Прескокни кон главната содржина

Лука

Глава 18

  1. 1

    Исус им кажа парабола за тоа дека треба секогаш да се молат и да не се обесхрабруваат.

  2. 2

    Рече: „Во еден град имаше судија кој не се плашеше од Бог и не се обѕираше на луѓето.

  3. 3

    Во истиот град имаше и една вдовица која постојано доаѓаше кај него и велеше: ‚Заштити ме од мојот противник.‘

  4. 4

    Тој долго време не сакаше. Но потоа си рече: ‚Иако не се плашам од Бог и не се обѕирам на луѓето,

  5. 5

    сепак, бидејќи оваа вдовица постојано ме вознемирува, ќе ѝ ја дадам правдата, за да не доаѓа непрестајно и да ме измори.‘“

  6. 6

    Господ рече: „Слушнете што вели неправедниот судија.

  7. 7

    А зар Бог нема да им даде правда на Своите избрани, кои ден и ноќ викаат кон Него? Ќе ги остави ли долго да чекаат?

  8. 8

    Ви велам: брзо ќе им даде правда. Но кога Човечкиот Син ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?“

  9. 9

    А на некои што беа уверени во себе дека се праведни и ги презираа другите, Исус им ја кажа оваа парабола:

  10. 10

    „Двајца луѓе се искачија во храмот да се молат: едниот фарисеј, а другиот даночник.

  11. 11

    Фарисејот стоеше и се молеше во себе вака: ‚Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе: грабливци, неправедници, прељубници, или како овој даночник.

  12. 12

    Постам двапати во седмицата и давам десеток од сѐ што стекнувам.‘

  13. 13

    А даночникот стоеше подалеку и не смееше ни очите да ги подигне кон небото, туку се удираше во градите и велеше: ‚Боже, смилувај ми се мене, грешниот!‘

  14. 14

    Ви велам: овој си отиде дома оправдан, а не оној. Зашто секој што се возвишува ќе биде понижен, а кој се понижува ќе биде возвишен.“

  15. 15

    Му носеа и мали деца, за да ги допре. Кога учениците го видоа тоа, ги прекоруваа луѓето.

  16. 16

    Но Исус ги повика децата и рече: „Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене и не спречувајте ги, зашто на таквите им припаѓа Божјото царство.

  17. 17

    Вистина ви велам: кој не го прими Божјото царство како дете, нема да влезе во него.“

  18. 18

    Еден управител Го праша: „Добар Учителе, што треба да направам за да наследам вечен живот?“

  19. 19

    Исус му рече: „Зошто Ме нарекуваш добар? Никој не е добар освен Еден – Бог.

  20. 20

    Заповедите ги знаеш: ‚Не прави прељуба, не убивај, не кради, не сведочи лажно, почитувај го својот татко и својата мајка.‘“

  21. 21

    Тој рече: „Сето тоа го пазам од младоста.“

  22. 22

    Кога Исус го слушна тоа, му рече: „Уште едно ти недостига: продај сѐ што имаш, раздели им на сиромасите и ќе имаш богатство на небесата; па дојди и следи Ме.“

  23. 23

    Но кога го слушна тоа, тој многу се ожалости, зашто беше многу богат.

  24. 24

    Исус, гледајќи го [дека се ожалости], рече: „Колку тешко влегуваат во Божјото царство оние што имаат богатство!

  25. 25

    Полесно ѝ е на камила да помине низ иглено уво, отколку богат човек да влезе во Божјото царство.“

  26. 26

    Оние што слушаа рекоа: „Тогаш кој може да се спаси?“

  27. 27

    А Тој рече: „Она што е невозможно за луѓето, возможно е за Бог.“

  28. 28

    Петар рече: „Ете, ние оставивме сѐ свое и Те следиме.“

  29. 29

    Исус им рече: „Вистина ви велам: нема никој што оставил куќа, жена, браќа, родители или деца заради Божјото царство,

  30. 30

    а да не прими многукратно повеќе во ова време, и во идниот век – вечен живот.“

  31. 31

    Исус ги зеде дванаесеттемина насамо и им рече: „Еве, одиме кон Ерусалим, и ќе се исполни сѐ што напишале пророците за Човечкиот Син.

  32. 32

    Ќе им биде предаден на незнабожците, ќе Му се потсмеваат, ќе Го навредуваат и ќе Го плукаат.

  33. 33

    Ќе Го камшикуваат и ќе Го убијат, а на третиот ден ќе воскресне.“

  34. 34

    Но учениците не разбраа ништо од тоа. Значењето на овие зборови им беше скриено и не го сфатија она што им го зборуваше.

  35. 35

    Кога Исус се приближуваше до Ерихон, еден слеп човек седеше покрај патот и просеше.

  36. 36

    Кога слушна дека поминува мноштво, праша што се случува.

  37. 37

    Му кажаа: „Поминува Исус Назареецот.“

  38. 38

    Тогаш извика: „Исусе, Сине на Давид, смилувај ми се!“

  39. 39

    Оние што одеа напред го укоруваа да замолчи, но тој уште посилно викаше: „Сине на Давид, смилувај ми се!“

  40. 40

    Исус застана и заповеда да го доведат кај Него. Кога човекот се приближи, Исус го праша:

  41. 41

    „Што сакаш да направам за тебе?“ Тој одговори: „Господи, да прогледам!“

  42. 42

    Исус му рече: „Прогледај! Твојата вера те спаси.“

  43. 43

    Тој веднаш прогледа и тргна по Исус, прославувајќи Го Бог. И целиот народ, кога го виде тоа, Го прослави Бог.