Прескокни кон главната содржина

4 Мојсеева — Броеви

Глава 34

  1. 1

    Господ му рече на Мојсеј:

  2. 2

    „Заповедај им на Израелевите синови и кажи им: Кога ќе влезете во ханаанската земја, ова е земјата што ќе ви падне во наследство, ханаанската земја според нејзините граници:

  3. 3

    вашата јужна страна нека биде од пустината Син покрај Едом, а јужната граница нека ви биде од крајот на Соленото Море кон исток.

  4. 4

    И границата нека ви завртува јужно од искачувањето на Акравим, нека преминува до Син, и нејзиниот излез нека биде јужно од Кадис–Варни; нека минува до Асар–Адар и нека продолжува до Асмон.

  5. 5

    Потоа границата нека завртува од Асмон до Египетскиот Поток, и нејзиниот крај нека биде кај морето.

  6. 6

    А вашата западна граница нека биде Големото Море и неговиот брег; тоа нека ви биде западна граница.

  7. 7

    А ова нека ви биде северна граница: од Големото Море повлечете граница до гората Ор.

  8. 8

    Од гората Ор повлечете граница до влезот во Емат, и излезот на границата нека биде кај Седад.

  9. 9

    Потоа границата нека продолжува до Зифрон, и нејзиниот крај нека биде кај Асар–Енон; тоа нека ви биде северна граница.

  10. 10

    А за источна граница повлечете линија од Асар–Енон до Сефам.

  11. 11

    И границата нека слегува од Сефам до Ривла, источно од Аин; потоа границата нека слегува и нека се допира до источниот брег на Хинеретското Море.

  12. 12

    И границата нека слегува до Јордан, а нејзиниот крај нека биде кај Соленото Море. Тоа нека ви биде земјата според нејзините граници наоколу.“

  13. 13

    И Мојсеј им заповеда на Израелевите синови, велејќи: „Ова е земјата што ќе ја наследите со ждрепка, што Господ заповеда да им се даде на деветте племиња и на половината племе.

  14. 14

    Зашто племето на синовите Рувимови според домовите на нивните татковци, и племето на синовите Гадови според домовите на нивните татковци, ја добија својата сопственост; и половината племе Манасија ја доби својата сопственост.

  15. 15

    Двете племиња и половината племе ја добија својата сопственост од оваа страна на Јордан, спроти Ерихон, кон исток, каде што изгрева сонцето.“

  16. 16

    Господ му рече на Мојсеј:

  17. 17

    „Ова се имињата на луѓето што ќе ви ја разделат земјата: свештеникот Елеазар и Исус, синот на Навин.

  18. 18

    И по еден кнез од секое племе земете за да ја разделат земјата како наследство.“

  19. 19

    А ова се имињата на тие луѓе: од племето Јуда – Халев, синот на Јефуне;

  20. 20

    од племето на синовите на Симеон – Самуил, синот на Амиуд;

  21. 21

    од племето Венијаминово – Елидад, синот на Хислон;

  22. 22

    и од племето на синовите Дан – кнезот Букиј, синот на Јогли;

  23. 23

    од синовите Јосифови: од племето на синовите Манасиеви – кнезот Ханиил, синот на Ефод;

  24. 24

    и од племето на синовите Ефремови – кнезот Кемуил, синот на Сифтан;

  25. 25

    од племето на синовите Завулонови – кнезот Елицафан, синот на Парнах;

  26. 26

    од племето на синовите Исахарови – кнезот Палтиил, синот на Азан;

  27. 27

    од племето на синовите Асирови – кнезот Ахиуд, синот на Шеломи;

  28. 28

    и од племето на синовите Нефталимови – кнезот Педаил, синот на Амиуд.

  29. 29

    Тоа се оние на кои Господ им заповеда да им ја разделат земјата како наследство на Израелевите синови во ханаанската земја.