Марко
Глава 13
- 1
Кога Исус излегуваше од храмот, еден од Неговите ученици Му рече: „Учителе, погледни какви камења и какви градби!“
- 2
Исус му одговори: „Ги гледаш ли овие големи градби? Нема да остане тука ни камен врз камен што нема да биде урнат.“
- 3
Кога седеше на Маслиновата Гора, спроти храмот, Петар, Јаков, Јован и Андреј Го прашаа насамо:
- 4
„Кажи ни, кога ќе се случи тоа и кој ќе биде знакот дека сето тоа наскоро ќе се исполни?“
- 5
Исус почна да им зборува: „Внимавајте никој да не ве измами.
- 6
Мнозина ќе дојдат во Мое име и ќе велат: „Јас сум“, и ќе измамат мнозина.
- 7
Кога ќе слушнете за војни и гласини за војни, не плашете се. Тоа треба да се случи, но тогаш сѐ уште не е крајот.
- 8
Ќе се крене народ против народ и царство против царство. На разни места ќе има земјотреси и глад. Тоа е почетокот на породилните болки.
- 9
Но вие внимавајте на себе. Ќе ве предаваат на судови, ќе ве тепаат во синагогите и ќе стоите пред управници и цареви поради Мене, за сведоштво пред нив.
- 10
А Евангелието најнапред треба да им биде проповедано на сите народи.
- 11
Кога ќе ве поведат и ќе ве предадат, не грижете се однапред што ќе зборувате; туку кажете го она што ќе ви биде дадено во тој час, зашто нема да зборувате вие, туку Светиот Дух.
- 12
Брат ќе предаде брат на смрт, а татко – своето дете. Децата ќе се кренат против родителите и ќе ги убиваат.
- 13
Сите ќе ве мразат поради Моето име; но кој ќе истрае до крај, ќе биде спасен.
- 14
Кога ќе ја видите „мерзоста на запустението“ како стои таму каде што не треба – кој чита, нека разбере – тогаш оние што се во Јудеја нека бегаат во планините.
- 15
Кој е на покривот нека не слегува во куќата, ниту нека влегува за да земе нешто од неа.
- 16
И кој е на нива нека не се враќа назад за да ја земе својата облека.
- 17
Тешко на бремените жени и на оние што дојат во тие денови!
- 18
Молете се вашето бегство да не биде во зима.
- 19
Зашто во тие денови ќе има таква неволја каква што немало од почетокот на светот што Бог го создаде, па сѐ до денес, ниту некогаш повторно ќе има.
- 20
И ако Господ не ги скратеше тие денови, ниеден човек немаше да се спаси; но поради избраните, кои Тој ги избра, ги скрати тие денови.
- 21
Тогаш, ако некој ви рече: ‚Еве, Христос е овде!‘ или: ‚Еве, таму е!‘, не верувајте.
- 22
Зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци и ќе покажуваат знаци и чуда, за да ги измамат, ако е можно, и избраните.
- 23
Но вие внимавајте! Еве, однапред ви кажав сѐ.
- 24
Во тие денови, по таа неволја, сонцето ќе потемни, месечината нема да ја дава својата светлина,
- 25
ѕвездите ќе паѓаат од небото, а небесните сили ќе се разнишаат.
- 26
Тогаш ќе Го видат Човечкиот Син како доаѓа на облаците со голема сила и слава.
- 27
Тогаш Тој ќе ги испрати ангелите и ќе ги собере [Своите] избрани од четирите ветрови, од крајот на земјата до крајот на небото.
- 28
Од смоквата научете ја параболата: кога нејзините гранки ќе омекнат и ќе пуштат лисја, знаете дека летото е близу.
- 29
Така и вие, кога ќе видите дека сето тоа се случува, знајте дека Тој е близу, пред вратата.
- 30
Вистина ви велам: ова поколение нема да помине додека сето тоа не се случи.
- 31
Небото и земјата ќе поминат, но Моите зборови нема да поминат.
- 32
А за тој ден и час никој не знае – ниту ангелите на небото, ниту Синот, туку само Таткото.
- 33
Внимавајте, бдејте, зашто не знаете кога ќе дојде времето.
- 34
Тоа е како човек што заминал на пат и ја оставил својата куќа, им дал власт на своите слуги и на секого му ја определил неговата работа, а на вратарот му заповедал да бдее.
- 35
Затоа бдејте, зашто не знаете кога ќе дојде господарот на куќата: навечер, на полноќ, кога ќе запее петелот или наутро.
- 36
Да не дојде ненадејно и да ве најде заспани.
- 37
А она што ви го велам вам, им го велам на сите: бдејте!“