Псалми
Глава 127
- 1
Ако Господ не го гради домот, залудно се трудат оние што го градат. Ако Господ не го чува градот, залудно бдее чуварот.
- 2
Залудно станувате рано и легнувате доцна, јадејќи леб заработен со тежок труд; зашто на оној што го љуби, Господ му дава и додека спие.
- 3
Еве, децата се наследство што доаѓа од Господ; плодот на утробата е награда од Него.
- 4
Како стрели во раката на воин, такви се децата што човек ги добива во својата младост.
- 5
Блажен е човекот што го наполнил својот тул со нив! Тој нема да се посрами кога ќе се соочи со своите непријатели пред градската порта.