Прескокни кон главната содржина

Матеј

Глава 11

  1. 1

    И кога ги заврши Исус овие упатства на Своите дванаесет ученици, замина оттаму за да поучува и да проповеда по нивните градови.

  2. 2

    А Јован, кога во затворот слушна за Христовите дела, испрати преку своите ученици

  3. 3

    и Му рече: „Ти ли си Оној што треба да дојде или да чекаме друг?“

  4. 4

    Исус им одговори и рече: „Одете и кажете му на Јован што слушате и што гледате:

  5. 5

    слепите прогледуваат, куците одат, болните од лепра се очистуваат, глувите слушаат, мртвите воскреснуваат, а на сиромашните им се проповеда Евангелието.

  6. 6

    И блажен е оној што не се соблазнува поради Мене.“

  7. 7

    Кога тие си отидоа, Исус почна да му зборува на народот за Јован: „Што сте излегле да видите во пустината? Трска ли, што се лула од ветерот?

  8. 8

    Но, што излеговте да видите? Човек ли, облечен во мека облека? Ете, оние што носат мека облека се во царските палати.

  9. 9

    Па, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, ви велам, и повеќе од пророк.

  10. 10

    Зашто тој е за кого е напишано: „Ете, Јас го праќам Мојот гласник пред Твоето лице; тој ќе го приготви Твојот пат пред Тебе.“

  11. 11

    Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јован Крстител; но најмалиот во небесното царство е поголем од него.

  12. 12

    А од деновите на Јован Крстител па досега, небесното царство насила се зема и силните го грабаат,

  13. 13

    зашто сите Пророци и Законот пророкуваа до Јован.

  14. 14

    И ако сакате да примите, тој е Илија, кој треба да дојде.

  15. 15

    Кој има уши, нека чуе!

  16. 16

    „А со кого да го споредам овој род? Тој личи на деца што седат по пазариштата, па им викаат на своите другари

  17. 17

    и велат: ‚Ви свиревме и не игравте; ви пеевме жални песни и не плачевте‘.

  18. 18

    Зашто дојде Јован, кој не јаде, ниту пие, а велат: ‚Има демон.‘

  19. 19

    Дојде Човечкиот Син, Кој јаде и пие, и велат: ‚Еве, човек ненаситен и пијаница, пријател на даночници и грешници.‘ И Мудроста се оправда со своите дела.“

  20. 20

    Тогаш почна Исус да ги укорува градовите во кои беа извршени најмногу од Неговите моќни дела, бидејќи не се покајаа.

  21. 21

    „Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Ако моќните дела што се случија кај вас се случеа во Тир и Сидон, тие одамна ќе се покаеја во вреќиште и пепел.

  22. 22

    Но ви велам: на Тир и на Сидон ќе им биде полесно во судниот ден отколку вам.

  23. 23

    И ти, Капернауме, зар до небото ќе се возвишиш? Ќе слезеш во светот на мртвите. Зашто, ако во Содом се случеа моќните дела што се случија во тебе, тој ќе останеше до денес.

  24. 24

    Но ви велам дека на Содомската земја ќе ѝ биде полесно на судниот ден отколку тебе.“

  25. 25

    Во тоа време Исус рече: „Те прославувам, Татко, Господи на небото и на земјата, зашто си го сокрил тоа од мудрите и од разумните, и си го открил на децата.

  26. 26

    Да, Татко, зашто таква беше Твојата волја.

  27. 27

    Сѐ Ми е предадено од Мојот Татко и никој не Го познава Синот освен Таткото; ниту некој Го познава Таткото освен Синот и оној кому Синот сака да Го открие.

  28. 28

    Дојдете кај Мене сите изморени и оптоварени, и Јас ќе ве одморам.

  29. 29

    Земете го Мојот јарем врз себе и учете од Мене, зашто сум кроток и смирен по срце; и ќе најдете одмор за своите души.

  30. 30

    Зашто Мојот јарем е благ и Мојот товар е лесен.“