Псалми
Глава 112
- 1
Блажен е човекот што има страв од Господ и наоѓа голема радост во Неговите заповеди.
- 2
Неговото потомство ќе биде силно на земјата, а поколението на праведните ќе биде благословено.
- 3
Во неговиот дом има изобилство и богатство, а неговата праведност останува довека.
- 4
И среде темнината за праведните изгрева светлина; тој е благ, милостив и праведен.
- 5
Добро му е на човекот што е милостив и дава на заем, и што чесно ги води своите работи.
- 6
Таквиот човек никогаш нема да се поколеба; праведниот ќе остане во вечен спомен.
- 7
Нема да се плаши кога ќе чуе лоша вест; неговото срце е цврсто, зашто се надева на Господ.
- 8
Неговото срце е цврсто и не се плаши; на крајот со свои очи ќе го види поразот на непријателите.
- 9
Тој великодушно разделува и им дава на сиромашните; неговата праведност трае довека, а неговиот углед ќе се издигне со чест.
- 10
Безбожникот ќе го види тоа и ќе се јадосува; ќе чкрта со забите и ќе исчезне, а желбата на безбожните ќе пропадне.