Марко
Глава 2
- 1
По неколку дена Исус повторно влезе во Капернаум, и се слушна дека е дома.
- 2
Се собраа толку многу луѓе што немаше место ни пред вратата, а Тој им го зборуваше зборот.
- 3
Тогаш Му донесоа еден парализиран човек, носен од четворица.
- 4
Бидејќи не можеа да Му се приближат поради народот, го открија покривот над местото каде што беше Исус, направија отвор и ја спуштија постелата на која лежеше парализираниот.
- 5
Кога Исус ја виде нивната вера, му рече на парализираниот: „Сине, ти се простуваат гревовите.“
- 6
Таму седеа некои учители на Законот и во своите срца размислуваа:
- 7
„Зошто Овој зборува така? Тој хули! Кој може да простува гревови освен единствениот Бог?“
- 8
Исус веднаш разбра во Својот дух што мислат и им рече: „Зошто размислувате така во своите срца?
- 9
Што е полесно: да му се рече на парализираниот: ‚Ти се простуваат гревовите‘, или: ‚Стани, земи ја постелата и оди‘?
- 10
Но за да знаете дека Човечкиот Син има власт на земјата да простува гревови“ – му рече на парализираниот –
- 11
„Тебе ти велам: стани, земи ја својата постела и оди си дома!“
- 12
Тој веднаш стана, ја зеде постелата и излезе пред сите. Сите се восхитуваа и Го славеа Бог, велејќи: „Никогаш не сме виделе нешто вакво!“
- 13
Исус повторно излезе покрај морето. Сиот народ доаѓаше кај Него, а Тој ги поучуваше.
- 14
Додека минуваше, го виде Левиј, синот на Алфеј, како седи на царинарницата, и му рече: „Следи Ме!“ Тој стана и тргна по Него.
- 15
Подоцна, кога Исус седеше на трпеза во домот на Левиј, со Него и со Неговите ученици седеа многу цариници и грешници, зашто мнозина одеа по Него.
- 16
Кога учителите на Законот од фарисеите видоа дека јаде со грешници и цариници, им рекоа на Неговите ученици: „Зошто јаде со цариници и грешници?“
- 17
Кога го чу тоа, Исус им рече: „На здравите не им треба лекар, туку на болните. Не дојдов да ги повикам праведните, туку грешниците.“
- 18
Учениците на Јован и фарисеите постеа. Некои дојдоа и Го прашаа Исус: „Зошто учениците на Јован и учениците на фарисеите постат, а Твоите ученици не постат?“
- 19
Исус им одговори: „Можат ли гостите на свадбата да постат додека младоженецот е со нив? Сѐ додека младоженецот е со нив, не можат да постат.
- 20
Но ќе дојдат денови кога младоженецот ќе им биде одземен, и тогаш, во тој ден, ќе постат.
- 21
Никој не пришива парче неиспрано ново платно на стара облека; инаку новото парче ќе се откине од старото и расцепот ќе стане уште поголем.
- 22
Никој не става ново вино во стари мевови; инаку виното ќе ги раскине мевовите, па ќе пропаднат и виното и мевовите. Новото вино се става во нови мевови.“
- 23
Една сабота Исус минуваше низ нивите, а Неговите ученици, одејќи, почнаа да кинат класје.
- 24
Фарисеите Му рекоа: „Види! Зошто го прават во сабота она што не е дозволено?“
- 25
Тој им рече: „Зар никогаш не сте читале што направи Давид кога тој и оние што беа со него беа во неволја и огладнеа?
- 26
Како влезе во Божјиот дом во времето на првосвештеникот Авијатар и ги јадеше посветените лебови, кои не смееше да ги јаде никој освен свештениците, и им даде и на оние што беа со него?“
- 27
Потоа им рече: „Саботата е создадена за човекот, а не човекот за саботата.
- 28
Затоа Човечкиот Син е Господар и на саботата.“