Прескокни кон главната содржина

Матеј

Глава 15

  1. 1

    Тогаш кај Исус дојдоа фарисеи и учители на Законот од Ерусалим и Го прашаа:

  2. 2

    „Зошто Твоите ученици го престапуваат преданието на старешините? Не ги мијат рацете кога јадат леб.“

  3. 3

    А Тој им одговори: „А вие, зошто ја престапувате Божјата заповед поради вашето предание?

  4. 4

    Зашто Бог рече: ‚Почитувај го својот татко и својата мајка‘, и: ‚Кој зборува зло за татко или мајка, нека биде казнет со смрт.‘

  5. 5

    А вие велите: ако некој му рече на својот татко или на својата мајка: она со што би можел да ти помогнам е дар посветен на Бог;

  6. 6

    тој нема да го почитува својот татко. Така го поништивте Божјиот збор поради вашето предание.

  7. 7

    Лицемери, добро пророкувал за вас Исаија, велејќи:

  8. 8

    „Овој народ Ме почитува со усните, а неговото срце е далеку од Мене;

  9. 9

    но напразно Ме почитува, зашто поучува човечки заповеди‘.“

  10. 10

    И кога ги повика луѓето, им рече: „Слушајте и разберете:

  11. 11

    Човекот не го осквернува она што влегува во устата, туку она што излегува од устата.“

  12. 12

    Тогаш учениците Му пристапија и Му рекоа: „Знаеш ли дека фарисеите се навредија кога ги слушнаа тие зборови?“

  13. 13

    А Тој одговори: „Секое растение што не го засадил Мојот небесен Татко ќе биде искоренето.

  14. 14

    Оставете ги; тие се слепи водачи. А кога слепец води слепец, и двајцата ќе паднат во јама.“

  15. 15

    Петар, пак, Му одговори и рече: „Објасни ја оваа парабола.“

  16. 16

    Исус рече: „Зар и вие сѐ уште не разбирате?

  17. 17

    Уште ли не разбирате дека сѐ што влегува во устата, минува преку стомакот и се исфрлува надвор?

  18. 18

    А она што излегува од устата, доаѓа од срцето и тоа го осквернува човекот;

  19. 19

    Зашто од срцето излегуваат лоши мисли, убиства, прељуби, блудства, кражби, лажни сведоштва и хули.

  20. 20

    Тоа го осквернува човекот. А јадењето со неизмиени раце не го осквернува човекот.“

  21. 21

    И кога излезе оттаму Исус, замина во тирскиот и сидонскиот крај.

  22. 22

    И ете, една жена Хананејка од тој крај излезе и извика: „Господи, Сине Давидов, смилувај ми се! Ќерка ми е тешко опседната од демон.“

  23. 23

    Но Тој не ѝ одговори ниту збор. И пристапувајќи до Него, Неговите ученици Го молеа и велеа: „Отпушти ја, зашто вика по нас.“

  24. 24

    А Тој одговори и рече: „Јас сум пратен само кај изгубените овци на Израелевиот дом.“

  25. 25

    Но таа пристапи, Му се поклони и рече: „Господи, помогни ми!“

  26. 26

    А Тој одговори: „Не е добро да се земе лебот на децата и да се фрли на кученцата.“

  27. 27

    Но таа рече: „Да, Господи, зашто и кученцата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на нивните господари.“

  28. 28

    Тогаш Исус ѝ одговори: „О жено, голема е твојата вера! Нека ти биде како што сакаш.“ И нејзината ќерка оздраве во истиот час.

  29. 29

    Штом замина оттаму, дојде Исус кај Галилејското Море, се искачи на гората и седна таму.

  30. 30

    И дојде кај Него многу народ, кој имаше со себе куци, слепи, неми, сакати и многу други, и ги положија пред нозете на Исус, и Тој ги исцели

  31. 31

    така што народот се восхитуваше, гледајќи како неми зборуваат, сакати оздравуваат, куци одат и слепи прогледуваат и Го прославуваше Израелевиот Бог.

  32. 32

    А Исус, кога ги повика Своите ученици, рече: „Жал Ми е за народот, зашто веќе три дена се со Мене и немаат што да јадат; не сакам да ги пуштам гладни, за да не премалеат по патот.“

  33. 33

    Но Неговите ученици Му рекоа: „Каде да земеме толку леб во пустинава, за да прехраниме толку народ?“

  34. 34

    Исус ги праша: „Колку лебови имате?“ А тие одговорија: „Седум и неколку риби.“

  35. 35

    Тогаш Исус му заповеда на народот да поседне по земјата.

  36. 36

    И кога ги зеде седумте лебови и рибите, благодари, ги прекрши и им даде на Своите ученици, а учениците – на народот.

  37. 37

    И јадеа и се наситија; и собраа од преостанатите парчиња седум полни кошници.

  38. 38

    А оние што јадеа беа четири илјади мажи, освен жените и децата.

  39. 39

    Откако го распушти народот, влезе во чамецот и дојде во пределите на Магадан.