Плачот на Еремија
Глава 5
- 1
Сети се, Господи, што ни се случи! Погледни и види го нашиот срам!
- 2
Нашето наследство им припадна на туѓинци, а нашите домови на странци.
- 3
Станавме сираци без татко; нашите мајки се како вдовици.
- 4
Сопствената вода ја пиеме за пари, а за сопствените дрва мораме да плаќаме.
- 5
Гонителите ни се над вратот. Изнемоштени сме и не ни даваат одмор.
- 6
Подадовме рака кон Египет и Асирија само за да добиеме доволно леб.
- 7
Нашите татковци згрешија и веќе ги нема, а ние ги носиме последиците од нивните беззаконија.
- 8
Слуги владеат над нас и нема кој да нѐ избави од нивната рака.
- 9
Го набавуваме својот леб со ризик за животот поради мечот во пустината.
- 10
Кожата ни гори како печка од жестокиот глад.
- 11
Жените во Сион беа обесчестени, а девојките во градовите на Јуда.
- 12
Водачите беа обесени за рацете, а старешините не беа почитувани.
- 13
Младичите носеа воденички камења, а момчињата паѓаа под товарот на дрвата.
- 14
Старешините исчезнаа од градската порта, а младичите престанаа да свират.
- 15
Исчезна радоста од нашите срца; нашето оро се претвори во жалост.
- 16
Падна круната од нашата глава. Тешко нам, зашто згрешивме!
- 17
Поради тоа нашето срце е болно; поради сето ова нашите очи се помрачија.
- 18
Гората Сион е опустошена и по неа шетаат лисици.
- 19
Но Ти, Господи, владееш засекогаш; Твојот престол е од поколение до поколение.
- 20
Зошто би нѐ заборавил засекогаш? Зошто би нѐ оставил толку долго?
- 21
Врати нѐ кај Себе, Господи, и ние ќе се вратиме! Обнови ги нашите денови како некогаш!
- 22
Освен ако сосема не нѐ отфрли и не се разгневи премногу против нас.