Прескокни кон главната содржина

Марко

Глава 8

  1. 1

    Во тие денови повторно се собра големо мноштво, а немаа што да јадат. Исус ги повика Своите ученици и им рече:

  2. 2

    „Се сожалувам над мноштвото, зашто веќе три дена се со Мене и немаат што да јадат.

  3. 3

    Ако ги пуштам гладни да си одат дома, ќе премалеат по патот, зашто некои од нив дошле оддалеку.“

  4. 4

    Неговите ученици Му одговорија: „Од каде може некој овде, во пустинава, да најде доволно леб за да ги нахрани?“

  5. 5

    Тој ги праша: „Колку лебови имате?“ Тие рекоа: „Седум.“

  6. 6

    Тогаш му заповеда на народот да седне на земјата. Ги зеде седумте лебови, заблагодари, ги прекрши и им ги даваше на Своите ученици да ги разделат, а тие ги разделија пред мноштвото.

  7. 7

    Имаа и неколку мали риби. Исус ги благослови и рече да ги разделат и нив.

  8. 8

    Сите јадеа и се наситија, а од останатите парчиња собраа седум полни кошници.

  9. 9

    А беа околу четири илјади. Потоа Исус ги распушти.

  10. 10

    Веднаш влезе во чамецот со Своите ученици и дојде во пределот Далманута.

  11. 11

    Фарисеите излегоа и почнаа да се расправаат со Него. За да Го искушаат, бараа од Него знак од небото.

  12. 12

    Исус длабоко воздивна во Својот дух и рече: „Зошто овој род бара знак? Вистина ви велам: на овој род нема да му се даде знак.“

  13. 13

    Ги остави, повторно влезе во чамецот и замина на другата страна.

  14. 14

    Учениците заборавија да земат леб и со себе во чамецот имаа само еден леб.

  15. 15

    Исус ги предупреди: „Внимавајте! Чувајте се од квасецот на фарисеите и од квасецот на Ирод.“

  16. 16

    Тие разговараа меѓу себе дека немаат леб.

  17. 17

    Исус го разбра тоа и им рече: „Зошто зборувате меѓу себе дека немате леб? Сѐ уште ли не согледувате и не разбирате? Зар срцата ви се закоравени?

  18. 18

    Имате очи, а не гледате; имате уши, а не слушате? И не се сеќавате ли?

  19. 19

    Кога ги прекршив петте лебови за пет илјади луѓе, колку кошници полни со парчиња собравте?“ Тие Му одговорија: „Дванаесет.“

  20. 20

    „А кога ги прекршив седумте лебови за четири илјади, колку полни кошници со парчиња собравте?“ Тие рекоа: „Седум.“

  21. 21

    Тогаш им рече: „Зар сѐ уште не разбирате?“

  22. 22

    Дојдоа во Витсаида. Таму Му доведоа слеп човек и Го молеа да го допре.

  23. 23

    Исус го фати слепиот за рака и го изведе надвор од селото. Плукна на неговите очи, ги положи рацете врз него и го праша дали гледа нешто.

  24. 24

    Човекот погледна и рече: „Гледам луѓе, но ми личат на дрвја што одат.“

  25. 25

    Тогаш Исус повторно ги положи рацете врз неговите очи. Човекот погледна внимателно, видот му се врати и јасно гледаше сѐ.

  26. 26

    Исус го испрати дома, велејќи: „Не влегувај ни во селото.“

  27. 27

    Потоа Исус и Неговите ученици отидоа во селата околу Кесарија Филипова. По патот ги праша Своите ученици: „Што велат луѓето, Кој сум Јас?“

  28. 28

    Тие Му одговорија: „Едни велат Јован Крстител, други Илија, а трети – еден од пророците.“

  29. 29

    Тогаш ги праша: „А вие што велите, Кој сум Јас?“ Петар Му одговори: „Ти си Христос.“

  30. 30

    Исус строго им заповеда никому да не кажуваат за Него.

  31. 31

    Потоа почна да ги поучува дека Човечкиот Син мора многу да пострада, да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и учителите на Законот, да биде убиен и по три дена да воскресне.

  32. 32

    За тоа им зборуваше отворено. Тогаш Петар Го зеде настрана и почна да Го прекорува.

  33. 33

    Но Исус се сврте, ги погледна Своите ученици и го прекори Петар: „Оди зад Мене, сатано! Зашто не мислиш на она што е Божјо, туку на она што е човечко.“

  34. 34

    Потоа го повика мноштвото заедно со Своите ученици и им рече: „Кој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека Ме следи.

  35. 35

    Зашто кој сака да го спаси својот живот, ќе го загуби; а кој ќе го загуби својот живот поради Мене и поради Евангелието, ќе го спаси.

  36. 36

    Каква корист има човек ако го придобие целиот свет, а ја загуби својата душа?

  37. 37

    Или каков откуп може човек да даде за својата душа?

  38. 38

    Зашто кој ќе се засрами од Мене и од Моите зборови во овој прељубнички и грешен род, и Човечкиот Син ќе се засрами од него кога ќе дојде во славата на Својот Татко со светите ангели.“