Прескокни кон главната содржина

Лука

Глава 5

  1. Еднаш, додека народот се притискаше околу Него за да го слуша Божјиот Збор, Исус стоеше покрај Генисаретското Езеро.

  2. Таму виде два чамца покрај езерото; рибарите беа излегле од нив и ги переа мрежите.

  3. Исус влезе во еден од чамците, кој му припаѓаше на Симон, и го замоли малку да се оддалечи од брегот. Потоа седна и ги поучуваше луѓето од чамецот.

  4. Кога престана да зборува, му рече на Симон: „Заплови кон длабочината и фрлете ги своите мрежи за лов.“

  5. Симон Му одговори: „Учителе, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме; но по Твојот збор ќе ги фрлам мрежите.“

  6. Кога го направија тоа, уловија толку многу риби што мрежите почнаа да им се кинат.

  7. Тогаш им дадоа знак на другарите во другиот чамец да дојдат и да им помогнат. Тие дојдоа и ги наполнија двата чамца, така што речиси потонуваа.

  8. Кога го виде тоа, Симон Петар падна пред Исусовите колена и рече: „Оди си од мене, Господи, зашто сум грешен човек!“

  9. Зашто запрепастеност го обзеде него и сите што беа со него поради големиот улов на риби,

  10. како и Јаков и Јован, синовите на Зеведеј, кои му беа другари на Симон. Исус му рече на Симон: „Не плаши се! Отсега ќе ловиш луѓе.“

  11. Кога ги извлекоа чамците на суво, оставија сѐ и тргнаа по Него.

  12. Додека Исус беше во еден град, дојде човек целосно покриен со лепра. Кога Го виде Исус, падна ничкум и Го молеше: „Господи, ако сакаш, можеш да ме очистиш.“

  13. Исус ја протегна раката, го допре и рече: „Сакам. Очисти се!“ И лепрата веднаш исчезна од него.

  14. Му заповеда никому да не кажува, туку му рече: „Оди, покажи му се на свештеникот и принеси за своето очистување она што го заповеда Мојсеј, за сведоштво пред нив.“

  15. Но веста за Него сѐ повеќе се ширеше. Големи мноштва се собираа да Го слушаат и да бидат исцелени од своите болести.

  16. А Тој се повлекуваше на осамени места и се молеше.

  17. Еден ден, додека Исус поучуваше, таму седеа фарисеи и учители на Законот, дојдени од сите галилејски и јудејски села и од Ерусалим. Господовата сила беше со Него за да исцелува.

  18. И ете, неколкумина донесоа на постела парализиран човек и се обидуваа да го внесат и да го положат пред Исус.

  19. Бидејќи поради мноштвото не најдоа од каде да го внесат, се качија на покривот и го спуштија со постелата низ ќерамидите, среде собраните, пред Исус.

  20. Кога ја виде нивната вера, Исус рече: „Човеку, простени ти се гревовите.“

  21. Учителите на Законот и фарисеите почнаа да размислуваат и да велат: „Кој е Овој што зборува хули? Кој може да простува гревови освен единствениот Бог?“

  22. Но Исус ги знаеше нивните мисли и им рече: „Зошто размислувате така во своите срца?

  23. Што е полесно да се каже: ‚Простени ти се гревовите‘, или: ‚Стани и оди‘?

  24. Но за да знаете дека Човечкиот Син има власт на земјата да простува гревови“ – му рече на парализираниот: „Тебе ти велам: стани, земи ја својата постела и оди си дома.“

  25. Тој веднаш стана пред нив, го зеде она на кое лежеше и си отиде дома, прославувајќи Го Бог.

  26. Сите се восхитија, Го прославуваа Бог и, исполнети со страв, велеа: „Денес видовме чудесни работи!“

  27. Потоа Исус излезе и виде еден даночник по име Левиј како седи на царинарницата. Му рече: „Следи Ме!“

  28. Тој остави сѐ, стана и тргна по Него.

  29. Левиј Му приреди голема гозба во својот дом. Таму имаше многу даночници и други луѓе што седеа со нив на трпезата.

  30. Фарисеите и нивните учители на Законот негодуваа и им рекоа на Неговите ученици: „Зошто јадете и пиете со даночници и грешници?“

  31. Исус им одговори: „На здравите не им треба лекар, туку на болните.

  32. Не сум дошол да ги повикам праведните, туку грешниците на покајание.“

  33. Тие Му рекоа: „Учениците на Јован често постат и се молат, како и учениците на фарисеите, а Твоите јадат и пијат.“

  34. Исус им одговори: „Можете ли да ги натерате гостите на свадбата да постат додека младоженецот е со нив?

  35. Но ќе дојдат денови кога младоженецот ќе им биде одземен; тогаш, во тие денови, ќе постат.“

  36. Им кажа и парабола: „Никој не кине парче од нова облека за да закрпи стара. Инаку, ќе ја искине новата, а новото парче нема да прилега на старата.

  37. И никој не става ново вино во стари мевови. Инаку, новото вино ќе ги раскине мевовите, ќе се истури, а мевовите ќе пропаднат.

  38. Туку новото вино треба да се стави во нови мевови.

  39. [И] никој што пиел старо вино не посакува ново, зашто вели: ‚Старото е добро.‘“