Прескокни кон главната содржина

Матеј

Глава 14

  1. 1

    Во тоа време гласот за Исус стигна до Ирод, тетрархот.

  2. 2

    И им рече на своите слуги: „Тоа е Јован Крстител! Тој воскреснал од мртвите, и затоа преку него дејствуваат овие сили.“

  3. 3

    Зашто Ирод го беше фатил Јован, го врзал и го ставил во затвор поради Иродијада, жената на неговиот брат Филип.

  4. 4

    Бидејќи Јован му велеше: „Не ти е дозволено да ја имаш!“

  5. 5

    И сакаше да го убие, но се боеше од народот, зашто го сметаа за пророк.

  6. 6

    И кога беше роденденот на Ирод, ќерката на Иродијада играше пред гостите и му угоди на Ирод;

  7. 7

    затоа, тој со клетва ѝ вети дека ќе ѝ даде што и да побара.

  8. 8

    Таа, наговорена од својата мајка, рече: „Дај ми ја овде, на послужавник, главата на Јован Крстител.“

  9. 9

    Царот се нажали, но поради заклетвите и гостите нареди да ѝ ја дадат.

  10. 10

    Потоа испрати луѓе да му ја отсечат главата на Јован во затворот.

  11. 11

    И ја донесоа неговата глава на послужавник и ја дадоа на девојката, а таа ја однесе на својата мајка.

  12. 12

    Неговите ученици дојдоа, го дигнаа неговото тело и го погребаа; па отидоа и Му јавија на Исус.

  13. 13

    Кога Исус го слушна тоа, се повлече оттаму со чамец во пусто место, насамо. Но народот дозна и тргна по Него пеш од градовите.

  14. 14

    И кога излезе Исус, виде многу народ; и се смилува над нив и ги излекува нивните болни.

  15. 15

    Кога се стемни, Му пристапија Неговите ученици и рекоа: „Ова место е пусто, а веќе е доцна; пушти го народот да отиде по селата и да си купи храна.“

  16. 16

    Но Исус им рече: „Нема потреба да одат; дајте им вие да јадат!“

  17. 17

    А тие Му рекоа: „Ние имаме само пет лебови и две риби.“

  18. 18

    Тој им рече: „Донесете Ми ги тука!“

  19. 19

    Откако му заповеда на народот да седне на тревата, ги зеде петте лебови и двете риби, погледна во небото, ги благослови и откако ги прекрши, ги даде на учениците, а учениците – на народот.

  20. 20

    Сите јадеа и се наситија; а од преостанатите парчиња собраа дванаесет полни кошници.

  21. 21

    А оние што јадеа беа околу пет илјади мажи, освен жените и децата.

  22. 22

    А веднаш Исус ги принуди Своите ученици да влезат во чамецот и да тргнат пред Него на другата страна, додека Тој го распушти народот.

  23. 23

    Па штом го распушти народот, Тој се качи на планината, за да се помоли насамо. И таа вечер остана Сам.

  24. 24

    А чамецот веќе беше оддалечен многу стадии од копното, мачен од брановите, зашто ветрот беше спротивен.

  25. 25

    Но на четвртата ноќна стража, дојде Исус кај нив, одејќи по морето.

  26. 26

    А учениците, штом Го видоа како оди по морето, се уплашија и рекоа: „Тоа е привидение!“ И од страв извикаа.

  27. 27

    Но Исус веднаш почна да зборува со нив и им рече: „Охрабрете се! Јас сум; не плашете се!“

  28. 28

    А Петар, одговарајќи, Му рече: „Господи, ако си Ти, дозволи да дојдам кај Тебе по водата!“

  29. 29

    И Исус му рече: „Дојди!“ Па штом излезе од чамецот, Петар тргна по водата за да оди кај Исус;

  30. 30

    Но кога го виде ветрот, се исплаши; почна да потонува и извика: „Господи, спаси ме!“

  31. 31

    Исус веднаш му подаде рака, го фати и му рече: „Маловернику, зошто се посомнева?“

  32. 32

    Кога влегоа во чамецот, ветрот престана.

  33. 33

    А оние што беа во чамецот Му се поклонија и рекоа: „Навистина, Ти си Божји Син!“

  34. 34

    Па откако преминаа, дојдоа во Генисаретскиот крај.

  35. 35

    Луѓето од тоа место, штом Го познаа, разнесоа вест по целата таа околија и ги донесоа кај Него сите болни.

  36. 36

    И Го молеа да се допрат барем до крајот на Неговата облека; и тие, сите што се допреа, оздравеа.