Марко
Глава 6
- 1
Исус замина оттаму и дојде во Својот роден крај, а по Него одеа Неговите ученици.
- 2
Кога дојде саботата, почна да поучува во синагогата. Мнозина што Го слушаа се восхитуваа и велеа: „Од каде Му е сето ова? Каква е оваа мудрост што Му е дадена и какви се овие моќни дела што се извршуваат преку Неговите раце?“
- 3
Не е ли Овој дрводелецот, синот на Марија, братот на Јаков, Јосес, Јуда и Симон? Не се ли и Неговите сестри овде меѓу нас?“ И се соблазнуваа поради Него.
- 4
Исус им рече: „Пророк не е без почит никаде, освен во својот роден крај, меѓу своите роднини и во својот дом.“
- 5
И таму не можеше да направи никакво чудо, освен што положи раце врз неколку болни и ги исцели.
- 6
И се чудеше на нивното неверие. Потоа одеше низ околните села и поучуваше.
- 7
Ги повика дванаесеттемина и почна да ги испраќа двајца по двајца, давајќи им власт над нечистите духови.
- 8
Им заповеда да не земаат ништо за пат, освен стап: ни торба, ни леб, ни пари во појасот,
- 9
туку да носат сандали и да не облекуваат две облеки.
- 10
И им рече: „Кога ќе влезете во некој дом, останете таму додека не заминете од тоа место.
- 11
А каде што нема да ве примат ниту да ве слушаат, излезете оттаму и истресете го правот што е под вашите нозе, за сведоштво пред нив.
- 12
Тие заминаа и проповедаа луѓето да се покаат.
- 13
Истеруваа многу демони, помазуваа со масло многу болни и ги исцелуваа.
- 14
Цар Ирод слушна за Исус, зашто Неговото име стана познато. Некои велеа: „Јован Крстител воскреснал од мртвите и затоа преку него дејствуваат чудотворни сили.“
- 15
Други велеа: „Тој е Илија“, а трети: „Тој е пророк, како еден од пророците.“
- 16
Кога Ирод го слушна тоа, рече: „Тоа е Јован, кому му ја отсеков главата; тој воскреснал од мртвите.“
- 17
Зашто самиот Ирод испрати да го уапсат Јован и го врза во затвор поради Иродијада, жената на својот брат Филип, со која се беше оженил.
- 18
Јован му велеше на Ирод: „Не ти е дозволено да ја имаш жената на својот брат.“
- 19
Иродијада го мразеше Јован и сакаше да го убие, но не можеше,
- 20
зашто Ирод се плашеше од Јован, знаејќи дека е праведен и свет човек, и го чуваше. Кога го слушаше, многу се збунуваше, но сепак со задоволство го слушаше.
- 21
Најпосле дојде погоден ден: за својот роденден Ирод приреди гозба за своите големци, воените заповедници и најугледните луѓе во Галилеја.
- 22
Ќерката на Иродијада влезе и танцуваше, па им се допадна на Ирод и на гостите. Царот ѝ рече: „Побарај од мене што сакаш, и ќе ти дадам.“
- 23
И ѝ се заколна: „Што и да побараш од мене, ќе ти дадам, дури и половина од моето царство.“
- 24
Таа излезе и ја праша својата мајка: „Што да побарам?“ Мајка ѝ одговори: „Главата на Јован Крстител.“
- 25
Таа веднаш се врати кај царот и побара: „Сакам веднаш да ми ја дадеш на послужавник главата на Јован Крстител.“
- 26
Царот многу се нажали, но поради заклетвите и гостите не сакаше да ја одбие.
- 27
Веднаш испрати еден од стражарите со заповед да ја донесе Јовановата глава. Тој отиде, му ја отсече главата во затворот,
- 28
ја донесе на послужавник и ѝ ја даде на девојката, а девојката ѝ ја даде на својата мајка.
- 29
Кога слушнаа за тоа, Јовановите ученици дојдоа, го зедоа неговото тело и го положија во гроб.
- 30
Апостолите повторно се собраа кај Исус и Му раскажаа сѐ што направиле и на што поучувале.
- 31
Тој им рече: „Дојдете вие сами на осамено место и одморете се малку.“ Зашто многумина доаѓаа и си заминуваа, па немаа време ни да јадат.
- 32
Така со чамец заминаа сами на осамено место.
- 33
Но многумина ги видоа како заминуваат и ги препознаа. Луѓето од сите градови тргнаа пеш и стигнаа таму пред нив.
- 34
Кога Исус излезе од чамецот, виде големо мноштво и се сожали над нив, зашто беа како овци без пастир. И почна да ги поучува за многу нешта.
- 35
Кога веќе стана доцна, Неговите ученици Му пристапија и рекоа: „Местово е пусто, а веќе е доцна.
- 36
Распушти ги, за да одат во околните села и населби и да си купат нешто за јадење.“
- 37
Но Тој им одговори: „Вие дајте им да јадат.“ Тие Му рекоа: „Да одиме ли да купиме леб за двесте денарии и да им дадеме да јадат?“
- 38
Тој ги праша: „Колку лебови имате? Одете и видете.“ Откако проверија, рекоа: „Пет леба и две риби.“
- 39
Тогаш им заповеда да ги сместат сите во групи на зелената трева.
- 40
И седнаа во групи по сто и по педесет.
- 41
Исус ги зеде петте леба и двете риби, погледна кон небото, благослови, ги прекрши лебовите и им ги даваше на учениците да ги разделат на народот. И двете риби ги раздели меѓу сите.
- 42
Сите јадеа и се наситија.
- 43
Потоа собраа дванаесет полни кошници со останатите парчиња леб и риба.
- 44
А оние што јадеа [од лебовите] беа пет илјади мажи.
- 45
Веднаш потоа Исус ги натера Своите ученици да влезат во чамецот и да појдат пред Него кон другата страна, кон Витсаида, додека Тој го распушташе народот.
- 46
Откако се раздели од нив, отиде на гората да се моли.
- 47
Кога се стемни, чамецот беше среде морето, а Тој Сам на копното.
- 48
Виде дека се мачат при веслањето, зашто ветрот им беше спротивен. Околу четвртата ноќна стража им пристапи, одејќи по морето, и сакаше да помине покрај нив.
- 49
Кога Го видоа како оди по морето, помислија дека е привид и извикаа,
- 50
зашто сите Го видоа и се уплашија. Но Тој веднаш им проговори: „Бидете храбри! Јас сум. Не плашете се!“
- 51
Потоа влезе кај нив во чамецот и ветрот престана. Тие беа крајно зачудени,
- 52
зашто не го разбраа чудото со лебовите, туку нивното срце беше закоравено.
- 53
Откако преминаа, дојдоа во генисаретскиот крај и го закотвија чамецот.
- 54
Штом излегоа од чамецот, луѓето веднаш Го препознаа.
- 55
Ја обиколија целата околина и почнаа на постели да ги носат болните таму каде што слушаа дека е Исус.
- 56
Каде и да влегуваше – во села, градови или населби – ги полагаа болните по плоштадите и Го молеа да им дозволи да го допрат барем работ од Неговата облека. И сите што Го допираа оздравуваа.