Захарија
Глава 14
- 1
Ете, настапува Господовиот ден кога ќе го разделат ограбеното од тебе пред тебе.
- 2
Ќе ги соберам сите народи во војна против Ерусалим; градот ќе биде преземен, и домовите разгребени; жените ќе бидат обесчестени, половината од градот ќе отиде во ропство; но останатиот народ нема да биде истребен од градот.
- 3
Тогаш ќе излезе Господ и ќе се сврти против тие народи, како што војуваше во борбен ден.
- 4
И ќе застанат Неговите нозе на Елеонската Гора во оној ден, што се наоѓа спротив Ерусалим од источната страна: и ќе се расцепи Елеонската Гора од исток кон запад со многу голема долина и половината ќе појде кон север, а втората половина кон југ.
- 5
И вие ќе побегнете во долината на Моите гори, зашто планинската долина ќе се протега до Асил; а ќе побегнете како што бегавте од земјотресот во деновите на Озија, царот Јудејски; и ќе дојде Господ, мојот Бог, и сите светии со Него.
- 6
Во тој ден нема да има светила, светилата ќе бидат премавнати.
- 7
Тој ден ќе биде единствен, познат само на Господ; ниту ден, ниту ноќ - само приквечер ќе се појави светлина.
- 8
Во тој ден ќе потечат живи води од Ерусалим, половина кон источното море, а половина кон западното море; така ќе биде и лете и зиме.
- 9
И Господ ќе биде Цар над целата земја; во тој ден Господ ќе биде единствен и Неговото име - едно единствено.
- 10
Целата таа земја ќе биде како рамнината од Гаваон до Ремон, јужно од Ерусалим, кој се извисил на своето место и кој ќе се насели од портите Венијаминови до местото на првите порти, до Агловите порти, и од кулата на Ананеила до царските визби.
- 11
И ќе се населат во него, и проклетство нема да има повеќе, а Ерусалим ќе се наоѓа во безопасност.
- 12
И ете какво ќе биде казната со која Господ ќе ги порази сите народи, кои војувале против Ерусалим - телото на секого од нив ќе се исуши уште додека стои на своите нозе, и очите ќе му се стопат во длабнатините, и јазикот ќе му се исуши во неговата уста.
- 13
И во тој ден ќе завладее голем смут од Господ, така што еден со друг ќе се фаќаат за рака и секој ќе ја подига својата рака против раката на својот ближен.
- 14
Но и Јуда самиот ќе војува против Ерусалим, и богатството на сите околни народи ќе биде собрано: злато, сребро и облеки во голем број.
- 15
Таков пораз ќе има и над коњите и мазгите, камилите и ослите, и над секаков добиток, што ќе се наоѓа во нивните куќи.
- 16
А потоа сите други што доаѓаат во Ерусалим, од сите народи, ќе доаѓаат од година во година, за да се поклонат на Царот, на Господ на небесните војски, и да го празнуваат празникот Сеници.
- 17
И, ако некое од племињата земни не појде во Ерусалим, за да Му се поклони на Царот, на Господ на небесните војски, дожд нема да падне кај нив.
- 18
И, ако племето египетско не тргне на пат и не дојде тука, и тоа нема да добие дожд, па ќе го постигне пораз, со каков ги порази Господ оние народи, што не доаѓале да го празнуваат празникот Сеници.
- 19
Ете што ќе стане за гревот на Египет и за гревот на сите народи, кои нема да дојдат да го празнуваат празникот Сеници.
- 20
Во тоа време дури на уздите од коњите ќе биде забележано „Свето на Господ“, и котлите во Господовиот дом ќе бидат како жртвените садови пред жртвеникот.
- 21
И сите котли во Ерусалим и во Јуда ќе бидат Свето на Господ на небесните војски, и ќе доаѓаат сите што принесуваат жртва, ќе ги земат и ќе варат во нив, и нема повеќе да има ниту еден Хананеец во домот на Господ на небесните војски во тој ден.