Марко
Глава 15
- 1
Рано наутро првосвештениците, заедно со старешините, учителите на Законот и целиот Врховен еврејски совет, се посоветуваа. Го врзаа Исус, Го одведоа и Го предадоа на Пилат.
- 2
Пилат Го праша: „Ти ли си Царот на Јудејците?“ Исус му одговори: „Ти велиш.“
- 3
Првосвештениците Го обвинуваа за многу работи.
- 4
Пилат повторно Го праша: „Ништо ли не одговараш? Погледни колку многу сведочат против Тебе!“
- 5
Но Исус повеќе ништо не одговори, така што Пилат се чудеше.
- 6
На секој празник Пилат им ослободуваше по еден затвореник, кого ќе го побараа.
- 7
Тогаш во затворот беше еден човек по име Варава, заедно со бунтовниците што извршиле убиство за време на бунтот.
- 8
Народот почна гласно да бара Пилат да постапи како што секогаш постапуваше.
- 9
Пилат им одговори: „Сакате ли да ви Го ослободам Царот на Јудејците?“
- 10
Зашто знаеше дека првосвештениците Го предале од завист.
- 11
Но првосвештениците го наговорија народот наместо Исус да им го ослободи Варава.
- 12
Пилат повторно им рече: „Што тогаш да направам со Царот на Јудејците?“
- 13
Тие повторно извикаа: „Распни Го!“
- 14
Пилат ги праша: „Какво зло направил?“ Но тие уште посилно викаа: „Распни Го!“
- 15
Пилат, сакајќи да му угоди на народот, им го ослободи Варава, а Исус Го предаде да биде распнат, откако нареди да Го камшикуваат.
- 16
Војниците Го одведоа во дворот на управителската палата, односно во преториумот, и ја собраа целата чета.
- 17
Го облекоа во пурпурна облека, сплетоа венец од трње и Му го ставија на главата.
- 18
Потоа почнаа да Го поздравуваат: „Радувај се, Цару на Јудејците!“
- 19
Го удираа по главата со трска, Го плукаа и, паѓајќи на колена, Му се поклонуваа.
- 20
Откако Му се изнасмеаја, ја соблекоа пурпурната облека, Му ја облекоа Неговата облека и Го изведоа да Го распнат.
- 21
Принудија еден минувач, Симон Киринеецот, таткото на Александар и Руф, кој доаѓаше од полето, да Му го носи крстот.
- 22
Го доведоа на местото Голгота, што значи „Место на черепот“.
- 23
Му дадоа вино измешано со смирна, но Тој не го прими.
- 24
Потоа Го распнаа и ја разделија Неговата облека, фрлајќи ждрепка за да видат кој што ќе земе.
- 25
Беше третиот час кога Го распнаа.
- 26
Над Него беше напишано обвинението: „Царот на Јудејците.“
- 27
Заедно со Него распнаа и двајца разбојници, едниот од Неговата десна страна, а другиот од Неговата лева.
- 28
[Во подоцнежни ракописи стои: „И се исполни Писмото што вели: ‚И беше вброен меѓу беззакониците.‘“]
- 29
Минувачите Го хулеа, нишајќи ги главите и велејќи: „Еј, Ти што го уриваш храмот и го изградуваш за три дена,
- 30
спаси се Себеси и слези од крстот!“
- 31
Исто така и првосвештениците со учителите на Законот Му се потсмеваа меѓу себе и велеа: „Други спасуваше, а Себеси не може да се спаси!
- 32
Христос, Израелевиот Цар, нека слезе сега од крстот, за да видиме и да поверуваме!“ Го навредуваа и оние што беа распнати со Него.
- 33
Кога дојде шестиот час, настана темнина по целата земја до деветтиот час.
- 34
Во деветтиот час Исус извика со силен глас: „Елои, Елои, лема савахтани?“ – што значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави?“
- 35
Некои од оние што стоеја таму, кога го слушнаа тоа, рекоа: „Еве, го повикува Илија.“
- 36
Еден човек притрча, натопи сунѓер во кисело вино, го стави на трска и Му даде да пие, велејќи: „Оставете, да видиме дали ќе дојде Илија да Го симне.“
- 37
А Исус извика со силен глас и издивна.
- 38
Тогаш завесата во храмот се расцепи на две, одозгора до долу.
- 39
Кога стотникот што стоеше спроти Него виде дека така издивна, рече: „Навистина, Овој Човек беше Божји Син!“
- 40
Таму имаше и жени што гледаа оддалеку. Меѓу нив беа Марија Магдалена, Марија, мајката на Јаков Помладиот и на Јосес, и Саломија.
- 41
Тие Го следеа и Му служеа уште кога беше во Галилеја. Таму имаше и многу други жени што беа дошле со Него во Ерусалим.
- 42
Бидејќи веќе се стемнуваше, а беше ден на подготовка, односно ден пред саботата,
- 43
дојде Јосиф од Ариматеја, почитуван член на Советот, кој и самиот го очекуваше Божјото царство. Тој се осмели да влезе кај Пилат и го побара Исусовото тело.
- 44
Пилат се зачуди дека Исус веќе умрел. Го повика стотникот и го праша дали одамна умрел.
- 45
Кога дозна од стотникот, му го предаде телото на Јосиф.
- 46
Јосиф купи ленено платно, Го симна Исус, Го завитка во платното и Го положи во гроб издлабен во карпа. Потоа навали камен пред влезот на гробот.
- 47
А Марија Магдалена и Марија, мајката на Јосес, гледаа каде беше положен.