Марко
Глава 3
- 1
Исус повторно влезе во синагогата, а таму имаше човек со исушена рака.
- 2
Внимателно Го набљудуваа дали ќе го исцели во сабота, за да можат да Го обвинат.
- 3
Исус му рече на човекот со исушената рака: „Стани среде сите!“
- 4
Потоа ги праша: „Дозволено ли е во сабота да се прави добро или зло, да се спаси живот или да се погуби?“ Но тие молчеа.
- 5
Тој ги погледна со гнев, нажален поради закоравеноста на нивните срца, и му рече на човекот: „Испружи ја раката!“ Тој ја испружи и раката му стана здрава.
- 6
Фарисеите излегоа и веднаш се посоветуваа со приврзаниците на Ирод како да Го погубат.
- 7
Исус се повлече со Своите ученици кон морето, а по Него тргна големо мноштво од Галилеја и Јудеја,
- 8
од Ерусалим, Идумеја, од другата страна на Јордан и од околината на Тир и Сидон. Кога слушнаа што сѐ прави, многу луѓе дојдоа кај Него.
- 9
Поради мноштвото, Исус им рече на Своите ученици да Му подготват мал чамец, за да не Го притискаат.
- 10
Зашто исцели многумина, па сите што страдаа од болести навалуваа кон Него за да Го допрат.
- 11
Секогаш кога нечистите духови Го гледаа, паѓаа пред Него и викаа: „Ти си Божјиот Син!“
- 12
Но Тој строго им забрануваше да откриваат Кој е.
- 13
Потоа се искачи на гората и ги повика кај Себе оние што Сам ги избра, и тие дојдоа кај Него.
- 14
Постави дванаесетмина, за да бидат со Него и да ги испраќа да проповедаат,
- 15
и да имаат власт да изгонуваат демони.
- 16
На Симон му го даде името Петар;
- 17
потоа Јаков, синот на Зеведеј, и неговиот брат Јован, на кои им го даде името Воанергес, што значи „синови на громот“;
- 18
потоа Андреј, Филип, Вартоломеј, Матеј, Тома, Јаков, синот на Алфеј, Тадеј, Симон Кананит
- 19
и Јуда Искариот, кој Го предаде.
- 20
Потоа Исус влезе во една куќа, а народот повторно се собра во толкав број што не можеа ни да јадат.
- 21
Кога Неговите блиски го слушнаа тоа, дојдоа да Го земат, зашто велеа: „Не е при Себе.“
- 22
А учителите на Законот што беа слегле од Ерусалим велеа: „Во Него е Велзевул“ и „Со силата на владетелот на демоните ги истерува демоните.“
- 23
Тогаш Исус ги повика и им зборуваше во параболи: „Како може сатаната да го истерува сатаната?
- 24
Ако некое царство се раздели само против себе, тоа царство не може да опстане.
- 25
И ако некој дом се раздели сам против себе, тој дом не може да опстане.
- 26
Ако сатаната се кренал против самиот себе и се разделил, не може да опстане, туку му дошол крајот.
- 27
Никој не може да влезе во домот на силен човек и да му го ограби имотот, ако најнапред не го врзе силниот; дури тогаш ќе му го ограби домот.
- 28
Вистина ви велам: на луѓето ќе им бидат простени сите гревови и сите хули што ќе ги изговорат;
- 29
но оној што ќе похули против Светиот Дух, нема простување довека, туку е виновен за вечен грев.“
- 30
Ова го рече затоа што велеа: „Во Него има нечист дух.“
- 31
Тогаш дојдоа Неговата мајка и Неговите браќа. Стоејќи надвор, испратија да Го повикаат.
- 32
Околу Него седеше народ, па Му рекоа: „Еве, Твојата мајка, Твоите браќа [и Твоите сестри] се надвор и Те бараат.“
- 33
Тој им одговори: „Која е Мојата мајка и кои се Моите браќа?“
- 34
Погледнувајќи ги оние што седеа околу Него, рече: „Еве ги Мојата мајка и Моите браќа!
- 35
Зашто кој ја исполнува Божјата волја, тој Ми е брат, сестра и мајка.“