Малахија
Глава 3
- 1
И ете, Јас ќе го испратам Својот гласник, и тој ќе го приготви патот пред Мене, и ненадејно ќе дојде во Својот храм Господ, Кого Го барате, и Ангелот на заветот, кого вие го пожелувате; ете, Тој доаѓа, вели Господ над војските.
- 2
Но кој ќе го издржи денот на Неговото доаѓање, и кој ќе устои, кога ќе се јави Тој? Зашто Тој е како оган, што растопува, и сапун за перење,
- 3
па ќе седне Тој да претопува и да чисти сребро, и ќе ги очисти синовите на Левиј и ќе ги претопи како злато и како сребро, за да Му принесат жртва со правда.
- 4
Тогаш приносот на Јуда и на Ерусалим ќе Му биде пријатен на Господ, како во старите времиња и како во поранешните години.
- 5
И ќе дојде кај вас за суд и ќе биде брз извршител против вражачите и прељубодејците, и против оние кои лажно се колнат и ја задржуваат наградата на наемникот, ги измачуваат вдовиците и сираците, ги одбиваат доселениците, и од Мене не се бојат, вели Господ над војските.
- 6
Зашто Јас сум Господ и не се изменувам; затоа вие, Јаковови синови не бевте уништени.
- 7
Уште од деновите на вашите татковци отстапивте од Моите наредби и не ги запазивте; обрнете се кон Мене, и Јас ќе се обрнам кон вас, вели Господ на небесните војски. Вие, пак, ќе речете: ‚Како да се обрнеме?‘
- 8
Може ли човек да краде од Бог? Но вие крадете од Мене. Ќе речете: ‚што крадеме од Тебе? - од десетокот и од приносите.‘
- 9
Со проклетство сте проколнати, зашто Ме ограбувате - вие и сиот народ.
- 10
Донесете ги сите десетоци во ризницата, па да има храна во Мојот дом, и барем во тоа испитајте Ме, вели Господ над војските: зар нема да ги отворам небесните прозорци за да излијам благослов на вас, па да имате и на претек?
- 11
Заради вас ќе им забранам на оние што ги изедуваат земните плодови, и вашата лоза во полето нема да остане без плод, вели Господ над војските.
- 12
И блажени ќе ве нарекуваат сите народи, зашто ќе бидете земја посакувана, вели Господ над војските.
- 13
Дрски се вашите зборови пред Мене, вели Господ над војските. Прашувате: - што зборуваме против Тебе?
- 14
Велите: залудно е да Му се служи на Бог, и каква корист имаме ако ги пазиме Неговите наредби и одиме во жална облека пред лицето на Господ над војските?
- 15
Ете, ние ги сметаме гордите за подобри: напредуваат оние што вршат беззаконие, па, иако Го искушуваат Господ, остануваат незасегнати.
- 16
Но оние, кои се бојат од Бог, си велат еден на друг: Господ гледа и го пази тоа, и пред Неговото лице се пишува книга на споменот за оние што се бојат од Бог и го почитуваат Неговото име.
- 17
Тие ќе бидат Мои, вели Господ над војските, Моја сопственост во оној ден што ќе го приготвам, и ќе ги поштедам како што татко го милува својот син, кој му служи.
- 18
И тогаш повторно ќе ја видите разликата меѓу праведник и безбожник, меѓу оној кој Му служи на Бог и оној кој не Му служи.