Прескокни кон главната содржина

Матеј

Глава 3

  1. 1

    Во тие денови дојде Јован Крстител и проповедаше во Јудејската пустина,

  2. 2

    и зборуваше: „Покајте се, зашто се приближи небесното царство!“

  3. 3

    Тој е оној за кого зборуваше пророкот Исаија: „Глас на оној што вика во пустината: Подгответе го патот на Господ, исправете Му ги патеките.“

  4. 4

    А сам Јован имаше облека од камилски влакна и појас од кожа околу половината, а храната му се состоеше од скакулци и див мед.

  5. 5

    Тогаш кај него доаѓаа луѓе од Ерусалим, од цела Јудеја и од целиот крај околу Јордан,

  6. 6

    и се крштаваа од него во реката Јордан, исповедувајќи ги своите гревови.

  7. 7

    Кога виде дека многу фарисеи и садукеи доаѓаат на крштавањето, им рече: „Змиски породу! Кој ве предупреди да бегате од гневот што доаѓа?

  8. 8

    Донесете плод достоен за покајание.

  9. 9

    И не мислете дека можете да велите во себе: ‚Авраам ни е татко.‘ Ви велам: Бог може и од овие камења да подигне деца на Авраам.

  10. 10

    Секирата веќе лежи кај коренот на дрвјата; затоа секое дрво што не дава добар плод се сече и се фрла во оган.

  11. 11

    Јас ве крштавам со вода за покајание; но Оној што доаѓа по мене е посилен од мене, и јас не сум достоен да Му ги понесам сандалите. Тој ќе ве крсти со Светиот Дух и со оган.

  12. 12

    Лопатата за веење е во Неговата рака. Тој целосно ќе го исчисти Своето гумно, ќе ја собере пченицата во житницата, а плевата ќе ја изгори со неизгаслив оган.“

  13. 13

    Тогаш дојде Исус од Галилеја кај Јован, на реката Јордан, за да се крсти од него.

  14. 14

    Но Јован Го одвраќаше и велеше: „Јас треба да бидам крстен од Тебе, а Ти доаѓаш кај мене?“

  15. 15

    Исус му одговори: „Остави сега, зашто вака ни прилега да ја исполниме секоја праведност.“ Тогаш Јован Му дозволи.

  16. 16

    И штом се крсти, Исус веднаш излезе од водата. Одеднаш Му се отворија небесата, и Го виде Божјиот Дух да слегува како гулаб и да се спушта над Него.

  17. 17

    И од небото се слушна глас: „Овој е Мојот сакан Син, со Кого сум задоволен!“