Малахија
Глава 1
- 1
Пророштво: Господовиот збор до Израел преку Малахија.
- 2
Ве засакав, вели Господ. А вие рековте: „Во што си покажал милост кон нас?“ Зар Исав не е брат на Јаков, вели Господ, но сепак Јас го засакав Јаков,
- 3
А Исав го замразив; неговите планини ги претворив во пустош, а неговото наследство им го оставив на пустинските шакали.
- 4
Ако Едом рече: ‚Разорени сме, но ќе се вратиме и ќе ги изградиме урнатините‘, вака вели Господ на небесните војски: ‚Тие ќе градат, но Јас ќе уривам. И ќе ги наречат: Област на безбожноста и народ врз кој Господ е разгневен засекогаш.
- 5
И вие ќе го видите тоа, па ќе речете: се возвеличи Господ над Израелевите предели.
- 6
Синот го почитува својот татко, а слугата — својот господар. Ако сум Јас Татко, каде е почитта кон Мене? И ако сум Јас Господар, каде е стравопочитта кон Мене? — вели Господ над војските вам, свештеници, кои го презирате Моето име. А вие велите: ‚Со што го презираме Твоето име?‘
- 7
На Мојот жртвеник вие принесувате нечист леб, а велите, со што Те оскверуваме? - Со тоа што велите: Господовата трпеза не заслужува почитување.
- 8
И кога како жртва принесувате слеп добиток - не ли е тоа лошо, или кога принесувате хромо и болно, зар и тоа не е лошо? Ако го однесеш тоа на твојот владетел - ќе биде ли тој задоволен од тоа и ќе те прими ли со радост, вели Господ над војските.
- 9
И така, молете Му се на Бог за да нѐ помилува; но штом таква работа излегува од вашите раце, ќе може ли Тој тоа милостиво да го прими, вели Господ над војските.
- 10
Подобро е некој од вас да ја затвори вратата и да не се пали напразно оган на Мојот жртвеник. Не сте Ми мили, вели Господ над војските, и не сакам да примам дар од вашите раце.
- 11
Зашто од сончев исток па сѐ до запад Моето име ќе стане големо меѓу народите, и тие на секое место ќе принесуваат темјан и чиста жртва; големо ќе стане Моето име меѓу народите, вели Господ над војските.
- 12
А вие го хулите со тоа што велите - Господовата трпеза не заслужува почитување и користа од неа е мала.
- 13
А вие велите: ‚Каков товар!‘ и го презирате тоа — вели Господ над војските. Донесувате украдено, хромо и болно, и тоа го принесувате како дар. Зар да го примам тоа од вашите раце? — вели Господ.
- 14
Нека е проклет оној што лаже, оној кој во своето стадо има неповредено машко, и дал завет, па во жртва на Господ Му принесува повредено; зашто Јас сум голем Цар и Моето име е страшно пред народите.