Прескокни кон главната содржина

Матеј

Глава 4

  1. 1

    Тогаш Духот Го одведе во пустина за да биде искушуван од ѓаволот.

  2. 2

    И кога постеше четириесет дена и четириесет ноќи, на крајот огладне.

  3. 3

    А кога се приближи до Него, искушувачот Му рече: „Ако си Божји Син, кажи овие камења да станат лебови.“

  4. 4

    Но Исус одговори: „Напишано е: ‚Човек не живее само од леб, туку од секој збор што излегува од Божјата уста.‘“

  5. 5

    Потоа ѓаволот Го одведе во светиот град и Го постави на врвот на храмот

  6. 6

    и Му рече: „Ако си Божји Син, фрли се долу; зашто е напишано: ‚На Своите ангели ќе им заповеда за Тебе‘, и: ‚На раце ќе Те носат, за да не ја удриш ногата во камен.‘“

  7. 7

    А Исус му рече: „Напишано е исто така – ‚Не искушувај Го Господ, Твојот Бог‘.“

  8. 8

    Потоа ѓаволот Го одведе на многу висока планина, и Му ги покажа сите царства на светот и нивната слава,

  9. 9

    и Му рече: „Сето ова ќе Ти го дадам, ако паднеш и ми се поклониш.“

  10. 10

    Тогаш Исус му рече: „Оди си, сатано! Зашто е напишано: ‚На Господ, твојот Бог, поклонувај Му се и служи само Нему.‘“

  11. 11

    Тогаш ѓаволот Го остави, и ете, дојдоа ангели и Му служеа.

  12. 12

    А кога чу дека Јован е предаден, отиде во Галилеја;

  13. 13

    и кога го остави Назарет, дојде и се насели во Капернаум, крај морето, во пределите на Завулон и Нефталим,

  14. 14

    за да се исполни реченото преку пророкот Исаија, кој вели:

  15. 15

    „Земјата на Завулон и земјата на Нефталим, крајморскиот пат, земјата од другата страна на Јордан, Галилеја на незнабожците,

  16. 16

    народот што седеше во темнина виде голема светлина; а на оние што седеа во земјата на смртната сенка им изгреа светлина.“

  17. 17

    Оттогаш почна Исус да проповеда и да зборува: „Покајте се, зашто се приближи небесното царство!“

  18. 18

    Додека одеше покрај Галилејското Море, Исус ги виде двајцата браќа: Симон, наречен Петар, и неговиот брат Андреј. Тие фрлаа мрежа во морето, зашто беа рибари.

  19. 19

    Им рече: „Дојдете по Мене, и ќе ве направам ловци на луѓе.“

  20. 20

    Тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него.

  21. 21

    Продолжувајќи понатаму, виде други двајца браќа: Јаков, синот на Зеведеј, и неговиот брат Јован. Беа во чамецот со својот татко Зеведеј и ги крпеа мрежите. Исус ги повика.

  22. 22

    И тие веднаш го оставија чамецот и својот татко и тргнаа по Него.

  23. 23

    Исус одеше низ цела Галилеја, поучуваше во нивните синагоги, го проповедаше Евангелието за царството и исцелуваше секоја болест и секоја слабост меѓу народот.

  24. 24

    Гласот за Него се прошири низ цела Сирија. Му ги носеа сите болни, луѓе со разни болести и маки, опседнати од демони, луѓе со епилептични напади и парализирани; и Тој ги исцелуваше.

  25. 25

    По Него одеа многу луѓе од Галилеја, Декапол, Ерусалим, Јудеја и од другата страна на Јордан.