и го уништи местото на собранието. Господ направи во Сион да се заборават празникот и саботата; во жестокиот Свој гнев ги отфрли царот и свештеникот.

  7. 7

    Господ го отфрли Својот жртвеник и го презре Своето светилиште. Ѕидовите на нејзините дворци ги предаде во рацете на непријателот. Тие кренаа врева во Господовиот дом како на празничен ден.

  8. 8

    Господ реши да го урне ѕидот на ќерката Сионска. Ја развлече мерната врвка и не ја повлече Својата рака од уништувањето. Направи да тагуваат бедемот и ѕидот; заедно ослабнаа.

  9. 9

    Нејзините порти потонаа во земјата; Тој ги уништи и ги искрши нејзините резиња. Нејзиниот цар и водачите се меѓу народите; нема Закон, а ни пророците повеќе не добиваат видение од Господ.

  10. 10

    Старешините на ќерката Сионска седат молчејќи на земјата. Ставаат прав на главите и се опашуваат со вреќиште. Девојките Ерусалимски ги наведнаа главите до земјата.

  11. 11

    Очите ми се истрошија од солзи, утробата ми се превртува, срцето ми се растопува од жал поради пропаста на ќерката на мојот народ, додека децата и доенчињата изнемоштуваат по градските улици.

  12. 12

    Ги прашуваат своите мајки: „Каде има жито и вино?“ — додека паѓаат како ранети по градските улици и им згаснува животот во прегратките на своите мајки.

  13. 13

    Со што да те споредам, ќерко Ерусалимска? На што да те уподобам за да те утешам, девице, ќерко Сионска? Твојата пропаст е голема како морето. Кој може да те исцели?

  14. 14

    Твоите пророци ти гледаа лажни и празни виденија. Не го разоткриваа твоето беззаконие за да те вратат на вистинскиот пат, туку ти објавуваа лажни и измамнички пораки.

  15. 15

    Сите што минуваат по патот плескаат со рацете поради тебе. Потсвирнуваат и ја нишаат главата над ќерката Ерусалимска: „Ова ли е градот за кој велеа дека е совршенство на убавината и радост на целата земја?“

  16. 16

    Сите твои непријатели ја отвораат устата против тебе. Потсвирнуваат, чкртаат со забите и велат: „Ја проголтавме! Еве го денот што го чекавме! Го дочекавме и го видовме!“

  17. 17

    Господ го направи она што го намисли. Го исполни Својот збор што го објави уште од древните денови. Разурна без сожалување, му даде радост на непријателот над тебе и ја возвиши силата на твоите противници.

  18. 18

    Нивното срце вика кон Господ. Ѕиду на ќерката Сионска, нека течат твоите солзи како поток дење и ноќе! Не давај си одмор и нека не пресушуваат солзите од твоите очи!

  19. 19

    Стани, викај ноќе, на почетокот на секоја ноќна стража! Излеј го своето срце како вода пред Господ. Подигни ги рацете кон Него за животот на своите деца што изнемоштуваат од глад на секој уличен агол.

  20. 20

    „Погледни, Господи, и види! Со кого си постапил вака? Зар жените да го јадат плодот на својата утроба, децата што ги негувале? Зар во Господовото светилиште да бидат убиени свештеник и пророк?

  21. 21

    По улиците лежат на земјата млад и стар. Моите девојки и младичи паднаа од меч. Ги погуби во денот на Својот гнев; ги закла без сожалување.

  22. 22

    Како да повикуваш народ на празник, ги повика од сите страни оние што ме ужаснуваат. Во денот на Господовиот гнев никој не избега и никој не преживеа. Оние што ги негувам и одгледував, мојот непријател ги уништи.“