Прескокни кон главната содржина

Марко

Глава 5

  1. 1

    Потоа стигнаа на другата страна од морето, во герасинскиот крај.

  2. 2

    Штом Исус излезе од чамецот, од гробиштата Му пристапи човек обземен од нечист дух.

  3. 3

    Тој живееше меѓу гробовите и никој веќе не можеше да го врзе, дури ни со синџири,

  4. 4

    зашто многупати го врзуваа со окови и синџири, но тој ги раскинуваше синџирите и ги кршеше оковите. Никој не можеше да го скроти.

  5. 5

    Постојано, дење и ноќе, беше меѓу гробовите и по ридовите, викајќи и сечејќи се со камења.

  6. 6

    Кога Го виде Исус оддалеку, притрча и Му се поклони.

  7. 7

    Извика со силен глас: „Што имаш Ти со мене, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те заколнувам во Бог, не ме мачи!“

  8. 8

    Зашто Исус му велеше: „Нечист духу, излези од човекот!“

  9. 9

    Исус го праша: „Како ти е името?“ Тој одговори: „Името ми е Легион, зашто сме многу.“

  10. 10

    И многу Го молеше да не ги испраќа надвор од тој крај.

  11. 11

    Таму, покрај ридот, пасеше големо стадо свињи.

  12. 12

    Сите демони Го молеа: „Испрати нѐ во свињите, за да влеземе во нив.“

  13. 13

    Исус им дозволи. Нечистите духови излегоа и влегоа во свињите, а стадото, околу две илјади свињи, се стрча по стрмнината во морето и се удави.

  14. 14

    Свињарите побегнаа и раскажаа за тоа во градот и по селата, а луѓето излегоа да видат што се случило.

  15. 15

    Кога дојдоа кај Исус, го видоа човекот што беше обземен од легион демони како седи облечен и со здрав разум, и се уплашија.

  16. 16

    Оние што го видоа настанот им раскажаа што се случило со опседнатиот човек и со свињите.

  17. 17

    Тогаш почнаа да Го молат Исус да си замине од нивниот крај.

  18. 18

    Кога Исус влегуваше во чамецот, човекот што беше опседнат Го молеше да му дозволи да биде со Него.

  19. 19

    Но Исус не му дозволи, туку му рече: „Оди дома кај своите и раскажи им што направи Господ за тебе и како ти се смилува.“

  20. 20

    Тој си замина и почна да разгласува низ Декапол што направил Исус за него, и сите се восхитуваа.

  21. 21

    Кога Исус повторно премина [со чамецот] на другата страна, околу Него се собра големо мноштво, а Тој беше покрај морето.

  22. 22

    Тогаш дојде еден од старешините на синагогата, по име Јаир. Кога Го виде Исус, падна пред Неговите нозе

  23. 23

    и силно Го молеше: „Мојата мала ќерка е на умирање. Дојди и положи ги рацете врз неа, за да оздрави и да живее.“

  24. 24

    Исус тргна со него, а по Него одеше големо мноштво и Го притискаше.

  25. 25

    Таму беше и една жена која дванаесет години страдаше од крвавење.

  26. 26

    Многу претрпе од многу лекари, го потроши целиот свој имот, но ништо не ѝ помогна; напротив, ѝ стануваше сѐ полошо.

  27. 27

    Кога слушна за Исус, се приближи одзади низ мноштвото и ја допре Неговата облека,

  28. 28

    зашто си велеше: „Само да ја допрам Неговата облека, ќе оздравам.“

  29. 29

    Веднаш крвавењето престана и во своето тело почувствува дека е исцелена од болеста.

  30. 30

    Исус веднаш почувствува во Себе дека од Него излегла сила. Се сврте кон мноштвото и праша: „Кој ја допре Мојата облека?“

  31. 31

    Неговите ученици Му рекоа: „Гледаш дека мноштвото Те притиска, а прашуваш: ‚Кој Ме допре?‘“

  32. 32

    Но Тој гледаше наоколу за да ја види онаа што го направила тоа.

  33. 33

    Жената, исплашена и растреперена, знаејќи што ѝ се случило, дојде, падна пред Него и Му ја кажа целата вистина.

  34. 34

    Тој ѝ рече: „Ќерко, твојата вера те спаси. Оди си во мир и биди исцелена од својата болест.“

  35. 35

    Додека Исус уште зборуваше, дојдоа луѓе од домот на старешината на синагогата и рекоа: „Твојата ќерка умре. Зошто уште да Го мачиш Учителот?“

  36. 36

    Но Исус, откако ги слушна тие зборови, му рече на старешината: „Не плаши се, само верувај!“

  37. 37

    Не дозволи никој да оди со Него, освен Петар, Јаков и Јован, братот на Јаков.

  38. 38

    Кога дојдоа во домот на старешината, Исус виде врева, плачење и силно ридање.

  39. 39

    Влезе и им рече: „Зошто правите врева и плачете? Детето не умрело, туку спие.“

  40. 40

    Тие Му се потсмеваа. Но Тој ги изведе сите надвор, ги зеде таткото и мајката на детето и оние што беа со Него, па влезе таму каде што лежеше девојчето.

  41. 41

    Ја фати за рака и ѝ рече: „Талита кум“, што значи: „Девојко, тебе ти велам, стани!“

  42. 42

    Девојчето веднаш стана и почна да оди, а имаше дванаесет години. Сите беа исполнети со големо восхитување.

  43. 43

    Исус строго им заповеда никој да не дознае за тоа и рече да ѝ дадат да јаде.