Матеј
Глава 8
- 1
А кога слегна од планината, по Него одеше многу народ.
- 2
И ете, Му пристапи еден човек болен од лепра, Му се поклони и рече: „Господи, ако сакаш, можеш да ме очистиш.“
- 3
Исус ја испружи раката, го допре и рече: „Сакам. Очисти се!“ И веднаш се очисти од лепрата.
- 4
И му рече Исус: „Гледај, никому не кажувај; а оди, покажи му се на свештеникот и принеси го дарот што го заповедал Мојсеј, за сведоштво пред нив.“
- 5
А кога влезе Исус во Капернаум, Му пристапи еден стотник и Го молеше:
- 6
„Господи, мојот слуга лежи дома парализиран и многу страда.“
- 7
Исус му рече: „Ќе дојдам и ќе го излекувам.“
- 8
А стотникот одговори: „Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив. Само кажи збор, и мојот слуга ќе оздрави.
- 9
Зашто и јас сум човек под власт, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: ‚Оди!‘ и тој оди; и на другиот: ‚Дојди!‘ и тој доаѓа; и на слугата: ‚Направи тоа!‘ и тој прави.“
- 10
Кога го чу тоа, Исус се зачуди и им рече на оние што одеа по Него: „Вистина ви велам: ни во Израел не најдов толку голема вера.
- 11
И ви велам дека многумина ќе дојдат од исток и од запад и ќе седнат на трпеза со Авраам, Исак и Јаков во небесното царство,
- 12
а синовите на царството ќе бидат фрлени во надворешната темнина; таму ќе има плач и крцкање со заби.“
- 13
И му рече Исус на стотникот: „Оди си и, како што си верувал, нека ти биде!“ И неговиот слуга во истиот час оздраве.
- 14
Кога дојде во домот на Петар, Исус ја виде неговата тешта како лежи болна од треска,
- 15
И се допре до нејзината рака, и треската ја остави; таа стана и Му служеше.
- 16
Кога се стемни, Му доведоа многу луѓе опседнати од демони. Тој со збор ги изгони духовите и ги исцели сите болни,
- 17
за да се исполни она што беше кажано преку пророкот Исаија: „Тој ги зеде нашите немоќи и ги понесе нашите болести.“
- 18
Кога виде околу Себе многу народ, нареди да преминат на другата страна.
- 19
Тогаш Му пристапи еден учител на Законот и рече: „Учителе, ќе Те следам каде и да одиш.“
- 20
Исус му рече: „Лисиците имаат легла и небесните птици гнезда, а Човечкиот Син нема каде да ја положи Својата глава.“
- 21
Друг, пак, од учениците Му рече: „Господи, дозволи ми најнапред да отидам и да го погребам својот татко.“
- 22
Но Исус му рече: „Следи Ме, а остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртви.“
- 23
И кога влезе во чамецот, по Него влегоа и Неговите ученици.
- 24
И ете, настана голема бура на морето, така што брановите го покриваа чамецот, а Тој спиеше.
- 25
Тогаш се приближија учениците до Него, Го разбудија и рекоа: „Господи, спаси нѐ! Загинуваме!“
- 26
А Тој им рече: „Зошто сте толку плашливи, маловерни?“ Потоа стана, им заповеда на ветровите и на морето, и настана голема тишина.
- 27
А луѓето се зачудија и рекоа: „Кој е Овој, па и ветровите и морето Му се покоруваат?“
- 28
Кога пристигна на другата страна, во гадаринскиот крај, Го сретнаа двајца опседнати од демони, кои излегуваа од гробиштата. Беа толку насилни што никој не можеше да помине по тој пат.
- 29
И ете, извикаа и рекоа: „Што имаш Ти со нас, Сине Божји? Зар си дошол тука предвреме да нѐ мачиш?“
- 30
А далеку од нив пасеа голем број свињи.
- 31
Демоните Го молеа: „Ако нѐ изгониш, дозволи ни да влеземе во свињите.“
- 32
И Тој им рече: „Отидете!“ И тие излегоа и отидоа во свињите. И одеднаш сите свињи се сурнаа низ стрмнината во морето.
- 33
А свињарите побегнаа и, штом дојдоа во градот, раскажаа за сето тоа и за она што се беше случило со опседнатите.
- 34
И ете, целиот град излезе да Го пресретне Исус; а кога Го видоа, Го замолија да си замине од нивниот крај.