Прескокни кон главната содржина

Марко

Глава 1

  1. 1

    Почетокот на Евангелието за Исус Христос, [Божјиот Син].

  2. 2

    Како што е напишано кај пророкот Исаија: „Еве, пред Тебе го испраќам Мојот гласник, кој ќе Ти го подготви патот.

  3. 3

    Глас вика во пустината: ‚Подгответе го патот на Господ, исправете ги Неговите патеки!‘“

  4. 4

    Така се појави Јован Крстител во пустината и проповедаше крштавање на покајание за простување на гревовите.

  5. 5

    Кај него доаѓаа луѓе од целата јудејска земја и од Ерусалим. Ги исповедаа своите гревови, а тој ги крштаваше во реката Јордан.

  6. 6

    Јован носеше облека од камилски влакна и кожен појас околу половината, а се хранеше со скакулци и див мед.

  7. 7

    Тој проповедаше: „По мене доаѓа Оној што е посилен од мене. Јас не сум достоен ни да се наведнам и да Му ги одврзам ремените на сандалите.

  8. 8

    Јас ве крстив со вода, а Тој ќе ве крсти со Светиот Дух.“

  9. 9

    Во тие денови Исус дојде од Назарет, во Галилеја и Јован Го крсти во Јордан.

  10. 10

    И штом излезе од водата, Исус виде како небесата се отвораат и како Духот слегува врз Него како гулаб.

  11. 11

    Од небесата се слушна глас: „Ти си Мојот сакан Син; во Тебе наоѓам задоволство.“

  12. 12

    Веднаш потоа Духот Го одведе во пустината.

  13. 13

    Таму остана четириесет дена, искушуван од сатаната. Беше меѓу диви животни, а ангелите Му служеа.

  14. 14

    Откако Јован беше предаден, Исус дојде во Галилеја и го проповедаше Божјото Евангелие,

  15. 15

    велејќи: „Времето се исполни и Божјото царство се приближи. Покајте се и верувајте во Евангелието.“

  16. 16

    Додека одеше покрај Галилејското Море, Исус ги виде Симон и неговиот брат Андреј како фрлаат мрежа во морето, зашто беа рибари.

  17. 17

    Исус им рече: „Тргнете по Мене, и Јас ќе ве направам ловци на луѓе.“

  18. 18

    Тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него.

  19. 19

    Малку понатаму ги виде Јаков, синот на Зеведеј, и неговиот брат Јован. Тие беа во чамецот и ги поправаа мрежите.

  20. 20

    Исус веднаш ги повика. Тие го оставија својот татко Зеведеј во чамецот со наемниците и тргнаа по Него.

  21. 21

    Потоа дојдоа во Капернаум. Во саботата Исус влезе во синагогата и почна да поучува.

  22. 22

    Луѓето беа восхитени од Неговото учење, зашто ги поучуваше како Оној што има власт, а не како учителите на Законот.

  23. 23

    Во нивната синагога имаше човек обземен од нечист дух, кој извика:

  24. 24

    „Што имаш Ти со нас, Исусе Назареќанецу? Дојде ли да нѐ погубиш? Знам Кој си Ти – Светиот Божји!“

  25. 25

    Исус остро му заповеда: „Замолчи и излези од него!“

  26. 26

    Нечистиот дух го затресе човекот, силно извика и излезе од него.

  27. 27

    Сите се зачудија и почнаа да се прашуваат: „Што е ова? Ново учење со власт! Тој им заповеда и на нечистите духови, и тие Му се покоруваат.“

  28. 28

    Веста за Него веднаш се рашири насекаде низ целата галилејска околина.

  29. 29

    Штом излегоа од синагогата, дојдоа во домот на Симон и Андреј, заедно со Јаков и Јован.

  30. 30

    Симоновата тешта лежеше болна од треска, и веднаш Му кажаа за неа.

  31. 31

    Исус ѝ пријде, ја фати за рака и ја подигна. Треската ја остави и таа почна да им служи.

  32. 32

    Кога се стемни, по зајдисонце, Му ги донесоа сите болни и сите што беа опседнати од демони.

  33. 33

    Целиот град се собра пред вратата.

  34. 34

    Исус исцели многумина што страдаа од разни болести и истера многу демони. Но не им дозволуваше да зборуваат, зашто знаеја Кој е Тој.

  35. 35

    Рано наутро, додека уште беше темно, Исус стана, излезе и отиде на осамено место; таму се молеше.

  36. 36

    Симон и оние што беа со него тргнаа да Го бараат.

  37. 37

    Кога Го најдоа, Му рекоа: „Сите Те бараат.“

  38. 38

    Тој им рече: „Да одиме во блиските места, за да проповедам и таму, зашто за тоа дојдов.“

  39. 39

    И така одеше низ цела Галилеја, проповедајќи во нивните синагоги и истерувајќи демони.

  40. 40

    Кај Него дојде еден човек болен од лепра, [падна на колена] и Го молеше: „Ако сакаш, можеш да ме очистиш.“

  41. 41

    Исус се сожали, ја подаде раката, го допре и му рече: „Сакам. Биди чист!“

  42. 42

    Веднаш лепрата го остави и човекот стана чист.

  43. 43

    Исус строго го предупреди и веднаш го испрати,

  44. 44

    велејќи му: „Гледај никому ништо да не кажеш. Оди, покажи му се на свештеникот и принеси го она што Мојсеј го заповедал за твоето очистување, како сведоштво пред нив.“

  45. 45

    Но човекот излезе и почна многу да зборува и да ја разгласува случката. Поради тоа Исус веќе не можеше јавно да влегува во градовите, туку остануваше надвор, на осамени места; а луѓе од сите страни доаѓаа кај Него.