Псалми
Глава 109
- 1
Боже, Кого Те прославувам, немој да молчиш!
- 2
Зашто безбожни и измамливи луѓе ја отворија устата против мене и зборуваат за мене со лажлив јазик.
- 3
Ме опкружија со зборови полни со омраза и без причина војуваат против мене.
- 4
На мојата љубов ми возвраќаат со обвиненија, а јас и понатаму се молам.
- 5
За доброто ми враќаат со зло, а за љубовта – со омраза.
- 6
Постави безбожник над него, а обвинител нека стои од неговата десна страна.
- 7
Кога ќе му се суди, нека биде прогласен за виновен, а дури и неговата молитва нека му се смета за грев.
- 8
Нека му бидат малку деновите, а друг нека ја преземе неговата служба.
- 9
Неговите деца нека останат без татко, а неговата жена нека остане вдовица.
- 10
Неговите деца нека талкаат и просат, барајќи леб далеку од своите разурнати домови.
- 11
Доверителот нека му одземе сѐ што има, а туѓинци нека го разграбат плодот од неговиот труд.
- 12
Никој нека не му покаже милост, ниту некој нека се смилува над неговите сираци.
- 13
Неговото потомство нека биде отсечено, а во следното поколение нивното име нека биде избришано.
- 14
Господ нека се сети на беззаконието на неговите татковци, и гревот на неговата мајка нека не биде избришан.
- 15
Нивните гревови нека бидат постојано пред Господ, сѐ додека Тој не го избрише споменот за нив од земјата.
- 16
Зашто тој не се сети да покаже милост, туку го гонеше сиромашниот, бедниот и скршениот по срце, сакајќи да го погуби.
- 17
Го сакаше проклетството – нека го стигне; не го сакаше благословот – нека остане далеку од него.
- 18
Проклетството го носеше како облека; нека проникне во него како вода и во неговите коски како масло.
- 19
Нека му стане како облека што постојано ја носи и како појас што никогаш не го симнува.
- 20
Таква нека биде од Господ платата за моите обвинители и за оние што зборуваат зло против мене.
- 21
Но Ти, Господи Боже, постапи со мене заради Своето име; избави ме, зашто Твојата милост е добра.
- 22
Зашто сум сиромашен и беден, а срцето во мене ми е рането.
- 23
Исчезнувам како сенка што се издолжува; однесен сум како скакулец.
- 24
Колената ми ослабнаа од пост, а телото ми ослабе од недостиг на храна.
- 25
Станав предмет на потсмев; кога ме гледаат, само одмавнуваат со главата.
- 26
Господи, Боже мој, дојди ми на помош и спаси ме според Својата милост.
- 27
Нека знаат дека Твојата рака го направи ова, дека Ти, Господи, дејствуваше.
- 28
Тие нека проколнуваат, но Ти благословувај; кога ќе станат против мене, нека бидат посрамени, а Твојот слуга нека се радува.
- 29
Нека се облечат со срам моите обвинители и нека се покријат со своето понижување како со наметка.
- 30
Со својата уста гласно ќе Му благодарам на Господ и ќе Го славам среде големо мноштво,
- 31
зашто Тој стои од десната страна на сиромашниот и го спасува од оние што сакаат да го осудат.