Прескокни кон главната содржина

Матеј

Глава 5

  1. 1

    Кога Исус го виде мноштвото, се искачи на гората. Откако седна, Неговите ученици Му пристапија.

  2. 2

    Тогаш ја отвори Својата уста и почна да ги поучува:

  3. 3

    „Блажени се сиромашните по дух, зашто нивно е небесното царство.

  4. 4

    Блажени се оние кои плачат, зашто ќе се утешат!

  5. 5

    Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата!

  6. 6

    Блажени се гладните и жедните за праведност, зашто ќе се наситат!

  7. 7

    Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!

  8. 8

    Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бог!

  9. 9

    Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат Божји синови!

  10. 10

    Блажени се прогонуваните поради праведноста, зашто нивно е небесното царство!

  11. 11

    Блажени сте кога поради Мене ќе ве навредуваат, ќе ве прогонуваат и лажно ќе зборуваат против вас секакво зло.

  12. 12

    Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата! Така ги гонеа и пророците што беа пред вас.

  13. 13

    Вие сте солта на земјата. Но ако солта ја изгуби силата, со што ќе се осоли? Таа веќе не служи за ништо, освен да се фрли надвор и да биде изгазена од луѓето.

  14. 14

    Вие сте светлина на светот. Не може да се сокрие град што се наоѓа на планина.

  15. 15

    Ниту се пали светилка за да се стави под сад, туку на светилник, за да им свети на сите во куќата.

  16. 16

    Така нека свети и вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот небесен Татко.

  17. 17

    Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците; не сум дошол да ги поништам, туку да ги исполнам.

  18. 18

    Зашто вистина ви велам: додека не поминат небото и земјата, нема да исчезне ниту најмалата буква или цртичка од Законот, додека сѐ не се исполни.

  19. 19

    И така, оној што ќе наруши една од тие најмали заповеди и така ги научи луѓето, најмал ќе се нарече во небесното царство; а оној што ќе ги исполнува и така ќе ги поучува луѓето, тој голем ќе се нарече во небесното царство.

  20. 20

    Затоа ви велам, ако вашата праведност не ја надмине праведноста на учителите на Законот и фарисеите, вие нема да влезете во небесното царство.

  21. 21

    Сте слушнале дека на старите им било речено: ‚Не убивај! Кој ќе убие, ќе одговара пред суд.‘

  22. 22

    А Јас ви велам: секој што се гневи на својот брат ќе подлежи на суд; кој ќе му рече на својот брат: ‚Празноглавецу‘, ќе биде виновен пред врховниот суд; а кој ќе рече: ‚Безумнику‘, ќе биде осуден на огнената геена.

  23. 23

    И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека твојот брат има нешто против тебе,

  24. 24

    тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па отиди и најнапред помири се со својот брат, а потоа дојди и принеси го дарот.

  25. 25

    Помири се брзо со својот противник додека уште си со него на пат, за да не те предаде противникот на судијата, судијата на стражарот, и да бидеш фрлен во затвор.

  26. 26

    Вистина ти велам: нема да излезеш оттаму додека не ја платиш и последната паричка.

  27. 27

    Сте слушнале дека било речено: ‚Не прави прељуба!‘

  28. 28

    Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во своето срце.

  29. 29

    Ако твоето десно око те наведува на грев, извади го и фрли го од себе; зашто подобро е да изгубиш еден дел од телото отколку целото твое тело да биде фрлено во геена.

  30. 30

    И ако твојата десна рака те наведува на грев, отсечи ја и фрли ја од себе; зашто подобро е да изгубиш еден дел од телото отколку целото твое тело да биде фрлено во геена.

  31. 31

    Речено било и тоа: ‚Ако некој ја остави својата жена, нека ѝ даде разводно писмо‘.

  32. 32

    А Јас ви велам: секој што ќе ја остави својата жена, освен поради блудство, ја изложува на прељуба; а кој ќе се ожени со оставена жена, прави прељуба.

  33. 33

    Сте го слушале уште и тоа дека им било речено на старите – ‚Не колни се криво, а заклетвите пред Господ исполнувај ги‘.

  34. 34

    Јас, пак, ви велам: не колнете се воопшто – ниту во небото, зашто е престол Божји;

  35. 35

    ниту во земјата, зашто е подножје на Неговите нозе; ниту во Ерусалим, зашто е град на великиот Цар.

  36. 36

    Не се колни ни во својата глава, зашто не можеш ниту едно влакно од својата коса да го направиш бело или црно.

  37. 37

    Но вашиот збор нека биде: ‚Да‘ – да, а ‚не‘ – не; сѐ што е повеќе од тоа е од лукавиот.

  38. 38

    Сте слушале дека е речено: ‚Око за око, заб за заб‘.

  39. 39

    Јас, пак, ви велам: да не се противите на злото. Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот.

  40. 40

    Ако некој сака да те тужи и да ти ја земе кошулата, остави му ја и наметката.

  41. 41

    Ако некој те присили да одиш со него една милја, оди со него две.

  42. 42

    На оној што бара од тебе, дај му, и не го одбивај оној што сака да позајми од тебе.

  43. 43

    Сте слушале дека е кажано – ‚Љуби го својот ближен и мрази го непријателот‘.

  44. 44

    А Јас ви велам: љубете ги своите непријатели и молете се за оние што ве прогонуваат,

  45. 45

    за да бидете синови на вашиот небесен Татко, Кој прави Своето сонце да изгрева над лошите и добрите и дава дожд на праведните и неправедните.

  46. 46

    Зашто, ако ги љубите оние што ве љубат, каква награда имате? Зар не го прават истото и даночниците?

  47. 47

    И ако ги поздравувате само своите браќа, што особено правите? Не постапуваат ли така и незнабожците?

  48. 48

    Затоа бидете совршени, како што е совршен вашиот небесен Татко.“