Прескокни кон главната содржина

Лука

Глава 3

  1. 1

    Во петнаесеттата година од владеењето на царот Тивериј, кога Понтиј Пилат беше управител на Јудеја, Ирод обласен владетел на Галилеја, неговиот брат Филип обласен владетел на Итуреја и Трахонитската област, а Лисаниј обласен владетел на Авилинија,

  2. 2

    за време на првосвештениците Ана и Кајафа, Божјиот збор му дојде на Јован, синот на Захарија, во пустината.

  3. 3

    Тој го обиколи целиот јордански крај, проповедајќи крштевање на покајание за простување на гревовите,

  4. 4

    како што е напишано во книгата на пророкот Исаија: „Глас на еден што вика во пустината: Подгответе го патот на Господ; исправете ги Неговите патеки.

  5. 5

    Секоја долина нека се исполни, секоја планина и секој рид нека се снижат; кривите патишта нека се исправат, а нерамните нека станат рамни.

  6. 6

    И сите луѓе ќе го видат Божјото спасение.“

  7. 7

    На мноштвото што доаѓаше да биде крстено од него, Јован му велеше: „Змиски породу! Кој ве предупреди да бегате од гневот што доаѓа?

  8. 8

    Донесете плодови достојни за покајание и не почнувајте да си велите: Авраам ни е татко. Зашто ви велам: Бог може и од овие камења да подигне деца на Авраам.

  9. 9

    Веќе и секирата лежи до коренот на дрвјата. Затоа, секое дрво што не дава добар плод се сече и се фрла во оган.“

  10. 10

    Луѓето го прашуваа: „Тогаш што да правиме?“

  11. 11

    Тој им одговори: „Кој има две облеки, нека му даде на оној што нема; а кој има храна, нека направи исто.“

  12. 12

    Дојдоа и даночници да се крстат и го прашаа: „Учителе, што да правиме?“

  13. 13

    Тој им рече: „Не барајте повеќе од она што ви е одредено.“

  14. 14

    Го прашаа и војници: „А што да правиме ние?“ Тој им рече: „Не изнудувајте пари од никого, не обвинувајте лажно и бидете задоволни со својата плата.“

  15. 15

    Народот беше во очекување и сите во своите срца се прашуваа за Јован дали можеби тој е Христос.

  16. 16

    Јован им одговори на сите: „Јас ве крштавам со вода; но доаѓа Посилен од мене, Кому не сум достоен ни да Му ги одврзам ремените на обувките. Тој ќе ве крсти со Светиот Дух и со оган.

  17. 17

    Лопатата за веење е во Неговата рака. Тој целосно ќе го исчисти Своето гумно, ќе ја собере пченицата во Својата житница, а плевата ќе ја изгори со неизгаслив оган.“

  18. 18

    Со уште многу други зборови го опоменуваше народот и му го објавуваше Евангелието.

  19. 19

    Но обласниот владетел Ирод, кого Јован го укоруваше поради Иродијада, жената на неговиот брат, и поради сите зла што ги направи,

  20. 20

    на сето тоа го додаде и ова: го затвори Јован во затвор.

  21. 21

    Кога се крсти сиот народ, се крсти и Исус. Додека се молеше, небото се отвори,

  22. 22

    и Светиот Дух слезе врз Него во телесен облик како гулаб. Од небото се слушна глас: „Ти си Мојот сакан Син; во Тебе наоѓам задоволство.“

  23. 23

    Кога ја започна Својата служба, Исус имаше околу триесет години. Според мислењето на луѓето, беше син на Јосиф, син на Или,

  24. 24

    син на Матат, син на Левиј, син на Мелхиј, син на Јанај, син на Јосиф,

  25. 25

    син на Мататија, син на Амос, син на Наум, син на Еслим, син на Нагај,

  26. 26

    син на Маат, син на Мататија, син на Семеј, син на Јосих, син на Јода,

  27. 27

    син на Јоанан, син на Риса, син на Зоровавел, син на Салатиил, син на Нири,

  28. 28

    син на Мелхиј, син на Адиј, син на Косам, син на Елмодам, син на Ир,

  29. 29

    син на Исус, син на Елиезер, син на Јорим, син на Матат, син на Левиј,

  30. 30

    син на Симеон, син на Јуда, син на Јосиф, син на Јонам, син на Елијаким,

  31. 31

    син на Мелеа, син на Мена, син на Матата, син на Натан, син на Давид,

  32. 32

    син на Јесеј, син на Овид, син на Вооз, син на Сала, син на Наасон,

  33. 33

    син на Аминадав, син на Админ, син на Арни, син на Есром, син на Фарес, син на Јуда,

  34. 34

    син на Јаков, син на Исак, син на Авраам, син на Тара, син на Нахор,

  35. 35

    син на Серух, син на Рагау, син на Фалек, син на Евер, син на Сала,

  36. 36

    син на Каинан, син на Арфаксад, син на Сим, син на Ное, син на Ламех,

  37. 37

    син на Матусал, син на Енох, син на Јаред, син на Малелеил, син на Каинан,

  38. 38

    син на Енос, син на Сит, син на Адам, син на Бог.