Малахија
Глава 2
- 1
И така, оваа заповед е за вас, свештеници:
- 2
ако не послушате и не си ставите на срце, за да оддадете слава на Моето име, вели Господ над војските, Јас ќе испратам над вас проклетство и ќе ги проколнам вашите благослови, и веќе проколнувам, бидејќи вие не сакате ова да го примите на срце.
- 3
И ете, Јас ќе ви го одземам трудот, а нечистотијата од вашите празнични жртви ќе ви ја фрлам врз лицето, и ќе ве исфрлам заедно со нив.
- 4
И тогаш ќе познаете, дека Јас ја дадов таа заповед, за да го запазам Мојот завет со Левиј, вели Господ над војските.
- 5
Мојот Завет со него беше завет за живот и мир, и Јас му го дадов за да има страв; тој се боеше од Мене и од Моето име се плашеше.
- 6
Законот на вистината беше во неговата уста, и неправедност не се најде на неговиот јазик; во мир и правда тој одеше со Мене и многумина отстрани од грев.
- 7
Зашто устата на свештеникот треба да располага со знаење, и Законот го бараат од неговата уста, бидејќи тој е гласник на Господ над војските.
- 8
А вие се отстранивте од овој пат, на многумина им послуживте за сопнување во Законот, го разрурнавте заветот на Левиј, вели Господ над војските.
- 9
Затоа Јас ќе ве направам презрени и понизени пред сиот народ, зашто не ги запазивте Моите патишта и во Законот сте пристрасни.
- 10
Зар сите немаме еден Татко? Нели еден Бог нѐ создаде? Зошто тогаш ја изневеруваме довербата еден на друг, осквернувајќи го заветот на нашите татковци?
- 11
Јуда постапува неверно, и одвратност се врши во Израел и во Ерусалим, зашто Јуда ја оскверни Господовата светиња, која Тој ја сака, и се ожени со ќерка на туѓ бог.
- 12
Господ ќе го истреби од шаторите на Јаков секој што го прави тоа, и оној што принесува дар на Господ над војските.
- 13
А го правите и ова: го обливате со солзи Господовиот жртвеник, плачејќи и воздивнувајќи, така што Тој веќе не гледа на приносот и не го прима приносот со благонаклоност од вашите раце.
- 14
Вие, пак, велите - зошто? Поради тоа што Господ беше сведок меѓу тебе и жената од твојата младост, спрема која постапи неверно, иако таа е твоја сопатничка и жена со која си склучил завет.
- 15
Зар Бог не ги соедини во едно, иако духот Му припаѓа Нему? И зошто ги направи едно? За да има потомство што Му припаѓа на Бог. Затоа чувајте го својот дух и никој да не ја изневерува жената на својата младост.
- 16
Ако, пак, ја напуштиш од омраза, вели Господ Бог Израелев, бесчестие ќе си навлечеш на својата облека, така вели Господ над војските. Затоа пазете го својот дух да не постапувате неверно.
- 17
Вие го разгневувате Господ со своите зборови, велејќи: па со што го лутиме? Со тоа што велите - секој што прави зло, добар е пред очите на Господ и Нему Му е угоден, а и каде е Бог, Кој по правда суди?