Лука
Глава 2
- 1
Во тие денови излезе заповед од царот Август да се попише целото царство.
- 2
Овој прв попис се изврши кога Кириниј управуваше со Сирија.
- 3
Сите одеа да се запишат, секој во својот град.
- 4
И Јосиф тргна од Галилеја, од градот Назарет, кон Јудеја, во Давидовиот град наречен Витлеем, бидејќи беше од Давидовиот дом и род,
- 5
за да се запише со Марија, која му беше свршена и беше бремена.
- 6
Додека беа таму, дојде времето таа да роди.
- 7
Го роди својот првороден Син, Го пови и Го положи во јасли, зашто за нив немаше место во просторијата за гости.
- 8
Во тој крај имаше пастири кои престојуваа на отворено и ноќе го чуваа своето стадо.
- 9
Одеднаш пред нив застана Господов ангел, а Господовата слава ги осветли. Тие многу се исплашија.
- 10
Но ангелот им рече: „Не плашете се! Еве, ви објавувам голема радост, која ќе биде за сиот народ:
- 11
денес во Давидовиот град ви се роди Спасител, Кој е Христос Господ.
- 12
Ова ќе ви биде знак: ќе најдете повиено Дете како лежи во јасли.“
- 13
Одеднаш со ангелот се појави многубројна небесна војска, која Го славеше Бог и велеше:
- 14
„Слава на Бог во висините, а на земјата мир меѓу луѓето на Неговата наклоност!“
- 15
Кога ангелите си заминаа од нив на небото, пастирите си рекоа еден на друг: „Да одиме во Витлеем и да го видиме настанот за кој Господ нѐ извести.“
- 16
Тие отидоа брзо и ги најдоа Марија и Јосиф, и Детето како лежи во јаслите.
- 17
Кога Го видоа, го објавија она што им беше кажано за ова Дете.
- 18
Сите што слушаа се восхитуваа на она што им го раскажуваа пастирите.
- 19
А Марија ги чуваше сите тие зборови и размислуваше за нив во своето срце.
- 20
Пастирите се вратија, славејќи Го и фалејќи Го Бог за сѐ што чуја и видоа, токму како што им беше кажано.
- 21
Кога се навршија осум дена и требаше Детето да биде обрежано, Му го дадоа името Исус – името што ангелот го кажа пред Тој да биде зачнат во утробата.
- 22
Кога се навршија деновите на нивното очистување според Мојсеевиот закон, Го однесоа во Ерусалим за да Го претстават пред Господ,
- 23
како што е напишано во Господовиот закон: „Секое првородено машко дете нека Му биде посветено на Господ“,
- 24
и за да принесат жртва според она што е речено во Господовиот закон: „Две грлици или две гулапчиња.“
- 25
Во Ерусалим живееше еден човек по име Симеон. Тој беше праведен и побожен и ја очекуваше утехата на Израел; Светиот Дух беше врз него.
- 26
Светиот Дух му беше открил дека нема да види смрт пред да Го види Господовиот Христос.
- 27
Поттикнат од Духот, тој дојде во храмот. Кога родителите Го внесоа Детето Исус за да го извршат она што Законот го бараше за Него,
- 28
Симеон Го зеде на раце, Го благослови Бог и рече:
- 29
„Сега, Владико, го отпушташ Својот слуга во мир, според Твојот збор,
- 30
зашто моите очи го видоа Твоето спасение,
- 31
кое го подготви пред лицето на сите народи:
- 32
светлина за просветлување на незнабожците и слава на Твојот народ Израел.“
- 33
Неговиот татко и Неговата мајка се чудеа на она што се зборуваше за Него.
- 34
Симеон ги благослови и ѝ рече на Неговата мајка Марија: „Еве, Овој е поставен за паѓање и подигање на мнозина во Израел и за знак против кој ќе зборуваат,
- 35
а меч ќе ја прободе и твојата душа – за да се откријат мислите на многу срца.“
- 36
Таму беше и пророчицата Ана, ќерка на Фануил, од Асировото племе. Таа беше во поодминати години; по моминството живееше со својот маж седум години,
- 37
а потоа беше вдовица до осумдесет и четиригодишна возраст. Не се оддалечуваше од храмот, туку Му служеше на Бог со пост и молитва дење и ноќе.
- 38
Во истиот час пристапи и таа, Му благодареше на Бог и им зборуваше за Исус на сите што го очекуваа избавувањето на Ерусалим.
- 39
Кога извршија сѐ според Господовиот закон, се вратија во Галилеја, во својот град Назарет.
- 40
А Детето растеше и се зајакнуваше, исполнувајќи се со мудрост; и Божјата благодат беше врз Него.
- 41
Неговите родители секоја година одеа во Ерусалим на празникот Пасха.
- 42
Кога Исус имаше дванаесет години, тие отидоа според празничниот обичај.
- 43
Откако завршија празничните денови и се враќаа, момчето Исус остана во Ерусалим, а Неговите родители не го забележаа тоа.
- 44
Мислејќи дека е со патниците, поминаа еден ден пат. Потоа почнаа да Го бараат меѓу роднините и познаниците.
- 45
Бидејќи не Го најдоа, се вратија во Ерусалим и Го бараа.
- 46
По три дена Го најдоа во храмот како седи меѓу учителите, ги слуша и им поставува прашања.
- 47
Сите што Го слушаа се восхитуваа на Неговото разбирање и на Неговите одговори.
- 48
Кога Го видоа, се зачудија. Неговата мајка рече: „Сине, зошто ни го направи ова? Еве, Твојот татко и јас загрижени Те баравме.“
- 49
Тој им рече: „Зошто Ме баравте? Зар не знаевте дека треба да бидам во домот на Мојот Татко?“
- 50
Но тие не го разбраа она што им го рече.
- 51
Потоа слезе со нив и дојде во Назарет, и им беше послушен. Неговата мајка ги чуваше сите овие зборови во своето срце.
- 52
Исус напредуваше во мудрост, во раст и во наклоност пред Бог и пред луѓето.