Лука
Глава 4
- 1
Исус, исполнет со Светиот Дух, се врати од Јордан, а Духот Го водеше во пустината.
- 2
Четириесет дена беше искушуван од ѓаволот. Во тие денови ништо не јадеше, а кога тие завршија, огладне.
- 3
И Му рече ѓаволот: „Ако си Божји Син, кажи му на овој камен да стане леб.“
- 4
Исус му одговори: „Напишано е: ‚Човекот нема да живее само од леб.‘“
- 5
И кога Го одведе нагоре, ѓаволот Му ги покажа во еден миг сите царства на светот.
- 6
И Му рече ѓаволот: „Тебе ќе Ти ја дадам сета оваа власт, и нивната слава, зашто мене ми е предадена, и ја давам кому сакам.
- 7
Затоа, ако ми се поклониш, сето тоа ќе биде Твое.“
- 8
Исус му одговори: „Напишано е: ‚На Господ, твојот Бог, поклонувај Му се и служи само Нему!‘“
- 9
Потоа ѓаволот Го одведе во Ерусалим, Го постави на врвот од храмот и Му рече: „Ако си Божји Син, фрли се оттука долу,
- 10
зашто е напишано: ‚На Своите ангели ќе им заповеда за Тебе да Те чуваат,
- 11
и тие ќе Те носат на раце, за да не ја удриш Својата нога во камен.‘“
- 12
Исус му одговори: „Речено е: ‚Не искушувај Го Господ, твојот Бог.‘“
- 13
Кога ги заврши сите искушенија, ѓаволот се оддалечи од Него до погодно време.
- 14
Исус се врати во Галилеја во силата на Духот; и се разнесе глас за Него по целиот тој крај.
- 15
А Тој поучуваше по нивните синагоги, прославуван од сите.
- 16
И дојде во Назарет, каде што беше одраснал, и по Својот обичај влезе еден саботен ден во синагогата, па застана да чита.
- 17
Му ја подадоа книгата на пророкот Исаија; и Тој, штом ја отвори, го најде местото каде што беше напишано:
- 18
„Господовиот Дух е врз Мене, зашто Ме помаза да им го објавам Евангелието на сиромашните. Ме испрати да им објавам ослободување на заробените и прогледување на слепите, да ги ослободам угнетените
- 19
и да ја објавам годината на Господовата милост.“
- 20
И кога ја затвори книгата и му ја даде на слугата, седна; а очите на сите во синагогата беа вперени во Него.
- 21
Почна да им зборува: „Денес се исполни ова Писмо што го слушнавте.“
- 22
Сите зборуваа добро за Него и се восхитуваа на благодатните зборови што излегуваа од Неговата уста. Велеа: „Не е ли Овој синот на Јосиф?“
- 23
Тој им рече: „Сигурно ќе Ми ја кажете поговорката: ‚Лекаре, излекувај се самиот! Направи го и овде, во Својот роден крај, она што чувме дека се случило во Капернаум.‘“
- 24
Потоа рече: „Вистина ви велам: ниеден пророк не е прифатен во својот роден крај.
- 25
Навистина ви кажувам: имаше вдовици во Израел, во деновите на Илија, кога се затвори небото три години и шест месеци и настана голем глад во целата земја;
- 26
и при ниедна од нив не беше испратен Илија, но само кај вдовицата во Сарепта Сидонска;
- 27
Многумина во Израел беа болни од лепра во времето на пророкот Елисеј, но ниеден од нив не беше очистен, освен Сириецот Нееман.“
- 28
А кога го чуја тоа, сите во синагогата се исполнија со гнев;
- 29
Тие станаа, Го изведоа надвор од градот и Го одведоа до работ на ридот на кој беше изграден нивниот град, со намера да Го турнат надолу.
- 30
Но Тој си помина меѓу нив и си отиде.
- 31
И слезе во Капернаум, во галилејскиот град, и ги поучуваше во саботните денови.
- 32
Се восхитуваа на Неговото учење, зашто Неговиот Збор беше со власт.
- 33
Во синагогата имаше човек опседнат од нечист демонски дух. Тој извика со силен глас:
- 34
„Остави нѐ! Што имаш Ти со нас, Исусе Назареецу? Дојде ли да нѐ погубиш? Знам Кој си — Светиот Божји!“
- 35
Исус му заповеда: „Молкни и излези од него!“ Демонот го фрли човекот среде сите и излезе од него, без да му наштети.
- 36
Сите се зачудија и си велеа еден на друг: „Каков е овој Збор? Со власт и сила им заповеда на нечистите духови, и тие излегуваат!“
- 37
Па се разнесе глас за Него по сите околни места.
- 38
Откако излезе од синагогата, Исус влезе во домот на Симон. Симоновата тешта имаше силна треска, па Го замолија да ѝ помогне.
- 39
Исус застана над неа, ја укори треската и таа ја остави. Жената веднаш стана и им служеше.
- 40
На зајдисонце, сите што имаа болни од разни болести ги доведуваа кај Него. Тој полагаше раце врз секого од нив и ги исцелуваше.
- 41
Од мнозина излегуваа и демони, викајќи: „Ти си Божјиот Син!“ Но Тој ги укоруваше и не им дозволуваше да зборуваат, зашто знаеја дека Тој е Христос.
- 42
Кога се раздени, Исус излезе и отиде на осамено место. Луѓето Го бараа, а кога дојдоа кај Него, се обидуваа да Го задржат за да не си оди од нив.
- 43
Но Тој им рече: „И во другите градови треба да го објавам Евангелието за Божјото царство, зашто за тоа сум испратен.“
- 44
И проповедаше по синагогите во Јудеја.