Матеј
Глава 9
- 1
Тогаш Исус влезе во чамецот, премина на другата страна и дојде во Својот град.
- 2
И ете, Му донесоа еден парализиран човек, положен на постела. Кога ја виде нивната вера, Исус му рече на парализираниот: „Охрабри се, сине! Ти се простуваат гревовите.“
- 3
Тогаш некои од учителите на Законот рекоа во себе: „Овој богохулствува.“
- 4
А Исус, штом ги разбра нивните мисли, рече: „Зошто негувате зли мисли во своите срца?
- 5
Што е полесно да се каже: ‚Ти се простуваат гревовите‘, или: ‚Стани и оди‘?
- 6
Но да знаете дека Човечкиот Син има власт на земјата да простува гревови.“ Тогаш му рече на парализираниот: „Стани, земи ја постелата и оди си дома!“
- 7
И тој стана, ја зеде својата постела и си отиде дома.
- 8
А народот, кога го виде тоа, се исплаши и Го прослави Бог, Кој им даде таква власт на луѓето.
- 9
Кога заминуваше оттаму, Исус виде еден човек, по име Матеј, како седи на даночницата, и му рече: „Следи Ме!“ Тој стана и тргна по Него.
- 10
И додека Исус седеше на трпеза во куќата, одеднаш многумина даночници и грешници дојдоа и седнаа до Него и до Неговите ученици.
- 11
Но, штом го видоа тоа фарисеите, им рекоа на Неговите ученици: „Зошто вашиот Учител јаде со даночници и грешници?“
- 12
Кога го чу тоа, Исус им рече: „Не им треба лекар на здравите, туку на болните.
- 13
Одете и научете што значи: ‚Милост сакам, а не жртва.‘ Зашто не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците.“
- 14
Тогаш дојдоа кај Него Јовановите ученици и рекоа: „Зошто ние и фарисеите постиме многу, а Твоите ученици не постат?“
- 15
А Исус им рече: „Зар можат свадбените гости да бидат нажалени додека со нив е младоженецот? Но ќе дојдат денови, кога младоженецот ќе им биде одземен, па тогаш ќе постат.
- 16
Никој не става крпа од ново платно на стара облека, зашто закрпата ќе се откине од облеката и расцепот ќе стане уште поголем.
- 17
Ниту се става ново вино во стари кожени мевови. Инаку мевовите ќе пукнат, виното ќе се истури, а мевовите ќе пропаднат. Новото вино се става во нови кожени мевови, и така и двете се зачувуваат.“
- 18
Додека Исус им го зборуваше тоа, Му пристапи еден старешина, Му се поклони и рече: „Ќерка ми штотуку умре; но дојди, положи ја Својата рака врз неа, и таа ќе оживее.“
- 19
Исус стана и тргна по него, а со Него и Неговите ученици.
- 20
И ете, една жена, која страдаше дванаесет години од крвавење, се приближи одзади и се допре до крајот на Неговата облека.
- 21
Зашто си велеше: „Само ако се допрам до Неговата облека, ќе оздравам.“
- 22
Исус се сврте, ја виде и рече: „Охрабри се, ќерко! Твојата вера те спаси.“ И жената оздраве во истиот час.
- 23
И кога дојде Исус во куќата на старешината и ги виде свирачите и вознемирениот народ,
- 24
им рече: „Излезете надвор, зашто девојката не е умрена, туку спие.“ А тие Му се потсмеваа.
- 25
Но штом го истера народот, Тој влезе, ја фати девојката за рака и таа стана.
- 26
И се расчу тоа по целиот крај.
- 27
А кога Исус си одеше оттаму, тргнаа по Него двајца слепи и викаа: „Смилувај ни се, Сине Давидов!“
- 28
А штом дојде во куќата, слепците се приближија до Него. И Исус им рече: „Верувате ли дека можам да го направам тоа?“ Тие Му рекоа: „Да, Господи!“
- 29
Тогаш ги допре нивните очи и рече: „Нека ви биде според вашата вера!“
- 30
И очите им се отворија; а Исус им заповеда строго: „Гледајте, никој да не дознае!“
- 31
А тие, штом излегоа, разнесоа вест за Него по целата таа земја.
- 32
Додека тие излегуваа, Му доведоа еден нем човек, опседнат од демон.
- 33
Откако демонот беше изгонет, немиот проговори. Народот се восхитуваше и велеше: „Никогаш не се видело вакво нешто во Израел!“
- 34
Но фарисеите велеа: „Тој ги изгонува демоните со помош на началникот на демоните.“
- 35
Исус одеше по сите градови и села, поучуваше во нивните синагоги, го проповедаше Евангелието за царството и лекуваше секаква болест и секаква немоќ.
- 36
Кога го виде мноштвото, се сожали над нив, зашто беа измачени и беспомошни, како овци без пастир.
- 37
Тогаш им рече на Своите ученици: „Жетвата е голема, а работници малку;
- 38
затоа помолете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва.“