Псалми
Глава 138
- 1
Ќе Те славам од сето срце; и пред боговите ќе Ти пеам пофалба.
- 2
Ќе се поклонам свртен кон Твојот свет храм и ќе го славам Твоето име поради Твојата милост и верност, зашто го возвеличи Својот збор над сето Свое име.
- 3
Кога повикав кон Тебе, Ти ми одговори; ме охрабри и ѝ даде нова сила на мојата душа.
- 4
Сите земни цареви ќе Те слават, Господи, кога ќе ги чујат зборовите што излегуваат од Твојата уста.
- 5
Тие ќе пеат за Господовите патишта, зашто славата на Господ е голема.
- 6
Иако Господ е возвишен, Тој се грижи за понизниот, а горделивиот го препознава и оддалеку.
- 7
И кога одам среде неволја, Ти ќе ми го зачуваш животот; ќе ја протегнеш Својата рака против гневот на моите непријатели, а Твојата десна рака ќе ме избави.
- 8
Господ ќе го доврши делото што го започна за мене. Господи, Твојата милост трае довека; не оставај го незавршено делото на Своите раце.