Прескокни кон главната содржина

Матеј

Глава 7

  1. 1

    „Не судете, за да не бидете судени;

  2. 2

    зашто, со каков суд судите, со таков ќе бидете судени; со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери.

  3. 3

    Зошто ја гледаш трунката во окото на својот брат, а не ја забележуваш гредата во своето око?

  4. 4

    Или како ќе кажеш на својот брат: ‚Чекај да ти ја извадам трунката од окото‘, кога, ете, во твоето око има греда?

  5. 5

    Лицемере, извади ја прво гредата од твоето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш трунката од окото на својот брат.

  6. 6

    Не давајте им го светото на кучињата и не фрлајте ги своите бисери пред свињите, за да не ги изгазат со нозете, а потоа да се свртат и да ве раскинат.

  7. 7

    Молете и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори.

  8. 8

    Зашто секој што моли – добива; кој бара – наоѓа; а на оној што чука, ќе му се отвори.

  9. 9

    Има ли меѓу вас човек кој, ако неговиот син му побара леб, да му даде камен,

  10. 10

    или, ако му побара риба, да му даде змија?

  11. 11

    И така, ако вие, иако сте зли, знаете да им давате добри дарови на своите деца, колку повеќе вашиот небесен Татко ќе им даде добро на оние што бараат од Него!

  12. 12

    Сѐ она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие; зашто тоа се Законот и Пророците.

  13. 13

    Влезете низ тесната врата; зашто широка е вратата и простран е патот што води во пропаст, и мнозина одат по него.

  14. 14

    Колку е тесна вратата и тесен е патот што води во живот, и малкумина го наоѓаат!

  15. 15

    Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат во овча кожа, а одвнатре се волци грабливи.

  16. 16

    По нивните плодови ќе ги познаете. Се бере ли грозје од трње или смокви од чички?

  17. 17

    Па така, секое добро дрво дава добри плодови, а лошо дрво дава лоши плодови;

  18. 18

    не може добро дрво да дава лоши плодови, ниту лошо дрво да дава добри плодови.

  19. 19

    Секое дрво што не дава добар плод се сече и се фрла во оган.

  20. 20

    И така, по нивните плодови ќе ги познаете.

  21. 21

    Не секој што Ми вели: ‚Господи, Господи‘, ќе влезе во небесното царство, туку оној што ја исполнува волјата на Мојот небесен Татко.

  22. 22

    Во оној ден мнозина ќе Ми речат: ‚Господи, Господи, зар не пророкувавме во Твое име? Зар не изгонувавме демони во Твое име и не правевме многу моќни дела во Твое име?‘

  23. 23

    Тогаш ќе им кажам: ‚Никогаш не сум ве познавал. Одете си од Мене, вие што вршите беззаконие!‘

  24. 24

    Затоа секој што ги слуша овие Мои зборови и ги извршува ќе биде како разумен човек кој ја изградил својата куќа врз карпа.

  25. 25

    Падна дожд, надојдоа порои, дувнаа ветрови и удрија врз таа куќа, но таа не падна, зашто беше изградена врз карпа.

  26. 26

    А секој што ги слуша овие Мои зборови и не ги извршува ќе биде како неразумен човек кој ја изградил својата куќа врз песок.

  27. 27

    Падна дожд, надојдоа порои, дувнаа ветрови и удрија врз таа куќа; и таа падна, а нејзиното паѓање беше големо.“

  28. 28

    И кога ги заврши овие зборови, народот се чудеше на Неговото учење,

  29. 29

    зашто Тој ги поучуваше како Оној Кој има власт, а не како учителите на Законот.