Прескокни кон главната содржина

Матеј

Глава 6

  1. 1

    „Внимавајте да не ја покажувате својата праведност пред луѓето за тие да ве видат; инаку нема да имате награда кај вашиот небесен Татко.

  2. 2

    Затоа, кога им помагаш на сиромашните, не труби пред себе, како што прават лицемерите во синагогите и по улиците, за луѓето да ги фалат. Вистина ви велам: тие веќе ја добиле својата награда.

  3. 3

    А кога им помагаш на сиромашните, твојата лева рака нека не знае што прави десната,

  4. 4

    за твојата помош да остане тајна; а твојот Татко, Кој гледа во тајност, ќе те награди.

  5. 5

    И кога се молите, не бидете како лицемерите, што сакаат да стојат по синагогите и раскрсниците за да се молат и да се покажат пред луѓето. Вистина ви велам: тие веќе ја добиле својата награда.

  6. 6

    А ти, кога се молиш, влези во својата соба, затвори ја вратата и помоли Му се на својот Татко, Кој е во тајност; и твојот Татко, Кој гледа во тајност, ќе те награди.

  7. 7

    А кога се молите, не повторувајте празни зборови како незнабожците, зашто тие мислат дека ќе бидат слушнати поради многуте зборови.

  8. 8

    Не бидете како нив, зашто вашиот небесен Татко знае што ви е потребно уште пред да Го помолите.

  9. 9

    Затоа молете се вака: ‚Татко наш, Кој си на небесата, да се свети Твоето име;

  10. 10

    да дојде Твоето царство; да биде Твојата волја, како на небото, така и на земјата;

  11. 11

    дај ни го денес нашиот потребен леб;

  12. 12

    и прости ни ги нашите долгови, како што и ние им простивме на нашите должници;

  13. 13

    и не воведувај нѐ во искушение, туку избави нѐ од лукавиот. [Во подоцнежни ракописи стои: „Зашто Твое е царството, силата и славата во сите векови. Амин.“]‘

  14. 14

    Зашто ако вие им ги простите на луѓето нивните гревови, и вам ќе ви ги прости вашиот небесен Татко;

  15. 15

    ако, пак, вие не им ги простите гревовите на луѓето, и вашиот Татко нема да ви ги прости вашите гревови.

  16. 16

    Кога постите, не бидете како лицемерите; зашто тие си ги прават лицата мрачни, за да се покажат пред луѓето дека постат. Вистина ви велам, тие веќе ја добиле својата награда.

  17. 17

    А ти, кога постиш, намачкај ја својата глава со масло и измиј го своето лице,

  18. 18

    за да не покажуваш пред луѓето дека постиш, туку пред твојот Татко, Кој е во тајност; и твојот Татко, Кој гледа во тајност, ќе те награди.

  19. 19

    Не собирајте богатства на земјата, каде што молецот и рѓата ги уништуваат, и каде што крадците провалуваат и крадат;

  20. 20

    но собирајте си богатства на небото, каде што ниту молец ниту рѓа ги уништуваат, и каде што крадци не провалуваат ниту крадат;

  21. 21

    зашто, каде што е вашето богатство, таму ќе биде и вашето срце.

  22. 22

    Светлило за телото е окото. И така, ако твоето око биде чисто, и целото твое тело ќе биде светло;

  23. 23

    Но ако твоето око е лошо, целото твое тело ќе биде во темнина. Ако светлината во тебе е темнина, колку голема е тогаш темнината!

  24. 24

    Никој не може да им служи на двајца господари, зашто едниот ќе го мрази, а другиот ќе го сака; или кон едниот ќе биде приврзан, а другиот ќе го презира. Не можете да Му служите и на Бог и на богатството.

  25. 25

    Затоа ви велам: не грижете се за својот живот – што ќе јадете или што ќе пиете, ниту за своето тело – во што ќе се облечете. Зар животот не е поважен од храната, а телото од облеката?

  26. 26

    Погледајте ги птиците небесни; тие не сеат, ниту пак жнеат, ниту собираат во амбари; но вашиот Татко ги храни. Зар не сте поскапи од нив?

  27. 27

    Кој од вас, грижејќи се, може да го продолжи својот живот макар за еден час?

  28. 28

    Зошто се грижите и за облеката? Погледајте ги полските кринови како растат: не се трудат, ниту предат;

  29. 29

    но ви велам дека ни Соломон, во сета своја слава, не беше облечен како еден од нив;

  30. 30

    па, ако полската трева, што денес постои, а утре во оган се фрла, Бог така ја облекува, а колку повеќе вас, маловерни!

  31. 31

    Па затоа не грижете се и не говорете: ‚Што ќе јадеме?‘, ‚Што ќе пиеме?‘ или ‚Во што ќе се облечеме?‘

  32. 32

    Зашто сето тоа го бараат незнабожците, а вашиот небесен Татко знае дека од сето тоа имате потреба.

  33. 33

    Но барајте го најнапред Божјото царство и Неговата праведност, и сето ова ќе ви се додаде.

  34. 34

    И така, немојте да се грижите за утре, зашто утрешниот ден ќе се грижи за себе; на секој ден му е доволна неговата мака.“