Прескокни кон главната содржина

Матеј

Глава 10

  1. 1

    Исус ги повика Своите дванаесет ученици и им даде власт над нечистите духови, за да ги изгонуваат и да исцелуваат секаква болест и слабост.

  2. 2

    А имињата на дванаесетте апостоли се овие: првиот Симон, наречен Петар, и Андреј, неговиот брат; Јаков, синот на Зеведеј, и Јован, неговиот брат;

  3. 3

    Филип и Вартоломеј, Тома и Матеј, даночникот, Јаков, синот на Алфеј, и Тадеј,

  4. 4

    Симон Кананит и Јуда Искариот, кој го предаде.

  5. 5

    Овие дванаесетмина Исус ги испрати и им заповеда: „Не одете по патот кон незнабожците и не влегувајте во самарјански град;

  6. 6

    туку одете кај изгубените овци од Израелевиот дом.

  7. 7

    Додека одите, проповедајте: ‚Се приближи небесното царство.‘

  8. 8

    Исцелувајте ги болните, воскреснувајте мртви, очистувајте ги болните од лепра, изгонувајте демони. Бесплатно добивте, бесплатно давајте.

  9. 9

    Не носете во вашите појаси ни злато, ни сребро, ниту бакар,

  10. 10

    не носете ни торба за пат, ни резервна облека, ни обувки, ни стап, зашто работникот заслужува да биде издржуван.

  11. 11

    А штом влезете во некој град или село, распрашајте се кој во него е достоен, па останете кај него, додека не си отидете.

  12. 12

    И кога ќе влезете во некоја куќа, поздравете ја.

  13. 13

    И ако куќата биде достојна, вашиот мир нека почива врз неа; ако ли не е достојна, тогаш вашиот мир нека се врати кај вас!

  14. 14

    Ако, пак, негде не ве примат и не ги послушаат вашите зборови, излезете од таа куќа или од тој град и истресете го правот од вашите нозе!

  15. 15

    Вистина ви велам: полесно ќе им биде на Содом и Гомора во судниот ден отколку на тој град.

  16. 16

    Еве, Јас ве испраќам како овци меѓу волци. Затоа бидете мудри како змии и невини како гулаби.

  17. 17

    Пазете се од луѓето, зашто тие ќе ве предадат на судовите, и по нивните синагоги ќе ве бијат.

  18. 18

    И ќе ве одведат пред управници и цареви, заради Мене, за да сведочите пред нив и пред незнабожците.

  19. 19

    Кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате, зашто во тој час ќе ви биде дадено што да кажете;

  20. 20

    бидејќи не сте вие што ќе зборувате, туку Духот на вашиот Татко ќе зборува во вас.

  21. 21

    Брат ќе го предаде својот брат на смрт, а татко своето дете; децата ќе се кренат против родителите и ќе ги убијат.

  22. 22

    И ќе бидете замразени од сите заради Моето име, но оној што ќе истрае до крај ќе биде спасен.

  23. 23

    Кога ќе ве прогонуваат во еден град, бегајте во друг. Зашто вистина ви велам: нема да ги обиколите Израелевите градови пред да дојде Човечкиот Син.

  24. 24

    Нема ученик поголем од својот учител, ниту слуга – поголем од својот господар;

  25. 25

    доволно е ученикот да биде како својот учител, а слугата како својот господар. Ако стопанот на куќата го нарекле Велзевул, тогаш колку повеќе неговите домашни?

  26. 26

    И така, не плашете се од нив; зашто нема ништо сокриено што нема да се открие, ниту тајно што нема да се дознае.

  27. 27

    Тоа што ви го зборувам во темнина, кажете го на видело; и она што го слушате на уво, разгласувајте го на покривите!

  28. 28

    Не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат; туку плашете се од Оној Кој може и душата и телото да ги погуби во геената.

  29. 29

    Зар две врапчиња не се продаваат за една ситна бакарна паричка? Сепак, ниедно од нив нема да падне на земја без вашиот Татко.

  30. 30

    А вам и влакната на главата ви се изброени.

  31. 31

    Но не плашете се: вие сте поскапи од многу врапчиња.

  32. 32

    И така, секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот небесен Татко.

  33. 33

    А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот небесен Татко.

  34. 34

    Не мислете дека дојдов да донесам мир на земјата. Не дојдов да донесам мир, туку меч.

  35. 35

    Затоа дојдов да разделам човек од својот татко, и ќерка од својата мајка, и снаа од нејзината свекрва.

  36. 36

    И непријатели на човекот ќе бидат неговите домашни.

  37. 37

    Кој го сака својот татко или својата мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; или кој го сака својот син или својата ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене;

  38. 38

    и кој не го земе својот крст и не оди по Мене, не е достоен за Мене.

  39. 39

    Оној што ќе го зачува својот живот, ќе го изгуби; а оној што ќе го изгуби својот живот поради Мене, ќе го најде.

  40. 40

    Кој ве прима вас, Ме прима Мене; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил.

  41. 41

    Оној што прима пророк затоа што е пророк, ќе прими пророчка награда; и оној што прима праведник затоа што е праведник, ќе прими награда на праведник.

  42. 42

    И оној што ќе му даде само чаша студена вода на еден од овие малечки затоа што е Мој ученик – вистина ви велам – нема да ја изгуби својата награда.“