Прескокни кон главната содржина

Лука

Глава 15

  1. 1

    Сите даночници и грешници се приближуваа до Исус за да Го слушаат.

  2. 2

    А фарисеите и учителите на Законот негодуваа: „Овој прима грешници и јаде со нив.“

  3. 3

    Тогаш Исус им ја кажа оваа парабола:

  4. 4

    „Кој од вас, ако има сто овци и загуби една од нив, нема да ги остави деведесет и деветте во пустината и да тргне по загубената додека не ја најде?

  5. 5

    Кога ќе ја најде, радосно ја става на своите рамења.

  6. 6

    Кога ќе дојде дома, ги повикува пријателите и соседите и им вели: ‚Радувајте се со мене, зашто ја најдов својата загубена овца!‘

  7. 7

    Ви велам: така на небото ќе има поголема радост за еден грешник што се кае отколку за деведесет и девет праведници на кои не им е потребно покајание.

  8. 8

    Или која жена, ако има десет драхми и загуби една, нема да запали светилка, да ја измете куќата и внимателно да бара додека не ја најде?

  9. 9

    Кога ќе ја најде, ги повикува своите пријателки и сосетки и им вели: ‚Радувајте се со мене, зашто ја најдов драхмата што ја загубив!‘

  10. 10

    Така, ви велам, има радост пред Божјите ангели за еден грешник што се кае.“

  11. 11

    Потоа рече: „Еден човек имаше два сина.

  12. 12

    Помладиот му рече на својот татко: ‚Татко, дај ми го делот од имотот што ми припаѓа.‘ И таткото им го раздели имотот.

  13. 13

    По неколку дена, помладиот син собра сѐ и замина во далечна земја. Таму го растури својот имот живеејќи разуздано.

  14. 14

    Кога потроши сѐ, настана голем глад во таа земја и тој почна да трпи немаштија.

  15. 15

    Тогаш отиде и се најми кај еден човек од таа земја, а тој го испрати на своите полиња да пасе свињи.

  16. 16

    Посакуваше да го наполни стомакот со рогачите што ги јадеа свињите, но никој не му даваше.

  17. 17

    Кога дојде при себе, рече: ‚Колку наемници кај мојот татко имаат леб во изобилство, а јас овде умирам од глад!

  18. 18

    Ќе станам, ќе отидам кај својот татко и ќе му речам: Татко, згрешив против небото и пред тебе.

  19. 19

    Веќе не сум достоен да се наречам твој син; прими ме како еден од своите наемници.‘

  20. 20

    Стана и отиде кај својот татко. Додека беше уште далеку, неговиот татко го виде, се сожали, потрча, го прегрна и го бакнуваше.

  21. 21

    Синот му рече: ‚Татко, згрешив против небото и пред тебе. Веќе не сум достоен да се наречам твој син.‘

  22. 22

    Но таткото им рече на своите слуги: ‚Брзо донесете ја најдобрата облека и облечете го. Ставете му прстен на раката и обувки на нозете.

  23. 23

    Донесете го угоеното теле и заколете го. Да јадеме и да се веселиме,

  24. 24

    зашто овој мој син беше мртов и оживе; беше загубен и се најде.‘ И почнаа да се веселат.

  25. 25

    А неговиот постар син беше на нива. Кога се враќаше и се приближи до куќата, слушна музика и играње.

  26. 26

    Повика еден од слугите и го праша што се случува.

  27. 27

    Тој му рече: ‚Твојот брат се врати, а твојот татко го закла угоеното теле, зашто му се врати жив и здрав.‘

  28. 28

    Постариот син се разгневи и не сакаше да влезе. Неговиот татко излезе и го молеше да влезе.

  29. 29

    Но тој му одговори на таткото: ‚Еве, толку години ти служам и никогаш не сум ја прекршил твојата заповед, а мене никогаш не ми даде ни јаре да се развеселам со своите пријатели.

  30. 30

    Но кога дојде овој твој син, кој ти го растури имотот со блудници, за него го закла угоеното теле.‘

  31. 31

    Таткото му рече: ‚Сине, ти секогаш си со мене и сѐ што е мое е твое.

  32. 32

    Но требаше да се веселиме и да се радуваме, зашто овој твој брат беше мртов и оживе; беше загубен и се најде.‘“