Матеј
Глава 13
- 1
Истиот ден Исус излезе од куќата и седна покрај морето.
- 2
И се собра околу Него многу народ, така што Тој влезе во чамец и седна, а целиот народ стоеше на брегот.
- 3
И им зборуваше многу во параболи: „Ете, сејачот излезе да сее.“
- 4
Кога сееше, едни зрна паднаа покрај патот; долетаа птици и ги исколваа.
- 5
Други паднаа на каменито место, каде што немаше многу земја, и набргу поникнаа, зашто земјата не беше длабока.
- 6
Но, штом изгреа сонцето, тие свенаа, па, како немаа корен, се исушија.
- 7
Некои паднаа во трње и израсна трњето и ги задуши.
- 8
Други паднаа на добра земја и донесоа плод: едно стократно, друго шеесеткратно, а трето триесеткратно.
- 9
Кој има уши, нека чуе!
- 10
И кога се приближија до Него учениците, Му рекоа: „Зошто во параболи им зборуваш?“
- 11
А Тој им одговори и рече: „Зашто вам ви е дадено да ги знаете тајните на небесното царство, а ним не им е дадено.
- 12
Зашто кој има, ќе му се даде и ќе има во изобилство; а кој нема, ќе му се земе и она што го има.
- 13
Затоа им зборувам во параболи: гледаат, но не согледуваат; слушаат, а не слушаат, ниту разбираат.
- 14
И над нив се исполнува пророштвото на Исаија, кое вели: ‚Со уши ќе чуете и нема да разберете, со очи ќе гледате и нема да видите;
- 15
зашто срцето на овој народ стана закоравено; со ушите тешко слушаат и ги затворија очите, за да не видат со очите, да не чујат со ушите, да не разберат со срцето, да не се обратат и да не ги исцелам.‘
- 16
Вашите очи, пак, се блажени, зашто гледаат, и вашите уши – бидејќи слушаат;
- 17
зашто вистина ви велам: многу пророци и праведници сакаа да видат што гледате вие, и не видоа, и да чујат што слушате вие, и не чуја.
- 18
Вие, пак, чујте ја параболата за сејачот:
- 19
кај секого што го слуша зборот за царството, но не го разбира, доаѓа лукавиот и го граби она што е посеано во неговото срце; тоа е семето посеано покрај патот.
- 20
А посеаното на каменито место е оној што го слуша зборот и веднаш со радост го прима;
- 21
Но нема во себе корен и е непостојан; кога ќе настане неволја или гонење поради зборот, веднаш се соблазнува.
- 22
Посеаното, пак, во трње е оној што го слуша зборот, но грижата на овој век и измамата на богатството го задушуваат зборот и тој останува без плод.
- 23
А посеаното на добра земја е оној што го слуша зборот и го разбира, и дава плод: еден стократно, друг шеесеткратно, а трет триесеткратно.“
- 24
И друга парабола им кажа, велејќи: „Небесното царство личи на човек што посеал добро семе на својата нива;
- 25
но додека луѓето спиеја, дојде непријателот, посеа какол меѓу житото и си отиде.
- 26
А кога порасна растението и донесе плод, тогаш се појави и каколот.
- 27
И кога дојдоа слугите на стопанот, му рекоа: ‚Господаре, нели добро семе посеа на својата нива? Од каде сега, пак, овој какол во неа?‘
- 28
А тој им рече: ‚Непријател го направил тоа.‘ Слугите, пак, му рекоа: ‚Сакаш ли да одиме и да го исплевиме?‘
- 29
Но тој рече: ‚Не, за да не ја искорнете и пченицата додека го корнете каколот.
- 30
Оставете нека растат и едното и другото заедно до жетвата; а за време на жетвата ќе им кажам на жетварите: соберете го најнапред каколот во снопови, за да се изгори; а житото приберете го во мојата житница.‘“
- 31
И им кажа друга парабола: „Небесното царство личи на синапово зрно, кое човек го зеде и го посеа на својата нива;
- 32
тоа е најмало од сите семиња, но, кога ќе израсне, поголемо е од сите растенија, па станува дури и дрво – така што птиците небесни долетуваат и застануваат на неговите гранки.“
- 33
И друга парабола им кажа: „Небесното царство личи на квас, што го зема жена и го става во три мери брашно, додека не скисне сето тесто.“
- 34
Сето ова му го зборуваше Исус на народот во параболи; без парабола не им зборуваше ништо;
- 35
за да се исполни реченото преку пророкот, кој вели: „Со параболи ќе ја отворам Својата уста; ќе ги искажам скриените нешта од создавањето.“
- 36
Тогаш Исус го остави народот и влезе во една куќа. А учениците се приближија до Него и Му рекоа: „Протолкувај ни ја параболата за каколот на нивата!“
- 37
А Тој им одговори и рече: „Сејачот на доброто семе е Човечкиот Син;
- 38
нивата е овој свет; доброто семе се синовите на царството, а каколот – синовите на лукавиот;
- 39
Непријателот, пак, што го посеа, е Ѓаволот; жетвата е крајот на овој век, а жетварите се ангелите.
- 40
И така, како што се собира каколот и се гори во оган, така ќе биде и на крајот на овој век.
- 41
Човечкиот Син ќе ги испрати Своите ангели, и тие ќе ги соберат од Неговото царство сите причини за грев и сите што вршат беззаконие,
- 42
и ќе ги фрлат во вжарена печка; и таму ќе биде плач и крцкање со заби.
- 43
Тогаш праведниците ќе светат како сонце во царството на нивниот Татко. Кој има уши, нека чуе!
- 44
Небесното царство личи на богатство, сокриено во нива, кое човек го нашол и повторно го сокрил; па од радост оди, продава сѐ што има и ја купува таа нива.
- 45
Небесното царство личи и на трговец, кој бара убави бисери;
- 46
па, штом најде еден скапоцен бисер, отиде, продаде сѐ што имаше и го купи.
- 47
Небесното царство личи, исто така, и на мрежа, која се фрла во морето и уловува секакви риби:
- 48
и кога ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот и седнуваат, па добрите риби ги собираат во садови, а лошите ги фрлаат.
- 49
Така ќе биде и на крајот на овој век: ќе излезат ангелите и ќе ги одделат лошите од праведните.
- 50
и ќе ги фрлат во вжарената печка; таму ќе има плач и крцкање со заби.“
- 51
Исус ги праша: „Дали го разбравте сето ова?“ Тие Му одговорија: „Да.“
- 52
Тој им рече: „Затоа секој учител на Законот кој станал ученик на небесното царство личи на домаќин кој од своето богатство изнесува и ново и старо.“
- 53
И, кога ги кажа Исус овие параболи, си замина оттаму.
- 54
Кога дојде во Својот роден крај, ги поучуваше луѓето во нивната синагога, така што тие се чудеа и велеа: „Од каде Му се оваа мудрост и овие чудотворни сили?
- 55
Не е ли Овој синот на дрводелецот? Зар Неговата мајка не се вика Марија, а Неговите браќа Јаков, Јосиф, Симон и Јуда?
- 56
И зар сите Негови сестри не живеат меѓу нас? Од каде Му е тогаш сето ова?“
- 57
И Го отфрлија. А Исус им рече: „Пророкот се почитува насекаде, освен во својот роден крај и во својот дом.“
- 58
И таму не направи многу моќни дела поради нивното неверие.