Прескокни кон главната содржина

Лука

Глава 1

  1. 1

    Бидејќи многумина се зафатија да состават извештај за настаните што се исполнија меѓу нас,

  2. 2

    како што ни ги предадоа оние што од почетокот беа очевидци и служители на Зборот,

  3. 3

    и јас, откако внимателно испитав сѐ од самиот почеток, решив по ред да ти напишам, почитуван Теофиле,

  4. 4

    за да ја знаеш сигурноста на она во што си бил поучен.

  5. 5

    Во деновите на јудејскиот цар Ирод живееше еден свештеник по име Захарија, од Авиевата свештеничка смена. Неговата жена беше од Ароновите ќерки и се викаше Елисавета.

  6. 6

    И двајцата беа праведни пред Бог и живееја беспрекорно според сите Господови заповеди и уредби.

  7. 7

    Но немаа деца, бидејќи Елисавета беше неплодна жена, а и двајцата веќе беа во поодминати години.

  8. 8

    Еднаш, кога Захарија ја вршеше свештеничката служба пред Бог според редот на својата смена,

  9. 9

    според свештеничкиот обичај, ждрепката падна на него да влезе во Господовиот храм и да принесе темјан.

  10. 10

    Во времето кога се принесуваше темјан, целото мноштво народ стоеше надвор и се молеше.

  11. 11

    Тогаш му се јави Господов ангел, стоејќи од десната страна на жртвеникот за темјан.

  12. 12

    Кога го виде, Захарија се вознемири и го обзеде страв.

  13. 13

    Но ангелот му рече: „Не плаши се, Захарија, зашто твојата молитва е чуена. Твојата жена Елисавета ќе ти роди син, и ќе му го дадеш името Јован.

  14. 14

    Тој ќе ти биде радост и веселба, и мнозина ќе се радуваат на неговото раѓање.

  15. 15

    Зашто ќе биде голем пред Господ. Нема да пие вино ниту силен пијалак, и уште од мајчината утроба ќе биде исполнет со Светиот Дух.

  16. 16

    Многу од Израелевите синови ќе ги врати кај Господ, нивниот Бог.

  17. 17

    Тој ќе оди пред Него во духот и силата на Илија, за да ги сврти срцата на татковците кон децата и непослушните кон мудроста на праведните, и така да подготви народ за Господ.“

  18. 18

    Захарија му рече на ангелот: „По што ќе знам дека тоа ќе биде така? Јас сум стар, а и мојата жена е веќе во години.“

  19. 19

    Ангелот му одговори: „Јас сум Гаврил, кој стои пред Бог. Испратен сум да зборувам со тебе и да ти ја донесам оваа добра вест.

  20. 20

    И еве, ќе замолчиш и нема да можеш да зборуваш до денот кога ќе се случи ова, затоа што не им поверува на моите зборови, кои ќе се исполнат во свое време.“

  21. 21

    Народот го чекаше Захарија и се чудеше што се забави во храмот.

  22. 22

    А кога излезе, не можеше да зборува со нив; и разбраа дека имал видение во храмот; тој им објаснуваше со знаци, но остануваше нем.

  23. 23

    И штом изминаа деновите на неговата служба, тој се врати дома.

  24. 24

    По тие денови неговата жена Елисавета зачна и пет месеци се криеше, велејќи:

  25. 25

    „Вака ми направи Господ во деновите кога милостиво погледна на мене, за да го отстрани мојот срам меѓу луѓето.“

  26. 26

    Во шестиот месец Бог го испрати ангелот Гаврил во галилејскиот град Назарет,

  27. 27

    кај една девојка свршена за маж по име Јосиф, од Давидовиот дом. Девојката се викаше Марија.

  28. 28

    Ангелот влезе кај неа и рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе.“

  29. 29

    Таа се вознемири од тие зборови и се прашуваше каков поздрав е тоа.

  30. 30

    Ангелот ѝ рече: „Не плаши се, Марија, зашто најде милост кај Бог.

  31. 31

    Еве, ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син; ќе Му го дадеш името Исус.

  32. 32

    Тој ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот. Господ Бог ќе Му го даде престолот на Неговиот татко Давид.

  33. 33

    Тој ќе царува над Јакововиот дом засекогаш, и Неговото царство нема да има крај.“

  34. 34

    Марија му рече на ангелот: „Како ќе биде тоа, кога не познавам маж?“

  35. 35

    Ангелот ѝ одговори: „Светиот Дух ќе слезе врз тебе, и силата на Севишниот ќе те осени. Затоа и Светото што ќе се роди ќе се нарече Божји Син.

  36. 36

    Еве, и твојата роднина Елисавета зачна син во својата старост. Таа, која ја нарекуваа неплодна жена, сега е во шестиот месец,

  37. 37

    зашто ниеден збор од Бог нема да биде невозможен.“

  38. 38

    Марија рече: „Еве ја Господовата слугинка. Нека ми биде според твојот збор.“ И ангелот си замина од неа.

  39. 39

    Во тие денови Марија стана и брзо тргна кон горскиот крај, во еден град во Јудеја.

  40. 40

    Влезе во домот на Захарија и ја поздрави Елисавета.

  41. 41

    Кога Елисавета го слушна поздравот на Марија, детето заигра во нејзината утроба, а Елисавета се исполни со Светиот Дух.

  42. 42

    Таа извика со силен глас и рече: „Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба!

  43. 43

    Од каде ми е ова – мајката на мојот Господ да дојде кај мене?

  44. 44

    Еве, штом гласот на твојот поздрав допре до моите уши, детето заигра од радост во мојата утроба.

  45. 45

    Блажена е таа што поверува, зашто ќе се исполни она што ѝ беше речено од Господ.“

  46. 46

    Марија рече: „Мојата душа Го велича Господ,

  47. 47

    и мојот дух се радува во Бог, мојот Спасител,

  48. 48

    зашто Тој погледна на понизноста на Својата слугинка. Ете, отсега сите поколенија ќе ме нарекуваат блажена,

  49. 49

    зашто Силниот направи големи дела за мене, и свето е Неговото име.

  50. 50

    Неговата милост е од поколение во поколение над оние што се бојат од Него.

  51. 51

    Со Својата рака покажа сила: ги распрсна оние што се горди во мислите на своето срце.

  52. 52

    Ги симна моќниците од престолите, а ги подигна понизните.

  53. 53

    Гладните ги исполни со добра, а богатите ги испрати празни.

  54. 54

    Му помогна на Својот слуга Израел и се сети на Својата милост,

  55. 55

    како што им зборуваше на нашите татковци, на Авраам и на неговото потомство довека.“

  56. 56

    Марија остана со Елисавета околу три месеци, па се врати во својот дом.

  57. 57

    Кога дојде времето Елисавета да роди, таа роди син.

  58. 58

    Нејзините соседи и роднини слушнаа дека Господ ѝ покажал голема милост, па се радуваа со неа.

  59. 59

    На осмиот ден дојдоа да го обрежат детето и сакаа да го наречат Захарија, според името на неговиот татко.

  60. 60

    Но неговата мајка рече: „Не, туку ќе се вика Јован.“

  61. 61

    Тие ѝ рекоа: „Нема никој меѓу твоите роднини што се вика така.“

  62. 62

    Потоа со знаци го прашаа неговиот татко како сака да се вика детето.

  63. 63

    Тој побара штичка и напиша: „Името му е Јован.“ И сите се зачудија.

  64. 64

    Во истиот миг му се отвори устата и му се одврза јазикот; почна да зборува и Го благословуваше Бог.

  65. 65

    Страв ги опфати сите што живееја околу нив, и по целиот горски крај на Јудеја се зборуваше за сите овие настани.

  66. 66

    Сите што слушнаа ги чуваа тие зборови во своите срца и велеа: „Што ли ќе биде ова дете?“ Зашто Господовата рака беше со него.

  67. 67

    Неговиот татко Захарија се исполни со Светиот Дух и пророкуваше, велејќи:

  68. 68

    „Благословен е Господ, Бог на Израел, зашто го посети и го откупи Својот народ.

  69. 69

    Тој ни подигна силен Спасител во домот на Својот слуга Давид,

  70. 70

    како што зборуваше преку устата на Своите свети пророци од старо време:

  71. 71

    спасение од нашите непријатели и од раката на сите што нѐ мразат;

  72. 72

    да им покаже милост на нашите татковци и да се сети на Својот свет завет,

  73. 73

    на заклетвата што му ја даде на нашиот татко Авраам:

  74. 74

    дека ќе нѐ избави од раката на непријателите, за да Му служиме без страв,

  75. 75

    во светост и праведност пред Него во сите наши денови.

  76. 76

    А ти, дете, ќе се наречеш пророк на Севишниот, зашто ќе одиш пред Господ да Му ги подготвиш патиштата,

  77. 77

    да му дадеш на Неговиот народ познавање на спасението преку простување на нивните гревови,

  78. 78

    поради длабоката милост на нашиот Бог, со која ќе нѐ посети изгревот од висините,

  79. 79

    за да им засветли на оние што седат во темнина и во сенка на смртта, и да ги насочи нашите нозе кон патот на мирот.“

  80. 80

    А детето растеше и се зајакнуваше во духот. Живееше во пустинските места до денот кога се појави пред Израел.