Прескокни кон главната содржина

Марко

Глава 7

  1. 1

    Кај Исус се собраа фарисеите и некои учители на Законот што беа дошле од Ерусалим.

  2. 2

    Тие видоа дека некои од Неговите ученици јадат леб со нечисти, односно неизмиени раце.

  3. 3

    Зашто фарисеите и сите Јудејци не јадат ако најнапред обредно не си ги измијат рацете, држејќи се до преданието на старешините.

  4. 4

    И кога ќе се вратат од пазар, не јадат ако не се измијат. Имаат и многу други обичаи што ги примиле и ги пазат: миење чаши, садови, бакарни садови [и постели].

  5. 5

    Тогаш фарисеите и учителите на Законот Го прашаа: „Зошто Твоите ученици не живеат според преданието на старешините, туку јадат со неизмиени раце?“

  6. 6

    Тој им одговори: „Добро пророкувал Исаија за вас, лицемерите, како што е напишано: ‚Овој народ Ме почитува со усните, но неговото срце е далеку од Мене.

  7. 7

    Залудно Ме почитуваат, поучувајќи како учења човечки заповеди.‘

  8. 8

    Ја оставате Божјата заповед, а се држите до човечкото предание.

  9. 9

    Потоа им рече: „Умешно ја отфрлате Божјата заповед за да го зачувате своето предание!

  10. 10

    Зашто Мојсеј рече: ‚Почитувај го својот татко и својата мајка‘ и: ‚Кој зборува зло против татко или мајка, нека биде погубен.‘

  11. 11

    А вие велите: ‚Ако некој му рече на својот татко или на својата мајка: Она со што би можел да ти помогнам е корван, односно дар посветен на Бог‘,

  12. 12

    тогаш веќе не му дозволувате ништо да направи за својот татко или за својата мајка.

  13. 13

    Така го поништувате Божјиот збор со своето предание што сте го пренеле. И правите многу други слични работи.“

  14. 14

    Потоа повторно го повика мноштвото и им рече: „Слушајте Ме сите и разберете!

  15. 15

    Ништо што однадвор влегува во човекот не може да го оскверни; туку она што излегува од човекот, тоа го осквернува.

  16. 16

    [Во подоцнежни ракописи стои: „Кој има уши да слуша, нека слуша!“]

  17. 17

    Кога влезе во куќа, далеку од мноштвото, Неговите ученици Го прашаа за параболата.

  18. 18

    Тој им рече: „Зар и вие сте толку неразумни? Не разбирате ли дека ништо што однадвор влегува во човекот не може да го оскверни,

  19. 19

    зашто не влегува во неговото срце, туку во стомакот, а потоа се исфрла?“ Со тоа Исус ги прогласи сите јадења за чисти.

  20. 20

    И рече: „Она што излегува од човекот, тоа го осквернува човекот.

  21. 21

    Зашто одвнатре, од човечкото срце, излегуваат зли мисли, блудства, кражби, убиства,

  22. 22

    прељуби, лакомства, злоба, измама, разврат, завист, хула, гордост и неразумност.

  23. 23

    Сите овие зла излегуваат одвнатре и го осквернуваат човекот.“

  24. 24

    Исус замина оттаму и отиде во пределите на Тир. Влезе во еден дом и не сакаше никој да дознае, но не можеше да остане скриен.

  25. 25

    Една жена, чија мала ќерка беше обземена од нечист дух, слушна за Него, дојде и падна пред Неговите нозе.

  26. 26

    Жената беше Гркинка, Сирофеничанка по потекло. Го молеше да го истера демонот од нејзината ќерка.

  27. 27

    Но Исус ѝ рече: „Нека најнапред се наситат децата, зашто не е добро да се земе лебот на децата и да им се фрли на кученцата.“

  28. 28

    Таа Му одговори: „Господи, но и кученцата под масата јадат од трошките на децата.“

  29. 29

    Тогаш Тој ѝ рече: „Поради овој збор, оди си; демонот излезе од твојата ќерка.“

  30. 30

    Кога се врати дома, го најде детето како лежи на постелата, а демонот беше излегол.

  31. 31

    Исус повторно излезе од пределот на Тир, помина низ Сидон и преку Декапол дојде кај Галилејското Море.

  32. 32

    Му доведоа еден глув човек што тешко зборуваше и Го молеа да ја положи раката врз него.

  33. 33

    Исус го одведе настрана од мноштвото, ги стави Своите прсти во неговите уши, плукна и го допре неговиот јазик.

  34. 34

    Погледна кон небото, воздивна и му рече: „Ефата“, што значи: „Отвори се!“

  35. 35

    Веднаш му се отворија ушите, јазикот му се одврза и почна правилно да зборува.

  36. 36

    Исус им заповеда никому да не кажуваат. Но колку повеќе им забрануваше, толку повеќе тие разгласуваа.

  37. 37

    Беа крајно восхитени и велеа: „Сѐ добро направи: и на глувите им дава да слушаат и на немите да зборуваат.“