Матеј
Глава 2
- 1
Кога Исус се роди во Витлеем, во Јудеја, во времето на цар Ирод, во Ерусалим дојдоа мудреци од исток
- 2
и прашаа: „Каде е новородениот Јудејски Цар? Ја видовме Неговата ѕвезда на Исток и дојдовме да Му се поклониме.“
- 3
Штом го чу тоа, цар Ирод се вознемири, а со него и целиот Ерусалим.
- 4
Ги собра сите првосвештеници и учители на Законот и ги праша каде треба да се роди Христос.
- 5
Тие му одговорија: „Во Витлеем, во Јудеја, зашто вака е напишано преку пророкот:
- 6
‚И ти, Витлееме, во Јудината земја, никако не си најмал меѓу јудејските владетели, зашто од тебе ќе излезе Владетел Кој ќе го пасе Мојот народ Израел.‘“
- 7
Тогаш Ирод тајно ги повика мудреците и дозна од нив точно кога се појавила ѕвездата,
- 8
па, испраќајќи ги во Витлеем, рече: „Отидете и распрашајте се добро за Детето и, штом ќе Го најдете, јавете ми за да отидам и јас да Му се поклонам.“
- 9
Откако го ислушаа царот, тргнаа. Ѕвездата што ја видоа на Исток одеше пред нив, сѐ додека не застана над местото каде што беше Детето.
- 10
А кога ја видоа ѕвездата, тие се израдуваа со многу голема радост.
- 11
Влегоа во куќата, Го видоа Детето со Марија, Неговата мајка, паднаа ничкум и Му се поклонија. Потоа ги отворија своите ковчежиња и Му принесоа дарови: злато, темјан и смирна.
- 12
А бидејќи во сон беа предупредени да не се враќаат кај Ирод, си заминаа во својата земја по друг пат.
- 13
Откако мудреците си заминаа, Господов ангел му се јави на Јосиф во сон и му рече: „Стани, земи Го Детето и Неговата мајка и бегај во Египет. Остани таму додека не ти кажам, зашто Ирод ќе Го бара Детето за да Го убие.“
- 14
Јосиф стана уште истата ноќ, Го зеде Детето и Неговата мајка и замина во Египет.
- 15
Таму остана до Иродовата смрт, за да се исполни она што Господ го рече преку пророкот: „Од Египет Го повикав Својот Син.“
- 16
Кога Ирод виде дека мудреците го надмудриле, многу се разгневи. Нареди да бидат убиени сите машки деца во Витлеем и во целата околина, на возраст до две години, според времето што точно го дозна од мудреците.
- 17
Тогаш се исполни кажаното преку пророкот Еремија, кој вели:
- 18
„Глас се слушна во Рама, плач и голем лелек: Рахила ги оплакува своите деца и не сака да се утеши, зашто ги нема.“
- 19
По Иродовата смрт, Господов ангел му се јави на Јосиф во сон, додека беше во Египет,
- 20
и му рече: „Стани, земи Го Детето и Неговата мајка и оди во Израелевата земја, зашто умреа оние што сакаа да Го убијат Детето.“
- 21
Тој стана, Го зеде Детето и Неговата мајка и дојде во Израелевата земја.
- 22
Но кога чу дека во Јудеја владее Архелај наместо својот татко Ирод, се исплаши да оди таму. Откако беше предупреден во сон, замина во Галилејските предели.
- 23
Дојде и се насели во градот наречен Назарет, за да се исполни она што беше речено преку пророците: „Ќе биде наречен Назареец.“