Марко
Глава 12
- 1
Потоа почна да им зборува во параболи: „Еден човек насади лозје, постави ограда околу него, ископа место за преса и изгради стражарска кула. Потоа им го изнајми на лозари и замина во туѓина.
- 2
Кога дојде времето, испрати еден слуга кај лозарите за да земе од нив дел од лозовиот род.
- 3
Но тие го фатија, го претепаа и го испратија со празни раце.
- 4
Повторно им испрати друг слуга. И него го удрија по главата и го посрамотија.
- 5
Испрати и трет, а него го убија. Потоа испрати и многу други; некои ги претепаа, а некои ги убија.
- 6
Му остануваше уште еден – неговиот сакан син. Најпосле го испрати и него, мислејќи: ‚Ќе го почитуваат мојот син.‘
- 7
Но лозарите си рекоа меѓу себе: ‚Овој е наследникот. Ајде да го убиеме, и наследството ќе биде наше.‘
- 8
Го фатија, го убија и го исфрлија надвор од лозјето.
- 9
Што ќе направи господарот на лозјето? Ќе дојде, ќе ги погуби лозарите и ќе им го даде лозјето на други.
- 10
Зар не сте го прочитале ова во Писмото: ‚Каменот што го отфрлија градителите стана главен аголен камен;
- 11
тоа е од Господ и прекрасно е во нашите очи‘?“
- 12
Тогаш сакаа да Го фатат, зашто разбраа дека параболата ја кажа за нив; но се плашеа од народот. Затоа Го оставија и си заминаа.
- 13
Потоа испратија кај Него некои фарисеи и приврзаници на Ирод, за да Го фатат во збор.
- 14
Тие дојдоа и Му рекоа: „Учителе, знаеме дека си искрен и дека не се обѕираш на ничие мислење, зашто не гледаш кој е кој, туку вистински го поучуваш Божјиот пат. Дозволено ли е да му се плаќа данок на царот или не? Да плаќаме ли или да не плаќаме?“
- 15
Но Тој го знаеше нивното лицемерство и им рече: „Зошто Ме искушувате? Донесете Ми еден денариј да го видам.“
- 16
Тие Му донесоа. Тој ги праша: „Чиј е овој лик и овој натпис?“ Му одговорија: „На царот.“
- 17
Тогаш Исус им рече: „Дајте му го на царот царевото, а на Бог Божјото.“ И тие многу Му се восхитуваа.
- 18
Потоа Му пристапија садукеите, кои велат дека нема воскресение, и Го прашаа:
- 19
„Учителе, Мојсеј ни напиша: ‚Ако нечиј брат умре и остави жена, а нема деца, неговиот брат нека ја земе вдовицата и нека му подигне потомство на својот брат.‘
- 20
Имаше седуммина браќа. Првиот се ожени и умре без да остави потомство.
- 21
Потоа вториот ја зеде жената, но и тој умре без да остави потомство. Истото се случи и со третиот.
- 22
Сите седуммина ја имаа за жена, но не оставија деца. По сите нив умре и жената.
- 23
При воскресението [кога ќе воскреснат], на кого од нив ќе му биде жена? Зашто сите седуммина ја имаа за жена.“
- 24
Исус им одговори: „Не сте ли во заблуда затоа што не ги познавате ниту Писмата ниту Божјата сила?
- 25
Зашто кога ќе воскреснат од мртвите, ниту ќе се женат ниту ќе се мажат, туку ќе бидат како ангелите на небесата.
- 26
А за тоа дека мртвите воскреснуваат, не сте ли прочитале во книгата на Мојсеј, кај грмушката, како Бог му рече: ‚Јас сум Бог на Авраам, Бог на Исак и Бог на Јаков‘?
- 27
Тој не е Бог на мртвите, туку на живите. Вие сте во голема заблуда.“
- 28
Еден од учителите на Законот, кој ја слушаше нивната расправа и виде дека Исус добро им одговори, Му пристапи и Го праша: „Која е првата од сите заповеди?“
- 29
Исус му одговори: „Првата од сите заповеди е: ‚Слушај, Израеле! Господ, нашиот Бог, е единствениот Господ.
- 30
„Љуби Го Господ, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој ум и со сета своја сила.“
- 31
„Втората е оваа: ‚Љуби го својот ближен како себеси.‘ Нема друга заповед поголема од овие.“
- 32
Учителот на Законот Му рече: „Добро, Учителе! Вистина кажа дека Бог е еден и дека нема друг освен Него;
- 33
и да Го љубиш со сето срце, со сиот разум и со сета сила, и да го љубиш ближниот како себеси, е поважно од сите жртви паленици и жртви.“
- 34
Кога Исус виде дека разумно одговори, му рече: „Не си далеку од Божјото царство.“ И оттогаш никој не се осмелуваше повеќе да Го прашува.
- 35
Додека поучуваше во храмот, Исус праша: „Како учителите на Законот велат дека Христос е Давидов син?
- 36
Самиот Давид, воден од Светиот Дух, рече: ‚Му рече Господ на мојот Господ: Седи од Мојата десна страна додека не ги положам Твоите непријатели под Твоите нозе.‘
- 37
Самиот Давид Го нарекува Господ; тогаш како може да Му биде син?“ А многубројниот народ со задоволство Го слушаше.
- 38
Во Своето учење им велеше: „Чувајте се од учителите на Законот, кои сакаат да одат во долги облеки, да бидат поздравувани по плоштадите,
- 39
да седат на првите места во синагогите и на почесните места на гозбите.
- 40
Тие ги ограбуваат домовите на вдовиците и под изговор долго се молат. Тие ќе добијат потешка осуда.“
- 41
Исус седна спроти храмската ризница и гледаше како народот става пари во неа. Мнозина богати ставаа многу.
- 42
Дојде и една сиромашна вдовица и стави две најситни бакарни парички, кои заедно вредеа еден кодрант.
- 43
Тогаш ги повика Своите ученици и им рече: „Вистина ви велам: оваа сиромашна вдовица даде повеќе од сите што ставаа во ризницата.
- 44
Зашто сите дадоа од својот вишок, а таа од својата сиромаштија даде сѐ што имаше – сѐ од што требаше да живее.“