Прескокни кон главната содржина

Захарија

Глава 13

  1. 1

    Во оној ден ќе се отвори извор за Давидовиот дом и за жителите ерусалимски, за да се измијат од нивните гревови и од нечистотијата.

  2. 2

    Во оној ден, вели Господ на небесните војски, Јас ќе ги истребам имињата на идолите од оваа земја, и тие повеќе нема да се спомнуваат; ќе ги истребам и лажните пророци и нечистиот дух од оваа земја.

  3. 3

    Тогаш, ако некој претскажува, татко му и мајка му, што го родиле, ќе му речат: ти не треба да живееш, зашто кажуваш лага во името на Господ; и ќе го убијат татко му и мајка му, кога тој ќе претскажува.

  4. 4

    Во оној ден ќе се засрамат таквите претскажувачи, секој од своето кажување, кога ќе почнат да претскажуваат, и нема да се облекуваат во груби покајнички платна, за да лажат.

  5. 5

    Тогаш секој ќе рече: јас не сум пророк, земјоделец сум, бидејќи некој ме направил роб од моето детство.

  6. 6

    Но ќе му речат: а од што ти се белезите на твоите раце? Тој ќе одговори: од тоа што ме биеја дома оние што ме сакаа.

  7. 7

    О, мечу, подигни се против Мојот пастир и против Мојот ближен, вели Господ на небесните војски: порази го пастирот, и овците ќе се распрснат! И Јас ќе ја свртам Својата рака против малите.

  8. 8

    И по целата земја, вели Господ, два дела од неа ќе бидат истребени, ќе изумрат, а третиот ќе остане.

  9. 9

    И тој трет дел ќе го минам низ оган, и ќе го стопам како што се топи среброто, и ќе го исчистам, како што се чисти злато; тие ќе го повикаат Моето име, и Јас ќе ги чујам; тоа е Мојот народ, а тие ќе речат: Господ е мојот Бог!