Прескокни кон главната содржина

Матеј

Глава 12

  1. 1

    Во тоа време, една сабота, Исус минуваше низ нивите. Неговите ученици огладнеа и почнаа да кинат класје и да јадат.

  2. 2

    Кога го видоа тоа, фарисеите Му рекоа: „Ете, Твоите ученици прават нешто што не е дозволено да се прави во сабота.“

  3. 3

    А Тој им рече: „Зар не сте прочитале што направи Давид кога тој и оние што беа со него огладнеа?

  4. 4

    Кога влезе во Божјиот дом, ги изеде посветените лебови, што не требаше да ги јаде ни тој, ниту оние што беа со него, туку само свештениците.

  5. 5

    Или, не сте ли читале во Законот дека во саботен ден свештениците ја нарушуваат саботата и пак не се виновни?

  6. 6

    Но Јас ви велам: овде е Оној Кој е поголем од храмот.

  7. 7

    И ако знаевте што значи: ‚Милост сакам, а не жртва‘, немаше да ги судите невините;

  8. 8

    зашто Човечкиот Син е господар и на саботата.“

  9. 9

    Откако замина оттаму, дојде во нивната синагога.

  10. 10

    И ете, таму беше еден човек, кој имаше исушена рака. И за да Го обвинат, Го прашаа Исус: „Дозволено ли е да се лекува во сабота?“

  11. 11

    А Тој им рече: „Кој од вас, ако има една овца и таа во сабота падне во јама, нема да ја фати и да ја извади?

  12. 12

    А колку повеќе вреди човекот од овцата! Затоа е дозволено да се прави добро во сабота.“

  13. 13

    Тогаш му рече на човекот: „Протегни ја раката!“ И тој ја протегна. И таа стана здрава како и другата.

  14. 14

    А фарисеите, штом излегоа, се договорија против Него како да Го погубат.

  15. 15

    Но Исус, кога го разбра тоа, се оддалечи оттаму. И по Него тргна многу народ, и Тој ги исцели сите.

  16. 16

    И им забрани да разгласуваат за Него;

  17. 17

    за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели:

  18. 18

    „Еве Го Мојот Слуга, Кого Го избрав, Мојот сакан, во Кого Мојата душа најде задоволство. Ќе Го положам Својот Дух врз Него и Тој ќе им ја објави правдата на народите.

  19. 19

    Нема да се кара, ниту ќе вика, и никој нема да го чуе Неговиот глас на раскрсниците.

  20. 20

    Скршената трска нема да ја докрши, ниту тлеечкиот фитил ќе го угасне, додека не ја доведе правдата до победа.

  21. 21

    И во Неговото име народите ќе се надеваат.“

  22. 22

    Тогаш Му доведоа човек опседнат од демон, кој беше слеп и нем. Исус го исцели, така што немиот проговори и прогледа.

  23. 23

    И сиот народ се чудеше и велеше: „Да не е Овој Давидовиот Син?“

  24. 24

    Но фарисеите, кога го слушнаа тоа, рекоа: „Овој ги изгонува демоните само со помош на Велзевул, началникот на демоните.“

  25. 25

    Но Исус ги знаеше нивните мисли и им рече: „Секое царство разделено против самото себе ќе запусти; и секој град или дом разделен против себе нема да опстане.

  26. 26

    И ако сатаната изгонува сатана, тој се разделил сам против себе; тогаш како може да опстане неговото царство?

  27. 27

    И ако Јас истерувам демони преку Велзевул, а вашите синови преку кого ги изгонуваат? Затоа тие ќе ви бидат судии.

  28. 28

    Ако, пак, Јас истерувам демони со Божјиот Дух, тоа значи дека дошло Божјото царство до вас.

  29. 29

    Или, како може да влезе некој во куќата на силен човек и да му ја плени покуќнината, ако најнапред не го врзе силниот? Дури тогаш ќе може да му ја ограби куќата.

  30. 30

    Кој не е со Мене, против Мене е; и кој не собира со Мене, растура.

  31. 31

    Затоа ви велам: секој грев и хула ќе им се прости на луѓето, но хулата против Духот нема да им се прости.

  32. 32

    И ако каже збор против Човечкиот Син, ќе му се прости; но, ако каже нешто против Светиот Дух, нема да му се прости ниту во овој ниту во идниот век.

  33. 33

    Или направете го дрвото добро, па и плодот ќе му биде добар; или направете го дрвото лошо, па и плодот ќе му биде лош; зашто по плодот се познава дрвото.

  34. 34

    Змиски породу! Како можете да зборувате добро кога сте зли? Зашто устата зборува од она со што е исполнето срцето.

  35. 35

    Добриот човек од доброто богатство изнесува добро, а лошиот човек од лошото богатство изнесува зло.

  36. 36

    А Јас ви велам: за секој празен збор што ќе го кажат луѓето ќе дадат одговор во судниот ден.

  37. 37

    Зашто по своите зборови ќе бидеш оправдан и по своите зборови ќе бидеш суден.“

  38. 38

    Тогаш некои од учителите на Законот и фарисеите одговорија и рекоа: „Учителе, сакаме да видиме знак од Тебе.“

  39. 39

    Но Тој им одговори: „Лукав и прељубнички род бара знак, но нема да му се даде друг знак освен знакот на пророкот Јона.

  40. 40

    Зашто, како што Јона беше во утробата на китот три дена и три ноќи, така и Човечкиот Син ќе биде во срцето на земјата три дена и три ноќи.

  41. 41

    Ниневијците ќе станат на суд со овој род и ќе го осудат, зашто се покајаа поради проповедта на Јона; а ете, тука е Некој поголем од Јона.

  42. 42

    И јужната царица ќе стане на суд со овој род и ќе го осуди; зашто таа дојде од краевите на земјата за да ја чуе мудроста на Соломон; а ете, тука е Некој поголем од Соломон.

  43. 43

    Кога нечистиот дух ќе излезе од човек, минува преку безводни места, барајќи спокој и не наоѓа;

  44. 44

    па ќе рече тогаш: ‚Да се вратам во мојот дом, од каде што излегов.‘ И штом дојде, го наоѓа празен, изметен и уреден;

  45. 45

    тогаш оди и доведува други седум духови, полоши од себе, и штом ќе влезат, таму ќе живеат; и последната состојба на тој човек станува уште полоша од првата. Така ќе биде и со овој пакостен род.“

  46. 46

    Додека му зборуваше на народот, Неговата мајка и Неговите браќа стоеја надвор и сакаа да зборуваат со Него.

  47. 47

    [Текстуално спорен стих: „Некој Му кажа: ‚Ете, Твојата мајка и Твоите браќа стојат надвор и сакаат да зборуваат со Тебе.‘“]

  48. 48

    Тој му одговори на оној што Му зборуваше и рече: „Која е Мојата мајка и кои се Моите браќа?“

  49. 49

    И покажувајќи со рака кон Своите ученици, рече: „Еве ги Мојата мајка и Моите браќа!

  50. 50

    Зашто кој ја исполнува волјата на Мојот небесен Татко, тој Ми е брат, и сестра, и мајка.“